Скици за човекот
Парадоксално, уметниците не научија меѓусебно да се помилуваат партиски. Кога еден ешалон уметници „блиски до некоја власт“ ќе биде сменет од каква и да е функција, ќе биде душмански срамнет со земја од „новиот ешалон“, близок до новата власт
Умре критиката, Бог да ја прости. А ние стануваме свилени. Односно, свилено-суетни. Суетата и бара свила за облека: не е навикната на грубо сукно. Никој од нас веќе не трпи критика. Особено не свилените луѓе со челична тупаница за одмазда: политичарите.
Кога некој некого ќе искритикува, на овој му се вцрвуваат очите од суета и гневна крв му јурнува во главата: ќе му расцвета како преполнo црешово топче ако не се одмазди. Тоа кај мене секогаш буди сеќавање на една детска сликовница за баронот Минхаузен: еден генерал, чија глава некогаш настрадала од меч во некоја битка, на врвот од черепот, наместо скалп, има метален капак што може да го отшрафи. Така, мозокот му се луфтира по желба. Тој генерал тоа го правеше кога ќе се опие, а на сликата беше нацртан алкохолен „чад“, по чие испарување генералот можеше повторно да пие. За несреќа, ние, луѓето што секоја критика нѐ разгневува, немаме таков капак за испарување на суетата. Рака на срце, има вистина и во тоа дека критиката денес веќе не е тоа што беше, и тоа што треба да биде – ДОБРОНАМЕРНО укажување некому дека греши, со желба тој некој да се врати на вистинскиот пат, зашто МОЖЕ ПОВЕЌЕ. Тоа е етичката „работна хипотеза“ на секоја вистинска критика. Освен тоа, критиката треба да биде АРГУМЕНТИРАНО укажување каде греши некој. Наспроти тоа, денес „критиката“ сè повеќе служи да погребе некого и да го осрамоти, а не да го „поправи“ или „преобрати“. Таквата критика се вика КЛЕВЕТА и има само една намера: да фрли дамка, зашто на белата кошула, како и на образот на чесниот, и само една дамка изгледа страшно. На валканите кошули и образи една дамка повеќе не се ни забележува.
Во ова време на целосно превртени вредности, во кое поимот „клевета“ го израмнивме со поимот „критика“, станува опасно човек аргументирано да критикува некого или нешто, затоа што таа критика автоматски ќе биде сфатена или како напад врз партијата зад која таа „личност“ се крие, или, пак, како напад „врз угледот и честа на личноста“, никако врз личноста самата. Тоа „напад врз личноста“ е уште една флоскула, која често се користи да се амортизира аргументираната критика, особено врз политичарите. Бранителите на Трамп денес, на пример, тврдат дека повеќето критики за претседателот се однесуваат на неговата „личност“, а не на извршувањето на неговата функција. Притоа, се заборава дека извршувањето на функцијата не е БЕЗЛИЧНОСНО и е незамисливо без конкретна личност, зашто функцијата е само празна форма: празна фотелја, на која не е сеедно дали ќе седне здрава или болна личност. Интересно е како истите тие бранители ни во селски автобус не влегуваат со нетокму шофер, а одобруваат цели народи да бидат „возени“ од проблематични персоналитети. Не сфаќаат дека „честа и угледот“ таа „личност“ најчесто ги црпи само од функцијата, а не од личносни или професионални квалитети.
Така, критиката целосно исчезна од општествениот живот. Никој никого (вистински) не критикува, зашто за вистинска критика се потребни аргументи, а за аргументите е потребно знаење. Знаењето, пак, денес не се плаќа. Напротив, за клевета се потребни само малку расипана фантазија, едно попладне и добар хонорар од нарачателот. Таквите малициозни медиумски фабрикати се, се разбира, легализиран вид професионално убиство со зборови, а нивните автори – професионални вербални убијци.
Во такви услови, јасно е дека самокритиката би била само апсурд од категоријата самоубиство. Кога некој денес би излегол на телевизија и би почнал политички говор со: „Многу, премногу грешевме, срамно е колку грешевме! Чувствуваме потреба да им се извиниме на граѓаните“, веројатно во студиото брзо би влегле болничарите од најблиската лудница. И тоа на анонимен повик од истата партија што решила да се извини. Самокритиката денес, во општество на „безгрешни“ антропоцентрици, се смета за дискурс на невротичари или душевно болни. Самопокајание денес е можно само во црква, не јавно.
Умре и уметничката критика. Порано сите весници имаа богата културна рубрика, празник за око: имаше театарска, книжевна, филмска, оперска, театарска, ликовна критика. Тоа беа постојани рубрики од постојани критичари, интелектуални господа чиј збор, дури и кога не се согласувавме со нивниот вредносен суд, се ценеше. Чекавме да излезе ЛИК за да видиме што напишале критичарите за најновата претстава, за најновиот роман или стихозбирка. Кога не ни се допаѓаа нивните ставови, знаевме по кафеаните да кажеме дека се дунстери, но – зошто тогаш, ако ништо не ни значеше нивниот суд, уште на полноќ, од уличните колпортери купувавме утрешен весник? Понекогаш развивавме и полемика со нив, во весник: здрава борба во која копја беа аргументите, а не ОМАЛОВАЖУВАЊЕТО на другиот. Сум полемизирал и со многумина колеги писатели од мојата генерација, а тоа сепак не ми се одразило на идните коректни односи со нив. Што напишале за мене и што сум напишал јас за Јадранка Владова, Билјана Ангеловска, Елизабета Шелева, Александар Прокопиев, Христо Петрески – да бевме од денешнава свилена сорта луѓе, која враќа со челичната тупаница на партијата и моќта, куќите ќе си ги запалевме, гумите ќе си ги издупчевме, нозете на паркинг ќе си ги искршевме преку платеници. Жалам за тие времиња кога луѓето беа нормални и кога критиката не беше убиство. Денес, и кога ги има, критиките служат само за меѓусебни пофалби. Сите сме одлични – како и децата по основните училишта и гимназиите. Не ме чепкај, не те чепкам.
Кога малку подобро ќе се размисли, тоа „не ме чепкај – не те чепкам“ го практикуваат и најжестоките политички опоненти: иако изгледа дека постојано се бијат со тешка портпаролска артилерија, тие, на еден премолчен начин, сепак не се чепкаат. Односно, се ПОШТЕДУВААТ кога власта ќе се смени: си прогледуваат низ прсти ако некој од претходните имал лепливи прсти, со тоа што се очекува и тој кому му е прогледано низ прсти, кога повторно ќе дојде на власт (а се сменуваат попрецизно од денот и ноќта), да прогледа низ нечии туѓи лепливи прсти. Тоа е невидливо помилување на „браќата по професија“.
Парадоксално, уметниците не научија меѓусебно да се помилуваат партиски. Кога еден ешалон уметници „блиски до некоја власт“ ќе биде сменет од каква и да е функција, ќе биде душмански срамнет со земја од „новиот ешалон“, близок до новата власт. Каква подмолна политизација на уметноста: па уметникот е близок само до Бога, ама парите му ги дава конкретно, земно министерство што најбезобразно и постојано е приватизирано или од една, или од друга власт! Е, уметници-безумници! Учете од политичарите како се помилува „непријателот“! А ако не сакате, на вистинскиот пат може само уште да ве врати некој здрав критичар, кој ќе ја запердаши со аргументи вашата „уметност“. Ви треба некој нов Митрев, некој нов Солев, некој нов Вангелов, строги ама учени и праведни, подготвени за полемика, без страв дека и тие ќе примат критички удар. Зашто тие знаат: силен е оној што ќе издржи, а не оној што ќе зададе удар, и тоа најчесто – подмолен.
Ама такви критичари веќе нема. И нема наскоро ни да ги има. Зошто? Затоа што, прво, лудилото одамна не е на каучот на Фројд или во изолацијата на Шарко, туку насекаде по општеството, обземено од кариера. А лудило не се критикува, тоа се лекува, ако воопшто се лекува. Второ: ако не е лудило, тогаш е длабоко незнаење. Но вреди да се критикува само она што може да се поправи. Непоправливото не може, како и совршеното, и затоа непоправливото за себе мисли дека е совршено. Но има разлика: првото е шупливо како тиква, второто полно како око. Тоа е тоа.