Високиот крвен притисок (хипертензија) кај човечкиот род е честа појава, која физиолошки предизвикува долгорочен притисок на крвта врз ѕидот на артериите, поради што може да предизвика здравствени проблеми како што е срцевата слабост. Притисокот е детерминиран од количеството на крв што го испумпува срцето и отпорот што го прави крвта врз крвните садови (артериите). Колку посилно пумпа срцето и колку се постеснети артериите, толку притисокот е повисок. Хипертензијата може да постои со години без да дава никакви симптоми. Но и тогаш, без симптоми, таа ги оштетува крвните садови и срцето. Најголем ризик од хипертензијата е добивање срцев или мозочен удар. Сепак, како најчести симптоми при покачен крвен притисок се главоболките, скусување на здивот или крвавење од носот, но сите тие не се специфични и не се појавуваат сѐ додека вредностите на крвниот притисок не станат животозагрозувачки.
Како покачен крвен притисок се сметаат сите вредности над 140/90 мм живин столб. Практично сите луѓе се информирани дека оваа состојба е голем ризик по здравјето. Меѓутоа, покачениот крвен притисок претставува ризик и за други состојби на здравјето, покажано е во најновите студии објавени оваа година во врвните медицински списанија ЈАМА и „Ланцет“. Покачениот крвен притисок кај луѓето родени во 1946 година е истражуван кај 502 лица и е покажано дека е здружен со видливи мозочни патологии. Имено, ваквиот притисок доведува до смалување на мозочниот волумен и поголем интензитет на белата маса. што укажува на можност од добивање Алцхајмерова деменција.
Дека покачениот притисок е ризик за когнитивно оштетување подоцна во животот било познато и порано, но била нејасна точната патогенеза. Новата студија посветена на покачениот притисок кај луѓе во возрасната група 36-69 години покажала дека ваквиот ризик постои уште порано, пред да се детектира притисокот, и дека тој треба рано да се лекува за да се овозможи максимално мозочно здравје.
Професорот Јонатан Скот од Лондонскиот колеџ вели дека тие со сигурност ја покажале улогата на покачениот крвен притисок и мозочната патологија, т.е. смалување на мозочниот волумен и зголемување на белата маса како резултат на мозочна лезија. Овие промени се јавуваат на возраст од 70 години кај испитуваната група, особено со промени на хипокампусот (одговорен за меморијата), но и појава на бета-амилоидни плаки, кои се карактеристични за Алцхајмерова деменција.
Студијата сугерира дека периодот од четвртата до шестата декада од животот претставува сензитивна фаза, кога високиот крвен притисок има особен удел во идната здравствена состојба на мозокот. Поради тоа, авторите на студијата препорачуваат мерење на притисокот пред 40-годишна возраст и порано, како и тоа да стане секојдневна рутина.
Секако дека оваа студија има свои ограничувања: истражувана е одредена група (родени 1946 година) бела популација на британски жители, сите испитаници биле когнитивно нормални, што укажува дека не може наодите да се генерализираат. Дополнително, се нагласува дека постојат и други ризични фактори за појава на деменција освен крвниот притисок.
Како поддршка на оваа студија, во август 2019-та излезе статија од истражувачи на универзитетот „Џон Хопкинс“ од САД, кои речиси педесет години ја истражувале поврзаноста на високиот крвен притисок и деменцијата на 4.700 испитаници. Тие потврдуваат дека абнормален крвен притисок во средната животна возраст и потоа ја зголемува можноста за добивање деменција.
Оваа истражувачка група нашла дека хипертензијата во средна возраст и подоцна кај 49 проценти од испитаниците ја зголемува можноста од развој на деменција споредено до оние што имаат нормален крвен притисок цело живот. Токму хипертензијата во средна возраст е поопасна од онаа во подоцнежните години од животот дури и ако притисокот стане низок, така што кај нив ризикот од деменција се зголемува дури на 62 отсто, според резултати објавени во списанието ЈАМА. Како низок притисок се опишуваат вредностите помали од 90/60 мм живин столб.
Високиот крвен притисок може да биде генетски условен, но исто така и да е резултат од недоволно движење и лоша исхрана. Како луѓето стареат, систолниот притисок (горниот) се зголемува, додека оној нискиот (дијастолен) се смалува поради структурни промени во крвните садови. Од друга страна, самата деменција може да доведе со смалување на крвниот притисок, како и нерегуларната работа на автономниот нервен систем. Дополнително, стеснувањето на артериите од која било болест и физичка неактивност може исто така да доведе до смалување на крвниот притисок во подоцнежната возраст. Според статистиката, само во САД над 75 милиони луѓе имаат покачен крвен притисок.
Според тоа, пораката од оваа статија е: редовна контрола на крвниот притисок уште од младоста, а негово лекување секогаш кога ќе се потврди дека е покачен, без да се чека тој да дава какви било симптоми.
Авторката е педијатарка и психолог