(К)рајот е во келнерајот

СКИЦИ ЗА ЧОВЕКОТ

Ниедна институција нема да стане подобра додека во неа не влезат подобри луѓе.
Требаше да се затворат кафеаните, за келнерите да станат тема.

Кога бев мал, келнерите работеа во кафеана. И беа видливи. Толку беа конкретни, што имаа и свои прекари што им го отсликуваа карактерот: Тито Цар, Стојче Газела (беше вистинска „газела“ во послужување), Иљо Сеа Бате, (велеше „сега бате“ додека чекаш), Рафе Штуц. Денес повеќето од келнерите не работат во кафеана. Невидливи се, затоа што ги има насекаде. Невидливото е чудна работа: или е скриено или го има толку насекаде што не го гледаш.

Ако малку подобро се погледне, живееме во време на сеопшт светски келнерај: држави-келнери опслужуваат држави-господа. И во секоја држава исто: келнери наспроти муштерии и господа. (Нео)либералниот капитализам е угостителско-услужна дејност, особено на Балканот. Чиста магија: никој не произведува ама сите се вработени, или како келнери или како муштерии. Е тој келнерај, кој е невидлив затоа што е сеопшт (која курва има свест дека е курва додека е во бордел, и додека не влезе во црква?) се дели на: интелектуален, уметнички и партиско-политички келнерај.

Суштината на келнерајот е: влегува муштерија. Седнува. Нарачува. Вие го послужувате: му давате она што тој сака, без коментар. На крајот плаќа. Има право на поплака кај шефот. Понекогаш остава и бакшиш. Која професија денес не го содржи овој наратив наречен „консумација“, врвот на потрошувачкото општество? Зашто, ние не консумираме само храна и пијалак туку и дипломи, партиски програми, уметност и готови јавни мислења. Преку келнери.
Земете го образованието: професорите се денес келнери. Задолжени се без поговор на студентите да им го дадат она што овие го бараат, а не она што е нужно да се знае. Предавањата треба да не го оптоваруваат мозокот, туку само површно да ги заситат папилите и интелектуалното непце на студентот, како младо вино. Ако не е така, студентот може да пише поплака до шефот дека конобарот е неподготвен.

Студентите од Болоњската декларација наваму ги оценуваат професорите дури и со она скандалозно мислење – дали професорот добро ја познава материјата (што тие допрва ја учат)?! А не толку одамна го учевме и тоа што го сакаме и тоа што не ни е мерак: морав да ги знам за секој испит метричките стапки наизуст, иако метричка поезија веќе одамна ретко кој пишува. Денес се учат само лесното и пријатното. Главно, студентите не ги интересира што е на задолжителното „мени“ на наставните програми, туку содржини „а ла карт“ (фамозните „изборност“ и „опционалност“). Се спушта и стилот на предавањата: се упростуваат дефинициите, се избираат „поедноставни зборови“. Зошто? Затоа што студентите плаќаат. Никако да расчистиме дека не плаќаат ни диплома ни испит, туку предавања: плаќаат за да учат. Еднаш, на еден факултет слушнав како деканот му рече на еден професор: „Не претерувај со туркање, се отпишуваат, ќе немаме плата да земеме“.

Бакшиш? Да, и во образованието постои бакшиш, но си има специфично име: мито. Казнив е со закон, иако не знам зошто, кога сме – келнери. Има и други разлики меѓу професорски келнер и кафеански келнер, ама не се пресудни. Еве, само една: кога келнерот во кафеана не доаѓа веднаш, ќе почекаш или ќе кренеш рака, ословувајќи го со „господине“. На факултет не мораш да го чекаш келнерот, ни да му велиш „професоре“. Тој трча по тебе, зашто мора да предаде список на оние што му дошле на предавања. Без тоа и без преодна оценка од анкетата на студентите, ќе му ја одземат лиценцата од Болоња. Така што, ќе те бара тој, во краен случај кога ќе треба да уплатиш школарина.

Театар? Филм? Романи? Ма каква уметност, услужна дејност е и тоа. Време на бестселери е, нека попуваат такви како Андоновски дека тоа се бестФЕЛЕРИ. Уметниците, агентите и уметничките директори се тука да ѝ го дадат на публиката она што таа го бара, а не да ја образоваат и да ѝ го школуваат вкусот. Па луѓето плаќаат бре за уметност што ќе ги забави, не што ќе ги замори! Се бара пцост на сцена? Опали мајки и шајки, биди креативен, смисли некоја таква синтакса од гениталии на која никој досега не се сетил! Се бараат секс и голо? Соблечи артистка, иако приказната не бара такво нешто. Вади се на враќање кон природата, Русо, универзален симболизам на голото тело; тоа пали секогаш. Хомосексуална врска? Задолжително. Уфрли таков пар, да видиш како расте читаноста/гледаноста. Сакаат стереотипи за некои народи и конфесии? Попари некого бре, како готвач патки: Албанец, Русин, Србин, муслиман, што и да е. Приказна? Ти препорачувам само лесни заплети: Џим го уби Сем, ама Сем после го уби Џим, зашто не бил мртов баш докрај. Пушти го ти Абрахам Мол, нека попува дека кичот немал уметничка вредност. Парите од „Мекдоналдс“ и фаст фуд уметноста си имаат добра калорична вредност.

Да, да: има и келнер-новинар. Да ја кажува вистината? Ако е будала. Во општество на келнери-барони Минхаузени, со добри плати и бакшиши, тој, оставен сам, ќе изигрува ментална санитарна инспекција? Не: нека им го даде на читателите она што тие сакаат да го слушнат. Сакаат да слушнат дека некој што не крадел – крадел? Или обратно, дека некој што крадел – не крадел, туку давал милостина? Се готви и едното и другото, а ла карт. Нарачка ко нарачка, по вкус.

А политички келнерај? Политички експерти, колумнисти, аналитичари? Што има, пак, тука проблематично? И партиските вождови и армиите партиски гласачи ги послужуваш со она што тие сакаат да го слушнат, а не со она што ти знаеш дека е вистина. Им кажуваш дека „оние другите“ се гној. Да, генерализација е, затоа што и кај „нашите“ има некои што смрдат на нечесно. Ама и во кафеана, на 100 лигњи има една што мириса бајато, па сепак се сервира меѓу добрите. Добар угостител и кога мами – муштеријата не сеќава.

Посебна стопанска подгранка во политичкиот келнерај е меѓународниот. Дебело се плаќа, ама мораш сè точно да послужиш: со странци работиш. Тоа ти е само за келнери-професионалци. Макар што, во последно време, келнерите се жалат дека муштериите станале многу пребирливи. Минатиот пат барале некој македонски специјалитет. Нашиве им понудиле свински, телешки и јагнешки јазик. Ама овие инсистирале на МАЈЧИН јазик, во ист „сафт“ со бугарски луканки. Келнериве рекле може, ама ако им се плати дупло поскапо од телешкиот.

Според очевидци, на соседната маса си седеле тројца духови, фрескописци на мајчината реч и си пиеле жолта македонска. Првиот, Гане Кожланец, скокнал гневно и им свикал на келнериве: „Тепајмајковци недомакедончени“! Вториот, Анте Лазарополец, ги потсетил дека ѕвездите на секој народ му шепотат на мајчиниот јазик. А третиот, Петре Слоештичанец, им рекол дека човек без мајчин јазик останува сам и дека јазикот помни повеќе одошто можеме ние да заборавиме. Наспроти тоа, нашиве си го искорнале јазикот и им го послужиле на странскиве муштерии, ама – овие се накркале и си заминале спокојно, ко од своја куќа, без да платат. Нашиве останале, нормално, неми, зашто човек е нем без јазик. Нем е, рака на срце и кога има резервен јазик, ако не добил бакшиш за послуженото.

Тоа ти е келнерајот: според едни рај, според други крај. На светов, веков и професииве задолжени за лекот: вистината. Затоа, едвај чекам да се отворат кафеаните. Да видам оригинал келнер, не дублери. Да ми го даде, за мои пари, она што го сакам, пред да почне да врти машината на оној другиот, понижувачки келнерај, во големата јавна кафана: нашето угостителско-услужно државиче.