Ксенократија

Терминот е, секако, грчки. Значи управување на државата од странство, од туѓинци. Се разбира дека може да го замените со баварократија, што значи пак исто: управување на државата од Баварци. Ова некако ме потсетува на политичкото секојдневие во Република Македонија. Имам чувство дека со децении „самостојната“ држава некои сили ја управуваат однадвор, а домашната политичка елита со децении се подизвршители на таквиот менаџмент однадвор. Може и да не се согласувате, имате повисоко патриотско самочувствие, кое мене очигледно ми недостига и вие за себе ќе ја употребите фразата „ние сме свои на своето“ за да ме убедите. Затоа ќе посочам примери однадвор или како е во современата политичка фраза – земји од регионот.

Грција е признаена за независна монархија на 1 мај 1832 година. За крал е избран 17-годишниот Отон, син на баварскиот крал, кој до навршувањето на полнолетството е управуван со регентство. Знам, ќе ме прекорите, нашата политичка елита беше барем десет години постара и понеискусна од него. Регент е управител од страна, кој привремено ги исполнува задолженијата на монарх. Во монархиите вообичаено се избира регент да ја управува државата при отсуство на деловна способност, вклучувајќи и малолетност на монархот. Малолетниот крал на Грција, Отон, први од династијата Вителсбах, пристига во Грција во почетокот на февруари, не да ја посети зоолошката градина или Вотерленд, туку да ја управува младата држава. Таму пристигнува заедно со назначеното регентство од страна на татко му, во придружба на баварски офицери и војници, и владее од 6 февруари до 23 октомври 1862 година.

Првата фигура на регентството, истовремено и на политичкиот живот во Грција, станува гроф Амансберг. Високите државни должности ги заземаат Баварци, назначени од регентството. Во грчката администрација се воведува германски јазик (зошто ова ме потсетува на РМ и Ангела Меркел, не можам да се сетам, во моментот). Баварските офицери ја обучуваат грчката армија, а баварскиот воен контингент воспоставува ред со смирување на селаните и постојано следење на недоразбирањата (ете и ова неверојатно ме потсетува на РМ, ама не знам зошто). Таквото управување Грците го нарекуваат ксенократија (гр. странец+држава) или баварократија (управување на државата од Баварци). Германското владеење продолжува со нови династии: Шлезинг – Холштајн – Зонденбург – Глуксбург. Кралевите земаат грчки имиња, за народот да ги чувствува како свои, а неписмените од други соседни држави да си мислат дека тоа се грчки кралски династии. На своите кралски имиња додаваат „иос“ како на пример: Георгиос Први, роден во 1845 г.во Копенхаген, Данска. Владеел со Грција од 1863 до 1913 година. Константинос е роден во 1868 г. во Атина, но не е Грк, туку син на Георгиос Први. Константинос владеел со Грција од 1913 до 1917 г. Александрос Први е роден во Атина но не е Грк, владеел со Грција од 1917 до 1920 година. Константинос Први е роден во Атина, но не е Грк, владеел од 1920 до 1922 г. Георгиос Втори е роден во Торино во 1860 г. и владеел од 1922 до 1924 и повторно од 3 ноември 1935 до 1 април 1947 година. Власта ја предава на 18 март 1936 г. на премиерот Јоанис Метаксас. Периодот на неговото владеење се нарекува „диктатурата на Метаксас“. За време на Втората светска војна, Георгиос Втори ја напушта Грција, но повторно, по третпат(!), станува крал на Грција, кога се враќа во септември 1946 г. и таму умира во 1947 година. Уште за време на неговото владеење во Грција избувнува граѓанска војна. Тоа е првиот голем оружен конфликт во Европа.

Почнала војна поддржана од комунистите на СССР, ФНР Југославија, НР Бугарија. Но, според договорот Черчил – Сталин, Грција потпаѓа под британска сфера на влијание и команда на британскиот генерал Скоби. Всушност, почнува комунистичко-капиталистичка војна во Грција, именувана како Граѓанска војна (грчки: Емфилиос полемос). Во почетокот на 1945 година, формациите на Елас се обидуваат да ги заземат териториите што ги напуштаат Германците, вклучувајќи ја и Атина, но жестоко се одбиени од британската војска. Тоа е првата Граѓанска војна во која учествуваат и други граѓани, од други држави: Велика Британија и САД. Од 1946 до 1949 г. помеѓу монархофашистите и КПГ, кои имале намера да ја отцепат Западна и Централна Егејска Македонија (тоа е првата употреба на географска одредница) на „славјанофоните“ и да ја соединат со Југославија или со Бугарија, бидејќи Тито и Георги Димитров ѝ давале сериозна поддршка и оружје на КПГ и планирале балканска федерација. Лидерот на КПГ, Никос Зараријадис, бил затворен во концентрациониот логор Дахау од 1941 до 1945, ги посетил Белград и Тито, пролетта 1946 г., а потоа се сретнал со Сталин на Крим (кој, исто така, деновиве доживува граѓанска војна). Во 1947 година грчките комунисти-партизани се вкупно 23.000 борци, од кои 20 проценти (4.600) се жени, наспроти 180.000 владина војска. САД започнуваат засилена финансиска поддршка на грчката влада (доктрината на Труман). Грчката влада добива современи американски авиони и применува тактика „спржена земја“, напалм-бомби што се употребени од грчката и англиската кралска воена авијација врз Егејска Македонија, која Грција до 1990-тите ја нарекуваше Северна Грција, а денес Централна Македонија. Модата за „географска одредница“ стана стандард. Извршени се 1.467 воздушни напади, од кои над 120 со напалм-бомби, фрлени се над 288 тони бомби и 1.935 ракети. Акциите на земните сили се уште пожестоки и продолжуваат до 1950 година. Илјадници луѓе се репресирани, пратени во логори, насилно раселени. Од Грција бегаат 28.000 деца во земјите на социјалистичкиот блок. Монархијата други 12.000 деца ги става во логори по грчките острови, под свој надзор, повеќе од нив се дадени на посвојување преку океанот. На емигрантите им е забрането враќање во родните места. Простете, поентата на колумната сакав да биде „разликите во името“. Разликите станаа спор, а спорот тивка војна помеѓу Р Грција и Република Македонија.

Која би била причината, а јас не ја знам, а вие толку време (70, а не 27 години) ми ја прикривате?. Може ли САД, Германија, Велика Британија, Италија да не застанат на страната на својот миленик, туку на страната на Република Македонија? Која е причината, овие ѕверства кон децата бегалци да се помал холокауст од еврејскиот холокауст и тоа да се прикрие со „разликите во името“? Поминав 50 г., кога од Џејми Шеј научив што значи зборот ethnic cleansing на англиски. Зошто туѓите грешки да се бришат со туѓи судбини? Веќе еднаш докажаа дека тие се силата на светскиот поредок. Наметнувајќи нов поредок, наметнувате нови судбини, што, простете, ама не го прифаќам во ниедни околности, ниту во околности на референдум. Ако се сила што спроведува правдина, спроведете правдина, аме не насила. Разбирам дека на многубројните политички елити што се покажаа недораснати им треба политичко ферментирање и регентско управување однадвор, однатре народот покажа зрелост и не наметнувајте му насилни методи и заканувачки или застрашувачки сценарија. Знаеме, на таа тема не сме ви дораснати.

П.С.
„Долготрајното ропство и лошото управување можат толку да ги збунат и унакажат сфаќањата на еден народ, па здравиот разум и вистинското расудување толку ослабуваат и тие комплетно се извитоперуваат. Таков растроен народ не може повеќе да разликува не само добро од зло, туку и својата полза од штета.“
Иво Андриќ(нобеловец)