Никој разумен нема да помисли дека тоа што го прави Владата (или партијата), го прави без правна основа, дека целата оваа работа е самоволна авантура на претседателот Зоран Заев и на неговите најблиски соработници. Но факт е дека официјални документи, официјални одлуки да се смени името и сѐ што е поврзано со него, нема од никого и од никаде
Пред триесет години, откако бев избран за генерален директор на НИП „Нова Македонија“ ги посетував директорите на секторите. Сите до еден беа повозрасни и поискусни од мене. Сакав да ги чујам нивните мислења за компанијата, барав да ми посочат нивни искуства и да ме упатат во работи што не ми беа струка. Влегувајќи во канцеларијата на директорот за продажба и маркетинг, еден искусен економист и трговец, го затекнав како чита „Службен весник на СРМ“ (Социјалистичка Република Македонија), весник во кој се објавуваа сите закони што ги носеше државата. Познавајќи го како страстен љубител на спортот и како читател на сите тогашни спортски весници, се најдов наивно изненаден од тоа што го чита. Го прашав од каде сега не чита спорт туку „Службен весник“, имајќи на ум дека е човек што умешно се снаоѓа во секакви ситуации и не држи многу до она што пишува во службениот весник. Неговиот одговор беше експресен, во духот на времето што доаѓаше, беше „дил ориентид“. Рече дека „Службен весник“ чита редовно, но не толку за да ги научи законите колку во нив да најде „дупки“ што би биле корисни за работата на неговиот сектор, особено за трговијата.
Овој одговор ме потсетува на сегашната ситуација околу преговорите за името со Република Грција. „Дупките во законот“ од директорот за трговија сега по дефиниција ги изедначувам со актуелните изјави дека се бараат таканаречени „креативни решенија“ за да се затвори проблемот. Под таа интензивна и ангажирана потрага по креативност може да се разберат македонските и меѓународните обиди да се најдат „дупки“ во домашните закони и во Уставот за да се потпише некаков меѓународен договор при што би биле заобиколени сите правни акти и законски процедури што ги штитат името на државата и националниот идентитет на Македонците. Секако да се омаловажи, дури и да се прескокне, легитимноста на Уставот, да се намали важноста на сите други надлежни политички институции, да се заборават ветувањата и да се избегне чија било идна евентуална одговорност за стореното.
На посоченава тема весникот „Нова Македонија“ минатата недела објави впечатливо писмо од госпоѓата Милојка Калкашлиева, судијка во пензија, која најотворено постави неколку суштински прашања. Каде го наоѓа Владата овластувањето за склучување меѓународен договор за ново име на државата, со привремена рамка за имплементација на евентуалното идно решение за името? И дали Уставниот суд е или не е надлежен да ја оценува уставноста на меѓународните договори? Како одговор реди низа факти, цитира редица закони и на крајот заклучува дека такво овластување во македонските правни акти и подакти не постои. Таа, за жал, не го елаборира прашањето што би имало поголема правна сила: меѓународниот договор или домашниот Устав, но и по ова прашање досега има дилеми, различни одговори, односно никој во Македонија не знае и не може да утврди што е посилно. Дилема од типот што е постаро – кокошката или јајцето.
Со леснотија, како за многу други нешта, Владата и нејзините советници укажувањето на Калкашлиева може да го сметаат за каприц на една пензионерка што нема друга работа. Може текстот да го фрлат во канта (ако воопшто го прочитале), како што фрлаат во канта или ги сметаат за тоалетна хартија сите обраќања и сугестии што изразуваат загриженост за судбината на државата, за идентитетот на македонскиот народ.
Но секој разумен, во власта или надвор од неа, сигурно би се запрашал: има ли барем грам вистина во тоа што е напишано од судијката, зашто станува збор за иден вековен статус на државата и нацијата, а не за решение за уривање плевна што се носи во некоја месна заедница, селска. Ако се тргне по трагата на тврдењата на судијката навистина ќе се види дека такви правни акти не постојат, дека Владата нема донесено акт по кој ќе се преговара за промена на името, дека најголемата водечка партија СДСМ нема официјален документ од седница на кое било нејзино тело или орган дека се прифаќаат промена на името и промена на Уставот на Република Македонија.
Никој разумен нема да помисли дека тоа што го прави Владата (или партијата), го прави без правна основа, дека целата оваа работа е самоволна авантура на претседателот Зоран Заев и неговите најблиски соработници. Но факт е дека официјални документи, официјални одлуки да се смени името и сѐ што е поврзано со него, нема од никого и од никаде. Такво нешто не може да се најде во ниту еден број на „Службен весник на РМ“, што ја има истата функција што ја имаше пред триесет години во СРМ.
Но ако ги прескокнеме наведените факти и ако се согласиме дека проблемот е само од правен аспект досега ќе беше лесно решлив и надминат. Од тој аспект државата доби една голема битка со пресудата на Хашкиот меѓународен суд, пресуда во македонска корист, од која властите доброволно се откажаа од нејзино користење во преговорите. Проблемот за името дополнително (или примарно) има силен национален, емоционален и морален набој, аспекти што странските учесници во преговорите не мора да ги земаат предвид, но македонските преговарачи не смеат да ги заборават. Вистина е дека во високата политика и меѓу високите политичари нема чувства, нема сентименталност, нема емоции, но кога станува збор за практични одлуки. Во случајов со Македонија е нешто сосема поинаку, не се работи за практика туку за цела историја на еден народ што може да се избрише со молив, со еден потпис, но не може да се заборави.
За мнозинството граѓани воопшто не е спорно дека местото на Република Македонија е во НАТО и во ЕУ и дека Македонија, од многу аспекти го заслужува тоа место, да биде рамо до рамо со напредните демократии и богати земји. Неоспорно е и дека политиката на отворени врати на Алијансата е вистинскиот пат за консолидација на мирот и стабилноста во целиот регион. Владата е цврсто определена за ефикасни домашни реформи, за демократски вредности, за владеењето на правото, за почитување на човековите права, за функционални институции во служба на граѓаните. Добрососедските односи и регионалната соработка, сосе грешките што се направени, остануваат македонски стратегиски цели и одат заедно со амбицијата за интеграција во НАТО и во ЕУ, амбиција што предолго чека клекната на прагот пред самата врата.
Дотука е сѐ јасно и нема недоразбирања во јавноста, дотолку повеќе што сите анкети покажуваат дека моминството граѓани се определени за овој пат што сега забрзано го оди актуелната влада. Недоразбирањата произлегуваат од еден друг сличен, но поинаков факт. Имено, истите тие граѓани, истиот, дури и поголем процент, се изјаснува за НАТО, но и против промена на името, особено против загрозување или бришење на националниот македонски идентитет, со што во опасност од исчезнување би се нашле јазикот, писмото и другите елементи што ја одредуваат самобитноста на еден народ.
Владата, која создава дух на инклузивни политики што водат кон решенија, а не кон проблеми, ќе биде успешна во преговорите само ако најде решение што ќе ги задоволи еднакво двете македонски (не грчките) спротивставени гледања, односно страни. На оние што се за промена на името и Уставот и на оние што се против тоа. Доколку натежне само една, особено понеповолната за Македонија, тогаш внатрешната македонска национална поделба ќе биде и натаму отворена и ќе трае долго време. Тешко дека сегашната, или која било идна влада ќе биде способна да оствари национално единство и компактност.
Во општата слика околу напорите на Македонија за влез во НАТО и во ЕУ, не може да не се вклопи основањето на групата „Охрид“, која би требало да го помогне тој процес. Оваа најнова меѓународна измислица и инсталација во Македонија, внатрешните лобисти веднаш ја оценија како одлична. За разлика од нив, скептиците сметаат дека групата наместо за помош, ќе биде тука за притисок Македонија да прифати сѐ што не сака, сѐ што досега одбивала. Некои тоа веќе го споредуваат со назначување неформален меѓународен борд, мека принудна управа што ќе управува со Заев и со Владата до конечното решение за името.
Во таа насока треба да се обрне внимание на изјавата на лидерот на групата Џорџ Робертсон, кој веднаш по изборот изјави дека е важно „Македонија да донесе добра одлука, која можеби нема да биде толку популарна, но ќе биде исклучително важна за иднините генерации“. По една ваква типично дипломатска изјава човек не може да не се запраша која е логиката, која е филозофијата да се оцени дека некоја одлука е добра, а не е популарна, односно е разочарувачка за мнозинство граѓани. Секој сериозен аналитичар само од оваа реченица ќе заклучи дека се насетува неповолното решение за Македонија. Недипломатски парафразирана изјавата на Робертсон може да се искаже на следниов начин: „Драги деца, ви соопштувам дека вашите родители, татко и мајка, се мртви, но радувајте се, тоа е добро за вас во иднина“. Но можеби е во право, тоа е западната, британско-американската логика по која ќе треба да живеат македонските генерации во иднина.