Понекогаш ни велат дека премногу сме пишувале за античките римски државници и не сме побудувале интерес кај читателите. Во ред, ја прифаќаме забелешката и затоа во денешната колумна ќе пишуваме за шпионажата, поткупот и американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА).
Во 1965 година, легендарниот сингапурски премиер Ли Куан Ју во едно свое интервју обелодени афера во која беа вмешани американската влада и Централната разузнавачка агенција (ЦИА). Во почетокот на разговорот со новинарите, Ли истакна дека доколку британската армија се повлече од воените бази во Сингапур, подготвен е да ги повика Австралијците и Новозеланѓаните, но не и Американците. На прашањето зошто не и Американците, Ли одговори дека на американската администрација ѝ недостигаат мудрост и разумност. Според сингапурскиот премиер, за да се развијат мудроста и логичното расудување, потребен е долг временски период, а тоа им недостига на Американците. Со многу цинизам, Ли вели: „И тоа не е нивна вина. Што имаат? Двесте или триста години историја, тие станаа нација неодамна.“
Во понатамошниот дел од интервјуто, Ли говори за неговите три лоши искуства со Американците што предизвикале вистинска штета. Во едно од споменатите искуства била вклучена и ЦИА, која преку американски агент се обидела да подмити сингапурски разузнавачки агент (инаку, поткупот е строго забранет во сингапурската држава). Сингапурскиот агент требало да ја „храни“ ЦИА со информации, бидејќи ЦИА сакала да знае што се случува во Сингапур. И покрај големата сума долари, Сингапурецот одбил и го информирал раководното лице, кое потоа го известило и Ли Куан Ју. Американскиот агент бил заробен и затворен. Сингапурската влада не го извела американскиот агент пред судот и решила да започне преговори со Соединетите Американски Држави.
Според Ли, тој никогаш не преговарал директно со Американците и контактите се одвивале преку посредници. Во текот на преговорите, Ли Куан Ју во замена за молчење побарал 100 милиони долари како економска помош за Сингапур од американската влада. Но Американците одговориле со контрапонуда – 10 милиони долари за Ли и неговата партија. Сингапурскиот премиер бил навреден и одговорил дека Американците можат да ги задржат понудените долари.
По интервјуто, американскиот Стејт департмент ја негираше аферата, а од денешна перспектива можеме да кажеме дека Ли Куан Ју, сепак, не ја говори целата вистина. Што, всушност, се случило?
Во 1960 година, американската ЦИА верувала дека комунистите ќе ја преземат власта во Сингапур и се обидела да го стави раководителот на Одделот за внатрешна безбедност на Сингапур на својот платен список. Всушност, ЦИА се обидела да го подмити главниот раководител, а не агент од низок ранг. Ли исто така не ја говори вистината кога вели дека не преговарал директно со Американците. Всушност, по заробувањето на американскиот агент, во Сингапур пристигнал висок американски државен функционер, чие име и ден-денес не е познато. Овој американски функционер директно се обидел да го подмити сингапурскиот премиер за да се прикрие аферата, но Ли го одбил митото и за возврат побарал економска помош за Сингапур.
По негирањето на аферата од страна на Стејт департментот, Ли Куан Ју во својот кабинет повика новинари, пред кои истакна дека ќе прикаже докази доколку Стејт департментот не ја признае вистината. Меѓу другото, Ли пред новинарите рече: „Вие не може да ја купите или продадете оваа влада“. Соочени со цврстиот став на сингапурскиот премиер, Стејт департментот ја потврди вистинитоста на аферата, а останува и мистеријата дали Соединетите Американски Држави ѝ исплатија финансиски средства на сингапурската влада во замена за ослободување на американскиот агент. Што се однесува, пак, до другите лоши искуства, Американците го именуваа Ли како диктатор на банана-држава и лажливец, што само по себе беше навредливо за сингапурскиот политичар.
Сосема разумно, некој може да нѐ запраша кој фактор се Ли Куан Ју и Сингапур за македонските граѓани, кои се соочуваат со секојдневни егзистенцијални проблеми. Да потсетиме или да им укажеме на оние што не знаат, кога Ли Куан Ју го презеде раководењето со Сингапур, сингапурските граѓани освоија џекпот, а настаните покажаа дека државниците како Ли Куан Ју се раѓаат еднаш на 100 години. Всушност, Ли е единствениот светски политичар и државник што успеа да трансформира една држава од третиот во првиот свет во период од неколку децении. Со други зборови, Ли Куан Ју и Сингапур се феномен. Да не заборавиме дека Сингапур е многу сериозна држава. Доколку сакате да ја посетите, при пополнувањето на визата можете да прочитате дека според сингапурското законодавство следува смртна каза за трговија со наркотични средства. Да, драконска казна, но ефикасна, бидејќи не се забележани случаи на трговија со дрога.
За оние што не знаат, изразот третиот свет се однесува за државите како што се Мадагаскар, Того, Етиопија, Јемен, Авганистан, Панама и сѐ така до бескрај. Станува збор за неразвиени држави – мал технолошки напредок, економија зависна од извоз на земјоделски производи, политичка нестабилност, низок квалитет на животниот стандард, корупција и повторно сѐ така до бесконечност. Кога Ли преговараше со Американците, Сингапур беше неразвиена и сиромашна држава, а многумина се запрашуваа дали сингапурската држава ќе преживее, ако се земе предвид дека Сингапур не поседува никакви природни ресурси, вклучувајќи и пивка вода за населението. Веројатно американскиот дипломат верувал дека си има работа со квазиполитичар од третиот свет, но не знаел или заборавил дека Ли Куан Ју своето високо образование го стекна при Универзитетот во Кембриџ. Всушност, Американците си имаа работа со државник од висок ранг и во идните децении Ли беше редовен гостин во Белата куќа, очигледно е дека Вашингтон учи од своите грешки.
Сингапурскиот премиер е одличен пример за тоа како треба да се спротивставиш на манипулациите на една моќна сила во внатрешните работи на една мала држава.
Сега доаѓаме до суштината на нашиот текст, па нели насловот на колумната гласи – кога ќе дојдеме на власт, сѐ ќе опљачкаме и каква врска има со Ли Куан Ју и американскиот обид за поткуп. Пред неколку децении, пред локален штаб на една македонска политичка партија, на прашањето што ќе направиме кога ќе дојдеме на власт, го слушнав одговорот: „Сѐ ќе опљачкаме!“ Верував дека станува збор за шега, но човекот си остана верен на искажаното. Очигледно е дека постојат дијаметрални различности во умствената состојба на нашите квазиполитичари и сингапурските државници. За да имаш држава, треба да имаш став! Затоа Сингапур е една од најбогатите и најразвиени држави во светот, а нашата земја (како што некои алтернативно ја нарекуваат Македонија) со децении прави еден чекор напред, а потоа два или три чекори наназад.
Во самиот почеток посочивме дека ја прифаќаме забелешката за римските државници, но не рековме дека нема да пишуваме за државниците, бидејќи државничкото однесување е наша насушна потреба.