Распадот на Југославија целосно ја промени геополитичката слика на Балканот. Отворени се процеси од фундаментален карактер кои сѐ уште не се завршени. Спротивно на основните „Хелсиншки принципи“, на пример, насилно се менуваа граници (Република Српска и Косово), што неизбежно ќе има несогледливи последици на најширок план. Ново е што, за прв пат во историјата на регионот, главен менаџер се САД. Сите случувања се според нивни планови кои, во принцип, не соодветствуваат со долгорочните интереси на речиси сите локални држави. Најмногу зачудува фактот што една Грција, држава со долга традиција, со изградени институции и врвни аналитички центри, со искусен армиски кадар… од дрвјата не ја гледа шумата.
Изгледа дека грчките историски синдроми за Македонците и игнорирањето на нивното малцинство кое го имаат во земјата ги заслепува до таа мера што не ги забележуваат овие крупни промени кои, порано или подоцна, жестоко ќе ги удрат по глава.
Клучната американска политика е зајакнување на албанскиот фактор. Со нелегалната независност на Косово, големоалбанскиот проект е веќе над 70 проценти завршен. На албанската телевизија Вижн плус (свест.мк, 17 февруари 2019г.), премиерот Рама рекол „за мене, Косово е дел од Албанија“ и нагласил дека „крајната цел е обединување на двете држави“. Тоа веќе и се случува преку голем број мали, ама значајни чекори, а последниот е укинување на роамингот. Паралелен американски проект е бришење на Македонците и подготвување на земјата за федерализација. Набргу треба да се појави трета албанска држава. Така, обединувањето на Албанците ќе порасне на над 85 проценти. Надвор од проектот ќе останат неколкуте општини со претежно албанско население во Србија и во Црна Гора и – Чамирија во Грција. Атина тврди дека проблемот на Чамите не постои, ама Тирана не мисли така. Како соработници на фашистите, по Втората светска војна, тие од Јужен Епир беа протерани во Албанија. Албанците во Црна Гора, пак, започнаа со понагласена радикализација.
Грција граничи со претежно муслиманска Албанија, која ја шири својата територија со отворена американска воена поддршка. Откако Албанците ќе ги постигнат своите основни цели, кои се при крај, логично е да се очекува пораст на нивните амбиции кои САД тешко ќе можат да ги контролираат. Порано или подоцна тоа неизбежно ќе се рефлектира врз грчките стратегиски интереси особено ако се знае дека меѓу двете земји има нерешени проблеми, а во Грција живеат можеби веќе и 1,5 милион Албанци, што воопшто не е за потценување. Најголема нација во регионот се Грците со околу 10 милиони, следат Србите со 7,8 а трети се Албанците и Бугарите со по околу 5,5 милиони. Албанците, меѓутоа, имаат најголем демографски пораст во Европа и (ќе) стануваат сѐ повеќебројни. Тие се подготвени да се борат и да гинат за својата кауза, што не е случај со друг народ на Балканот. Тоа потврдува дека нивното време надоаѓа.
Сосед на Грција е и сѐ посилната, поамбициозна и целосно муслиманска Турција, која води политика на неоотоманизам, со сѐ понагласени амбиции кон Балканот. Односите меѓу Анкара и Атина одамна се проблематични, не само поради Кипар. Како и меѓу Албанците и Србите, и меѓу нив постои традиционално, историско непријателство. Тоа ќе создава сериозни проблеми во иднина. Ердоган, на пример, јавно го критикуваше и го оцени како неправеден Договорот од Лозана (1923), со кој беа одредени турските граници. Со истиот на Грција ѝ се доделени многубројни помали и поголеми острови покрај самиот турскиот брег, стотици километри оддалечени од неа. Прашање е само на време кога Турција и официјално ќе ја оспори таа неправда, што неизбежно ќе води во војна на две членки на НАТО. Тоа ќе предизвика повеќе прашина отколку што ќе има куршуми, ама границата ќе се промени со сила, што ќе донесе долгорочни последици кои сериозно ќе ги тресат и алијансата и светот.
Додека проблемите со Турција се познати, албанскиот фактор во регионот, кој е во пораст, е нов предизвик за Атина. Грција е во некаков сендвич со религиозен предзнак, што не мириса на добро особено денес кога исламот сѐ повеќе игра политичка улога во светот. Стотици Албанци се бореа во радикалните редови на ИСИС во Сирија и во Ирак.
Грција прави колосална грешка кога е рамнодушна на овие крајно сериозни регионални промени и процеси. Таа потроши четврт век за да се избришат Македонците како народ, измислувајќи некаква иредентистичка закана и сѐ друго ѝ беше помалку важно. Македонија навистина има дваесетина хеликоптери, ама веројатно половината се неупотребливи од разни причини, и само затоа не е извесно кога и од каде ќе тргне против јужниот сосед, заради ефектуирање на својот „иредентизам“. Поточно, грчката политика кон Македонија е чиста бесмислица. Елиминирањето на Македонците, што неизбежно води во федерализација на земјата, отвора простор за поширока албанска закана кон југот. Тоа се настани апсолутно спротивни на грчките долгорочни интереси. Ако ја немаше Македонија каква што беше досега, Грција требаше да ја измислува. Место тоа, тие создаваат фронт кој еден ден, речиси неизбежно, ќе се активира против нив. Македонците нема никогаш да се помират со своето елиминирање, а тоа значи дека Атина создаде сериозен латентен непријател на север.
Не треба да зачудува што на почетокот на 1990-тите години, нам не ни беше позната заднината на американските интереси и политики на Балканот. Немавме соодветни дипломатски и политички капацитети, а оставени долго непризнати, бевме присилени и на дневна основа да се бориме за своето преживување. Неразбирливо е како и зошто Атина не ги согледуваше опасностите со кои и самата неизбежно ќе се соочи. Кога во ноември 2004 година, САД само делумно, привремено и единствено од тактички причини го признаа историското и уставно име на Македонија, Атина се згрози од тој чин. Во тоа сигурно имаше и глума. За разлика од нам, нив мораа да им бидат кристално јасни американските причини за тој потег, кој само привидно изгледаше позитивен за Македонија, а долгорочно ги поткопуваше нејзините темели. Вашингтон веднаш објави, ама кај нас тоа се криеше од јавноста, дека целта беше да не успее референдумот против новата административна поделба, со која крајно непотребно и неповратно се албанизираа делови на земјата (Струга, Кичево, Скопје…). Впрочем, Грција сигурно беше претходно известена од САД и за исчекорот и за причините. На Атина ѝ пречеше потегот околу името, ама очигледно ѝ одговараше прекројувањето на Македонија и нејзиното албанизирање кое сега се финализира со законот за албанскиот јазик. Најважно им беше да се сотрат Македонците и да им се уништи државата. Сѐ друго им беше прифатливо. Сметката за тоа брзо ќе им стигне.
Во подмолното привремено и делумно признавање на нашето историско име од страна на САД е концентрирана целокупната американска политика и кон Македонците и кон Албанците. Првите да се сотрат, а вторите да се обединат. По војните од 1999 г. и од 2001г., кои исто така беа во режија на САД, а во корист на Албанците, стимулирањето на бојкот на нашиот референдум во 2004г., со привремено прифаќање на името, дефинитивно покажа дека Вашингтон е подготвен на сѐ за да ја зајакне улогата на Албанците на Балканот. Всушност, тие се нивни стратегиски партнер. Клучно е што ова партнерство тие го градат на ист начин како и Мусолини во Втората светска војна – со создавање на Голема Албанија. Тоа е, пак, американска колосална политичка грешка која наскоро и ним сигурно ќе им се врати како бумеранг.
Вашингтон не може или не сака да сфати дека за петнаесетина години, по решавањето на „албанското национално прашање“, кое е пред финализација, веќе нема да им бидат потребни на Албанците. Тогаш, обединети, тие меѓусебно ќе се конфронтираат, со што сериозно ќе се загрози мирот на Балканот. Поводи ќе има премногу. Сите албански политичари се единствени околу националното прашање, што заслужува највисока почит, ама на домашен терен, во борбата за власт, сите се гледаат преку нишан. И Рама и Баша, и Тачи и Харадинај, и Ахмети и Села… Договор меѓу нив за политички прашања – не е можен. Тесните интереси не им дозволуваат да гледаат подалеку.
Дека оваа претпоставка не е измислена потврдува и примерот со царините на Косово против Србија. Сите грмат против тоа, а Приштина никого не ферма. Веројатно е во прашање наместена игра и зад тоа всушност стои Вашингтон, заради дополнителен притисок врз Белград. Арно ама, тоа е одличен индикатор дека, неизбежно, еден ден и САД ги чека – непослушност. Имаше, впрочем, и други примери кога Албанците ги игнорираа американските барања. Можеби беа исклучоци во прашање, ама тоа што ќе следи ќе создава сериозни кризи на Балканот. Жртви ќе бидеме сите, ама особено и пред сѐ – Грција.
Во Втората светска војна и веднаш по неа, Југославија беше најголем пријател на Албанија, давајќи ѝ несебична помош. Тирана ги прекина односите по одлуката на Информбирото (1948г.) и потоа Белград го третираше како главен душман. Нивниот нов пријател беа СССР. Откако ги расипаа односите и со Москва и таа доби третман на најголем непријател. Следуваше период на блиско пријателство со Кина. По некое време, според традицијата, и Пекинг беше фрлен на ѓубриштето од историјата. Сега главен партнер на Албанците се САД. Времето ќе покаже колку ќе трае оваа романса, ама последиците ќе бидат трајни за целиот регион.
авторот е поранешен дипломат