Коронавирусот на западната цивилизација (3)

Коронавирусот пак сега, драг читателу, воленс-ноленс ја поставува пред нас компаративно темата најпрвин Кина-Америка, а потоа и воопшто Кина и Западната цивилизација. Кина. Америка. Тоа е огромен културно-цивилизациски јаз меѓу кој стојат цели столетија, па и милениуми време пред сè на духовен и културен развој, во кој, јунговски речено, се формира колективната душа на еден народ, па можеме во овој случај да речеме и на една цивилизација. Оти, јас лично, драг читателу, не сум исклучив заговорник на теоријата на индивидуата и индивидуализмот, пак диктирани од нарцистичката ментална структура на западниот човек, мода што како зараза од таму го зафати и простосрдечниот Балкан за чија колективна душа и карактер и велемудриот Андриќ зборуваше и пишуваше со толку многу голема проникливост и љубов. Тој синдром на персонализам, на афирмација до апсолут на личното пред колективното его, се разбира, е пред сè карактеристичен за академската фела, одделена од душата на народот; за академиците и универзитетските интелектуалци, самопромовирани за некој вид надинтелигенција и надрасна во споредба со простосрдечниот народ. И кај нас во жална Македонија е ист случајот.

Јас секогаш сум се клонел, драг читателу, од таа филозофија на болниот нарцистички индивидуализам и извештачена индивидуализација на битието и душата. Филозофијата што го деструира класичниот прекрасен и неразбран мит за Нарцис. Митот што, сфаќајќи ја болната психа на модерниот цивилизиран човек, дијагностички го демистифицира Фројд, ставајќи го во рамката на поимот нарцизам, кој означува патолошка самозаљубеност и како таков е симптом на неговиот егоизам. Од страна на виенскиот луциден психоаналитичар апсолутно точно и исправно. А што значи всушност митот за Нарцис? Тоа дека, како што вели и Оскар Вајлд, па и Андре Жид, Нарцис сведнат над вирот не е заљубен во физичката убавина на своето лице, и не се огледува во неа, туку се огледува во сопственото битие. Во неговиот вир. Тоа го знаел и го разбирал античкиот човек за што сведочи и натписот на влезот од храмот посветен на Аполон во Делфи: „Спознај се себе“. И тој натпис повикува на саморефлексија, на себепронаоѓање, а со тоа и на интеграција со светот и космосот, нешто што многу поубаво го знаел човекот на ледената епоха во Алтамира отколку ние. Таков, тој е и поодна, излезна точка на истражувачката авантура на психоанализата. Да речеме и на индивидуализмот, но не игнорирајќи ги притоа покрај индивидуалната и колективната психа. Оти тоа се споени садови.

Ако се раздвојат, како што е тоа случај денес, на што особено инсистираат егоцентричните интелектуалци, тогаш сѐ доаѓа до она што во психијатријата се означува со поимот шизофренија. Расцеп. Ете, затоа, драг читателу, јас верувам (ја земам за пример Франција) во сјајниот индивидуализам, на пример, на Волтер, Расин, Монтењ, Паскал, Валери, Бодлер итн., ама и во колективната психа, исто така јасно дефинирана, на жолтите елеци. Исто онака како што, по аналогија, и идентитетскиот колеж на Македонците во Преспа (потребна контекстуална дигресија) не е ликвидација на индивидуа или индивидуи, туку ликвидација на цел еден народ. На една колективна душа, без разлика на нејзините тумори (квислинзите од типот на Заев и Димитров) наслагани врз неа.

Така. Дигресија до дигресија, драг читателу, ама нив, како што гледаш, ги диктира поставената тема во оваа колумна. Имено, во тој контекст и го нуди Бодлер клучот на универзалната аналогија што може единствено последователно да го отклучи и разврзе каузалниот синџир на нештата и феномените. Тоа. Туку да се вратиме на онтолошко-психолошката разлика меѓу колективниот (архе)тип на кинеската и американската душа, кој во основа во повеќе од 90 проценти е карактеристичен и за индивидуалната психа. Разликата е огромна и непремостлива. Имено, основа на кинеската култура и душа се Конфуциј и Лео Це, а на американската Дејви Крокет и Буч Касиди. Си чул ли за нив нешто, барем од каубојските филмови како единствен извор? Станува збор за голема разлика, а можеби и поголема од Кинескиот ѕид. Кинеската култура е затемелена на праизворот на исконски автентични митови, кои и денес фрлаат светлина на нејзината цивилизација.

За разлика од нив американската цивилизација е затемелена на постмодерните митови на кичот, што се, со еден збор, едноставно антимитови. Во контекстот на тоа, драг читателу, постои една интересна епизода, што сум ти ја веќе раскажал порано, меѓу литерарните гении Борхес и Лорка. Имено, Борхес бил патолошки заљубен во Америка, за разлика од неговиот шпански пријател за што доволно сведочат и неговите „Песни од Њујорк“. Лорка, пак, знаејќи ја таа мана на Аргентинецот, веројатно наивно иронизирал со него велејќи му каква е таа цивилизација што за мит го има Мики Маус. Ништо друго пред тоа, на што смртно му се налутил Борхес. Доказ за тоа е неговата изјава за Лорка, забележана од американскиот новинар Ричард Бергин во книгата „Разговори со Борхес“. Имено, на неговото прашање што мисли за Лорка како поет, Борхес како од пушка одговара дека тој тука е слаб и дека е добро што е убиен (од фашистите на Франко во Гранада м. з.). А и кај нас некој во тој идиотски стил рече дека е добро што загинал Рацин, без разлика што не го има нивото на аргентинскиот писател.

Нејсе. Зошто го зборувам сè ова, драг читателу, ако не за да се кристализира сликата на разликата меѓу Кина и Америка, меѓу кинеските и американските култура, дух, душа и цивилизација. Кинеската душа е сталожена, со есенција на исконски втемелен идентитет на морални и етички вредности. За разлика од неа американската е жестока и агресивна. Фројдовски речено, според ароганцијата на карактерот, империјалниот нарцизам и агресивност, која излегува надвор од границите на Америка, загрозувајќи го до планетарни размери светот, Американецот успеа да го сублимира, односно трансцендира својот агресивен менталитет. Неговата општа ментална слика, извлечена и од екстра агресивната насилничка американска политика има јасни елементи на варварство. Се разбира, пак, тука не сакам, за да не ме разбереш погрешно, драг читателу, да ја игнорирам културата во Америка.

Таа ја има една од најубавите литератури во светот. Во сликарството не е сјајна, но затоа е во музиката, филмот, танцот, театарот. За науката и да не зборуваме, и во таа рамка и за престижните американски универзитети. Да. Имено, токму и затоа збунува американското политичко и воено варварство што се извезува низ светот. Заклучокот е: во ни една држава во светот денес не се во таков изострен вид присутни овие два ентитета: културата и варварството, па дури, парадоксално, во некоја смисла и избалансирани во енергетскиот потенцијал. Небаре како кинеските Јин и Јанг. Тешко дека би нашле слична цивилизациска слика и во историјата, на таква тактилна соработка, допирање, паралелно струење, иако не и проткајување, на елементите култура и варварство. Можеби уште и само во Железната Римска Империја, за која шифрирано зборува и старозаветниот пророк Даниел во неговото толкување на сонот на вавилонскиот цар Набукодоносор кај кого бил заробен.

А и американската империја во сите елементи потсетува безмалку на совршена копија на Римската и со културата и со варварството, кое таа и не го крие. Напротив се горде со него. Сјајниот Чомски во таа смисла и напиша неколку книги за американскиот државен тероризам, кој го крши под претекс на извезување на „демократија“ ’рбетот на цели народи и нации, престорувајќи ги, како што се случи тоа со Сирија, во пепел. И Чомски не е единствениот критичар на американскиот варварски менталитет. Тука ќе го спомнеме и рускиот поет, од еврејско потекло, нобеловецот Јосиф Бродски, кој бегајќи од режимот на Брежнев најде прибежиште во Америка. Како и Солженицин пред него. Тој беше суден во Советска Русија за паразитизам заради тоа што се осмелил да живее исклучиво од литература.

И навистина по Виена, а потоа Лондон, тој реши да замине во Америка каде што беше и со помош, се разбира, на еврејското лоби беневолентно пречекан, при што веднаш доби и универзитетска катедра, па можеше да живее од својот креативен труд. Секако дека тој за тоа ѝ беше благодарен нејзе, но беше премногу искрен и доблесен за да не ја каже есенцијалната вистина за неа. Имено, тој рече дека американската демократија, толку многу фалена од самите Американци, но и од патолошките амероиди низ светот платени за такво мнение од Сорос, УСАИД итн., е „прериска демократија“. Со други зборови, демократија на Дивиот Запад. И со тоа е кажано сè. Впрочем, ние Македонците тој тип прериска демократија добро го чувствуваме врз свој грб од американската амбасадорска резиденција на Калето. За нашата идентитетска ликвидација, пак, во Преспа според нивен генерален план, притисок и секакви закани веќе кажавме.

И, еве, пак стигнуваме, драг читателу, до коронавирусот како метафора и факт за западната, незаситна, лакома за материјален профит либералкапиталистичка цивилизација. Цивилизацијата на банките и капиталот за чие трупање и заштита се уриваат и се пеплосуваат на еден или на друг начин, физички или идентитетски, цели народи во светот. Кај нас тој проект беше реализиран комбинирано, со варварство (албанскиот тероризам во 2001 г.) и акултурација што се изведува сега во фази и во потфази, за што, покрај другото, е смислен и договорот со Бугарија, како и Тиранската платформа изготвена во темните сатанистички канцеларии на ЦИА и Пентагон на нашиот „голем“ прекуокеански „пријател“ со кој особено се гордеат нашите недоветни политичари и Соросовите трутови во невладините што беа акрибично ангажирани за нашата присилна идентитетска автоевтаназија.

(продолжува)