Судските процеси во врска со 27 април станаа флагрантен доказ за непостоење на правна држава, од моментот кога поради политички побуди и со противуставен закон за амнестија, од одговорност беа изземени „портирите на Злото“, т.е. токму оние пратеници што однатре ги отворија портите на Собранието и овозможија влез на демонстрантите (и тепачите)
Кога се запишав на Правниот факултет, тоа не беше од љубов кон правната наука или од желба да станам судијка или адвокатка, туку (како што се вели, од немајкаде): сакав да студирам политички науки, ама со една работничка плата моите не можеа да ме пратат во Белград или во Љубљана. За среќа, токму во годината кога се запишав на студии, Правниот факултет понуди три насоки, од кои едната беше политичко-управна. За да се дојде дотаму, мораше да се положат фундаменталните предмети, како Вовед во државата и правото, Историја на државата и правото, а потоа Уставно право, Кривично право итн. За мене највпечатлива беше средбата со професорот Марјановиќ. Сите му се плашеа, а јас поништив „деветка“ за да стигнам до „десетката“ – на негово огромно изненадување што некој се осмелил да го стори тоа, но и радост што се појавил некој толку амбициозен. По завршувањето на испитот, кој не се состоеше од бла-бла раскажување на лекциите од книгата, туку од решавање незгодни (хипотетички случаи), тој ме праша дали планирам да останам на универзитетот и да се занимавам со наука. Тоа ми беше поголема награда и стимулација од огромната десетка што ги засени сите други. Човекот што најмногу го ценев и кој ми беше жив пример за ерудиција сметаше дека имам огромен капацитет да бидам кривичар. За жал или за среќа, не го послушав, па иако првата година од работата ја минав како судска приправничка (во 1982 година во Општинскиот суд Скопје 1, никој не веруваше дека сум се вработила без „врски“, бидејќи тоа не се случило со децении – а вистината е дека ме вработија поради високиот просек). Сепак, тоа образование одигра суштинска улога во формирањето на мојата личност и кога се зафатив со друга професија.
Десетина години подоцна, кога почнав да се занимавам со мировните студии, ми беше тешко да ја разберам позицијата дека правото и правниците не се најпогодни за решавање на конфликтите во општеството (тоа првпат го слушнав од славниот Јохан Галтунг, и ми предизвика вознемирување, бидејќи во сета наивност и „ортодоксност“ верував дека правото и правдата се речиси синоними). Требаше да мине доста време на лично надградување и созревање за да сфатам дека ретрибуцијата е една работа, а реституцијата е друга, и дека казнувањето на сторителите не секогаш дава позитивни ефекти за етаблирањето на правото и правдата во постконфликтни ситуации.
Првата средба со правото во практика ми се случи на првиот конкурс за вработување во Градска болница. Кога открив дека станува збор за наместена работа, дека некоја девојка веќе работи таму (со „врски“), онака со крстот на чело (што би рекла мајка ми) тргнав да барам (лична) правда: се обратив до трудовата инспекција, каде што еден инспектор ме ислуша со насмевка и ми рече: „Ех, девојче, да знаев какво е правото, никогаш немаше да го студирам!“ Направи некаков извештај, кој во болницата го фрлија во канта, но јас продолжив до Судот за здружен труд (да, да, такви имаше за заштита на права од работен однос). Спорот го добив, ама во меѓувреме дојде работата во судот. Заминав по една година, доволно за да ѕирнам однатре како функционира тој свет: од надриписари, кои непречено си вршеа работа, до блиски средби на судии и обвинители, секакви адвокати, повеќе водење сметка за гардеробата (на жените им беше забрането да носат панталони) отколку за правописот и изразувањето во судницата, увиди и гледање кавги на браќа околу запуштени бунари и ниви, тужби на родители што бараат издршка од своите пет возрасни деца итн. Илузиите, ако некогаш сум ги имала, згаснаа брзо. Ѝ се посветив на научната работа (тие изгубени илузии се предмет на друга приказна).
Тишината во која се губи гласот на правдата, особено таму каде што треба да биде гласен, е долга и тешка. Дури се чини и трајна состојба, од креирањето на македонската држава (и во Федерацијата, се разбира), па до денес. Доказ за тоа дека адвокатите, судиите и обвинителите биле кротки и тивки пред политичката моќ се исклучително ретките примери на личен отпор и протест на оние што пред општеството се задолжени да го бранат правото, дури и кога бранат најозлогласени сторители на кривични дела. За сметка на тоа, растат децибелите на јавната сцена, а јавноста станува гладијаторска. ТВ-студија се претворија во судници уште пред да одлучува судот, премиери и министри не само што делат „правда“ туку и ги најавуваат квалификациите на делата уште пред да се изјасни обвинителството, пресумцијата на невиност никогаш не се почитувала. Финалето на судењето за случувањата од 27 април е само најсвеж пример за состојбата во која се наоѓа правото. Пред да бидам обвинета дека ги бранам криминалите на Груевски и насилството врз пратениците, да не речам тероризмот, само да потсетам дека правдата не само што треба да биде извршена во однос на секој што го прекршил законот туку и тоа да биде видено како такво. Од презентирањето на судските пресуди, тоа не можеше да се види/чуе, бидејќи судијката не аргументираше казни врз основа на докази, туку читаше поезија (во два наврата!), дефинираше што е патриотизам, а што не; толкуваше Устав и изигруваше уставен правник, но и психологизираше проценувајќи како се чувствувале граѓаните. Врв на пародијата беше рефренот на значењето на ЕУ-интеграциите и нарушувањето на угледот на Северна Македонија (замислете, пред две години бил свесно и намерно нарушен углед на држава што не ни била најавена како таква!). Но тоа беше само финале на еден предолг процес оптоварен со сите можни фалинки во поглед на она што значи фер и правично судење: од должината на судскиот процес до оневозможувањето на бранителите да си ја вршат работата најдобро што знаат, до исцрпувањето на обвинетите, играњето пинг-понг со притворот, кој дефинитивно стана казна, нетранспарентноста на судот во однос на посматрачите (Коалицијата за правично судење) итн. Наместо да ги осуди лицата во согласност со принципот „надвор од секакво разумно сомнение“), дел од јавноста остана со длабока недоверба кон непристрасноста на судот. Среде тишината на фелата, можам да набројам само двајца-тројца што имаат храброст, доблест и знаење – за што им оддавам респект – со правни аргументи да укажат на сите овие недостатоци, кои на крајот на денот не само што ќе завршат пред Европскиот суд за човекови права (а македонската држава ќе плаќа оштети, иако траумите не можат да се надоместат со пари), туку и ќе го нарушат угледот на Северна Македонија (еве, нека им биде) поради создадената претстава за политички реваншизам, а не правораздавање. Судските процеси во врска со 27 април станаа флагрантен доказ за непостоење на правна држава, од моментот кога поради политички побуди и со противуставен закон за амнестија, од одговорност беа изземени „портирите на Злото“, т.е. токму оние пратеници што однатре ги отворија портите на Собранието и овозможија влез на демонстрантите (и тепачите). Додека на пратеници им беше дадена амнестија за возврат на гласот за Северна, светски познат оперски пејач за кој од првиот миг немаше никаков доказ за тероризам остана под обвинението за терористичко загрозување на уставниот поредок, а ниту обвинението, ниту судот го преквалификуваа делото или го отфрлија обвинението. Лесно е да браните човекови права на очигледни жртви или на оние за кои јавноста смета дека се на вистинската/добрата страна. Но потребен е огромен интегритет, па и храброст да кажете дека принципите на фер и правично судење се однесуваат на сите, дури и на оние што се политички озлогласени, несимпатични, соработници на лошата власт итн.
Во својата тридецениска историја, Македонија видела и примена на ретрибуција и реституција, но најмалку видела правда. Видела тероризам што не се нарекувал така, ама и обратното. Во време кога се справува со ИСИС, сега осуди и 17 домашни терористи: странските сојузници мора да се воодушевени! Нејзиниот правосуден систем отсекогаш некому му бил мајка, некому маќеа – за исти или слични дела! Правото служело и служи како паричка за поткусурување, за одржување коалиции на власт, за реваншизам, ама не и за обезбедување правна сигурност, спокој и задоволување на чувството на правда. Бидејќи, дури и кога најозлогласениот човек што сторил казниво дело го судите низ килава постапка, од него правите маченик околу чиј лик се мобилизира чемерот за идните поколенија. А 27 април има неограничен потенцијал за тоа, бидејќи стана алатка за пресметка со неистомислениците, правда на победникот (кој ја има поддршката на меѓународната заедница), симбол на селективна правда и симбол на слепило кон оние што биле соучесници во политичката фарса, па, и покрај кршењето на Уставот, законот и деловникот, останаа недопирливи. Најпогубната комбинација е спојот на селективна правда и принципот на неказнивост на оние што се власт и/или што се богати и моќни. А кога правниците ќе замолкнат, правдата се принесува како жртвено јагне.