Речиси четири месеци слушаме, гледаме, коментираме, дебатираме, анализираме, оценуваме, размислуваме, предлагаме за тоа каков закон за попис на населението, домаќинствата и становите ни е потребен. Секако е јасно дека има различни толкувања, размислувања, предлагања и свои видувања во сето тоа. Меѓутоа, сепак, без оглед на сето она што го поминавме во овој период, добро е што сите се согласуваме дека пописот е потребен. Тоа го коментираат и кажуваат како државниот врв така и парламентарците во Собранието, аналитичарите, градоначалниците, научната и стручната фела, граѓаните и секој што ѝ мисли добро на оваа држава. И веднаш се поставува прашањето: Зошто? Па, затоа што податоци на државата ѝ се потребни заради политиките што треба да ги прави, заради натамошниот развој, заради потребите на науката, заради сѐ што треба да нѐ води во иднината.
Бидејќи немаме спроведено попис на населението деветнаесет години и сме исклучок земја со неспроведен попис во толку долг период, сите постојни податоци и сите потребни индикатори за планирањата не се веродостојни. За да се увериме во тоа, можеме да наброиме многу, многу примери, како на пример само сите пресметки што се прават според бројот на населението, а такви се многубројни. Најсвежо такво нешто е добивањето на вакцините против ковид-19, во однос на вакцинирањето на населението. Се кажа од надлежните здравствени институции дека вакцинацијата ќе се врши според бројот на пријавени, односно според бројот на населението во општините. Сега доаѓаме до тоа колку сме, не знаеме, а само проценуваме.
Последен податок за бројот на населението имаме од спроведениот попис во 2002 година. Бидејќи податоците од пописот се користат во еден десетгодишен период, според препораките на Обединетите нации а во тој период се прават процени на населението, периодот на десет години измина, а тоа значи дека податоците веќе застаруваат и не се релевантни или валидни. Меѓутоа, она што го знаеме, особено во изминатиот десетгодишен период, е појавата на масовно одење на населението надвор од земјава во други земји. За појавите и причините да не говориме, туку да говориме колку и каде заминале, колку се вратиле, каква е нивната полова, старосна, образовна структура, како и тоа дали се сами или со целото семејство или домаќинство и многу други појави, а особено и од кои населени места се тие, од кои општини, од кои региони и колку се вкупно од државата. Причината за сето ова што во државава немаме податоци за иселувањето од земјава, а имаме податоци за наталитетот, морталитетот и неговиот природен прираст на населението, како и за внатрешните миграциски движења од едно во друго населено место во општината, од една во друга општина, како и за доселени и отселени странци. Ваквите следења не ја даваат состојбата ниту колку сме, ниту каде сме, ниту какви сме. За разлика од нас, во многу земји, како Словенија, има податоци на секои три месеци за состојбите со населението, во Хрватска се води евиденција за отселените државјани од земјата, а да не говориме за земјите на Европската Унија, каде што има квалитетна евиденција. Главно во тие земји има регистри од повеќе структури за населението и за нив пописот не претставува никаква пречка за спроведување.
Доколку ги земеме предвид наведените податоци што ги добиваме и со кои располагаме, можеме да дознаеме, и тоа на годишно ниво, какви ни се состојбите на населението врз основа на процена што се прави во два периода во годината. До 2019 година, според тие податоци, бројот на населението на ниво на држава постојано се зголемуваше, бидејќи имавме позитивен природен прираст на населението (повеќе живородени од умрени во земјава). Но со 2019 година, кога бројот на умрени лица е поголем од живородени и природниот прираст на населението е негативен, почнува и во процените на населението да се намалува на ниво на држава.
За обележување е тоа што бројот на населението според природниот прираст на ниво на општини се намалува, и тоа од 2003 година, односно веднаш по пописот од 2002 година. Оваа појава на намалување на бројот на населението во периодот од 2002 до 2019 година, а сега и тоа сигурно и во 2020 година, се намалува континуирано во околу 40 општини, или во 50 отсто од општините во земјава. Доколку, пак, сакаме да анализираме податоци и за 2020 година, сигурно такви општини ќе бидат околу 56, што е висок процент на општини со намалено население.
Значи, позната е појавата за празнење на државата со население, но постојано треба да се поставува прашањето што е преземено во таа насока. Голем број земји, па и соседни, во своите влади формираа министерство за семејство и демографија или популациска политика. Сите земји зафатени со намалување на населението донесоа стратегии што ги анализираат резултатите итн. Во нашава земја наведените појави ги нема, со исклучок на некои резолуции за миграциски движења, кои не ги дадоа очекуваните резултати. Постојано се посочува на таквите појави, како и предлог-размислувањето за формирање институција, но засега нема ништо.
За состојбите каде сме, ако се мисли на населението во земјава, и тоа не го знаеме во целост, бидејќи знаеме дека голем дел од населението замина од земјава, а не знаеме од кои населени места, општини и региони. Затоа е потребен попис, затоа е потребно да знаеме колку сме и каде сме. Затоа процените на населението не се релевантни (во дел на општини каде се зголемува бројот на населението) ако ги имаме предвид виталните случаи што ни се случуваат во други земји.
Во согласност со меѓународните препораки, дефиниции и стандарди, појавите на живородени деца и умрени лица не се вклучени во земјите од каде што заминале, тоа значи дека сите овие појави се регистрираат во соодветната земја каде што се тие и каде што настанал случајот. Такви податоци постојат и се објавуваат кај нас со состојби од која општина е лицето отидено и во која земја е појавата. Ако ништо повеќе, само за последниот податок да се анализира, состојбите се такви што анализите говорат дека бројот на живородени деца во други земји се зголемува од година на година. Податоците покажуваат дека во одделни општини е поголем бројот на живородени деца во друга земја отколку во општината од која заминале од земјава. Навистина, податоците се за длабински анализи, за да знаеме каде сме надвор и колку сме. Затоа е потребен попис сеопфатен, објективен, реален и веродостоен, а потоа редовно следење на состојбите преку надлежните институции, со што ќе се надминат сите состојби што водат кон тоа каде сме и колку сме.
За тоа какви сме, ако се мисли по територијален распоред, по возраст, пол, образование, социјала, економски, културолошки, етничка, религиозно и по мајчиниот јазик, е неминовен попис, кој претставува единствен извор на податоци за наведените состојби. За сите овие податоци најмногу се дискутира, внесува немир, расправа за етничката припадност. Затоа доколку се направат одредени регистри, евиденции, бази на податоци и поврзаност на институциите со размена на податоци, лесно, брзо, квалитетно ќе располагаме со релевантни и веродостојни податоци.
Во прашање е само заинтересираноста на Владата, која преку своите институции и законски норми ќе ги реши сите дилеми и појави што во денешно време претставуваат одреден проблем.
Авторот е поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар