И кога би го видел човекот сал лицето волшебно на коњот самиот би си го искорнал јазикот јалов, на коњот би му го дал. Никола Заболоцки
За што да ти пишувам денес, драг читателу. За она ли „културно“ варварство на Министерството за култура, за криминалната распределба на народните пари за годинашнава културна продукција? За примената на процентуалниот Рамковен. Охридски. За етничката хаварија ли што ja потврди и легализира таа распределба? Со какви етнички проценти, ти е јасно. Доволно е тоа. Писателите сраснати со филозофијата на глушецот за дупката и трошката не реагираа, па нека им е на здравје. Или, да ти пишувам ли за пресудите на госпоѓа Добрила Кацарска? „То више мајка не раѓа“, како што вели во една своја песна мојот пријател, сега покоен, сјајниот српски поет Аца Секулиќ, а по повод другарот Тито. Но „терористите“ на кои им пресуди таа сигурно немаше да поминат подобро ни кај госпоѓа Вилма Русковска.
Може ќе им дадеше таа и над 211 години затвор. А чудни се тие македонски „терористи“. Единствена таква „терористичка“ сорта во светот, оти никого не убија, како и нивните роднини гемиџиите. И мора да е од тој факт страшно фрустриран Брисел, па и Вашингтон, бидејќи доста беше само другите да се терористи. Мораше да се произведат тие и меѓу Македонците. Арно ама планот не успеа и покрај 211 години затвор за нив, невини родољуби. Само за Игор Дурловски многумилостивата Кацарска имаше душа, па го ослободи сјајниот пејач што јa промовира на најубав начин неговата татковина и на светските оперски сцени заедно со сопругата Ана Дурловска. Тој што ја пееше македонската химна пред Собранието и е казнет за тoj грев, a оној другиот што варварски ja пееше внатре во него химната на туѓ народ беше награден со министерска фотелја. Исто како и некои други терористи во Собранието и Владата. Но сега се бараше алиби за нив, и на оваа влада-хунта добро ѝ дојде за тоа 27 април. Eksperimentum makedonicum.
Tуку што се однесува до Дурловски, пред кого се поклонувам за неговата љубов кон татковината, чест, самопочит, храброст и мартирство, тој во судницата, на судењето, кажа една потресна реченица. Реченица, која, како што вели Фимка, ќе ја запамети историјата. Пејачот рече: „Се плашам дека државата ми ја украде татковината“, повлекувајќи ја на тој начин дистанцата-бездна кај нас меѓу поимот држава и поимот татковина: државата, како, во тој облик каква што е сега, ненародна, имот на криминогени политичари и други разноразни корупциски типови, и татковината како имот на чесни по срце и душа родољуби и космополити на кои им се натоварува по грешка национализам. Таква, таа реченица на Дурловски всушност е дијагноза на некoj начин сега и на државниот тероризам кај нас, посебно со неговата вклученост во идентитетската ликвидација на Македонците.
Тоа. Како вовед во, за денес, драг читателу, основната тема на нашата колумна што ја сугерира јасно и нејзиниот наслов, како и мотото од песната на Заболоцки. Тоа е темата-полиптих во чија целина се вглобени: неговото величество Коњот, Заев, министерот Димитров. И феноменот со име Jазик. Всушност станува збор за некои „славни“ реченици што ги изговорија премиерот и министерот, и воопшто за интелигенцијата и начинот на кој тие го употребуваат Јазикот (со голема буква). Оти имаше право Бифон кога рече „Човекот е стил“ (читај: стил=израз, јазик), алудирајќи тука и на уште еден умен Французин Декарт со она „Мислам, значи постојам“. Да. Арно ама Заев и Димитров (а тука е и оној небулозен владин портпарол Бошњаковски) ниту со стил, ниту со мисла, ниту постоење ако ја земеме предвид дефиницијата за него на егзистенцијалистите, од Киркегард до Сартр и Ками, за животот како надминување и осмислување на апсурдот и стравот. Оти Заев, Димитров и Бошњаковски, како што знаеме, не ги осмислуваат ни апсурдот ни стравот, туку само ги произведуваат во енормни количества нив. За тоа постојат многу примери за илустрација. Од нив може да се направи неколкутомно издание. Сега пред сè за нивната саката употреба на јазикот.
Првин Заев. Со неговата шокантна изјава по повод Светскиот ден на холокаустот, кој сè уште не престанал да го произведува „цивилизираниот“ Запад. Обраќајќи се кон Евреите како најголема геноцидна европска жртва во Втората светска војна тој, без око да му трепне, рече дека холокаустот бил дел од нивната традицијa. Нa прв поглед дури и логично ако се има предвид егзодусната еврејска историја од библиски до денешни времиња. Па сепак, Заев воопшто не го разбира поимот традиција како најважен, примарен антрополошки факт. Тоа е поим на еден колектив што опфаќа: религија, обичаи, носии, везови, кујна и други слични нешта што се само негов царски белег на постоењето, душата и карактерот. Итн. Е, во таа смисла и не може да биде холокаустот еврејска традиција. Многу е глупо и навредливо. Што ако се извини премиерот, глупоста како метафизички факт (Крлежа) пак си останува. А да беше малку поинтелигентен тој, но не е, можеше дури и поимот холокауст да го вглоби на некој начин во еврејската традиција. На пример да речеше: „Холокаустот како колективна трагедија е толку многу присутен во историјата на Евреите, почнувајќи од Стариот завет до европскиот нацизам, и потаму од него со сè уште присутниот антисемитизама во Европа, што тој, парадоксално, воленс-ноленс станува некој вид несакана традиција на еврејското историско искуство и мартирство“. Ако ја научи оваа реченица напамет Заев може да одржи следниот пат во меморијалниот еврејски центар на холокаустот во Скопје говор за оваа „традицијa“ на Евреите. Можеби дури и во Брисел во Вашингтон.
Тоа, драг читателу. А јазикот како најдолна политичка перверзија го употребува и славниот надворешен министер (надвор од душата на татковината засекогаш) Димитар Димитров. Имено, тој додворувајќи им се на Грците, „лицем светци, срцем волци“ – Прличев, даде една перфидна изјава од која, читајќи ја не може а да не добие човек, ако е доблесен Македонец, нагон за повраќање и чувство на страшна мачнотија, поголема и од онаа на Сартр за животот како таков. Нагон за повраќање со кое човек од таа министерска перверзија ќе си ги изблуе дури и цревата. Рече генијалниот министер: „Јазикот што го зборуваат Македонците во Северна Македонија и Македонците во Грција не е ист јазик“. Поперверзна изјава и не може да се замисли.
Лингвистички идиотизам par exellence. Заклучокот е: тој генерички неадминистриран министер нема поим од она што се вика Јазик, Праизвор, Логос. Праизворот од кој со милениуми и античките (што им ги продава на Грците) и сегашните Македонци пијат животодавна вода. Еликсир на вечноста, а за кој овој погубен по македонскиот идентитет министер не знае. Иако и неговиот корен, што тој ги презира, е некаде од Егејска, Беломорска Македонија од која сега Грците јадат крвав леб. Тој се обиде да се одбрани од својата ступидна изјава со поимот контекст, кој исто така не го разбира, ниту некогаш ќе го разбере. Во тој, пак, тип морална перверзија се вклопува и владиниот портпарол Миле Бошњаковски, кој на новинарското прашање на кој јазик зборуваат роднините на Егејците во Егејска Македонија во денешна Грција како од пушка одговора: „Ние не сме тие што треба да го детерминираме тоа“. „Мудро. Добро, фин господине, а кој е надлежен за таа света детерминација? А?“ Потоа портпаролот продолжува во отсуство на елементарна логика: „Постои одредена категорија на население во Република Грција што говори на друг јазик. Но не сме ние тие што ќе детерминираат кој на каков јазик зборува. Тоа ќе биде мешање во државните работи на друга држава“. Мајката, мудар портпароле. А вие со таквата детерминаторска изјава во чии внатрешни работи и во чија внатрешна држава ce мешате? А? Се мешате во внатрешните работи на македонската држава што ја докусуривте, ама не знаете можеби дека е така.
Па каков заклучок, прашуваш драг читателу, да извлечеме сега на крајот. Едноставен: дека јазикот ако се употребува така перверзно како што го употребуваат овие тројцава политгоспода напред, тие не го заслужуваат него, туку го заслужува Коњот со „волшебно лице“, како што заклучува сјајниот руски натурфилозофски поет Николај Заболоцки во песната „Лицето на коњот“. Секако, пак, тука немам намера да правам никаква споредба меѓу нашите лингвистички политумници и Коњот на рускиот поет, оти во тој случај ќе треба да му се извинам на целиот коњски род полн со божественост и самопочит. Па не случајно и Калигула го внел својот коњ во римскиот сенат за сенатор, сметајќи го за поумен од сенаторите што дремеле внатре, а мислам, драг читателу, поумен и бескрајно подоблесен и од нашите пратеници во Собранието што учествуваа заедно со премиерот и Владата во идентитетскиот геноцид над својот народ. Оваа сјајна и поучна историска анегдота на Калигула со коњот го инспирира и Ками да напише брилијантна драма.
И така со својата (а)морална јазичка перверзија Заев, Димитров и Бошњаковски воленс-ноленс ја иницираа темата за Јазикот во оваа наша колумна драг читателу. Онаа што ја иницира маестрално, но поинаку од нив, и апостол Јован во своето Евангелие, последното во Новиот завет, и што ни откри дека светот и сите божји созданија се сотворени од јазик, од зборови како што мисли и Октавио Паз кога го дефинира човекот, па и Хајдегер кога вели дека јазикот го создал него, а не обратно како што нè учеа некогаш на училиште марксистичките педагошки дарвинисти. Нешто слично, како варијација на истата тема мисли и Слотердијак кога вели дека човекот ce paѓa во јазикот. И сè се врти околу истиот епицентар, оти како што би рекол Свети Августин: „Не постои периферијa.Сè е центар бидејќи Бог е во сè и сè е во бог.“ Природно, пак, е во состав на темата на оваа колумна да го замениме во сјајната мисла на светецот поимот центар со поимот јазик, или дури и поимот Бог, и работите пак совршено да си дојдат на свое место.
Така, но, за жал, тројцата наши политлингвисти или мудреци, кои не се од Исток и не одат кон Витлеем, туку од Запад и одат кон политборделот Брисел, ниту се родени во јазикот како што мисли Слотердијак, ниту се создадени од него како што мислат апостол Јован, Хајдегер и Паз. Оти којзнае дали некој и знае од што и од каков материјал и материја се создадени тие. Можеби тоа ни самиот господ не го знае, бидејќи не се сотворени, по сè што направија, според неговиот образ. А можеби сепак некој знае. Оној другиот. Темниот.
За денес толку. До следната среда голем поздрав драг читателу. Ни секунда не оди нигде, ни во сонот без своето длабоко Име. Не ти е украдено. Тоа е твојата татковина, твојата жива душа, нејзиниот вечен Извор и Оган, венчани во Едно пред олтарот и престолот на Бог. Тоа! Биди храбар и ќе бидеш награден за тоа, и ти и твојот столчен народ.