Што толку ја вознемири нежната и цивилизирана Европа? Што открија медиумите? Изгледа данските служби шпионирале политичари во Германија, Шведска, Норвешка, Франција и Холандија за потребите на американската НСА, моќната тајна служба
Ало, што правиш? Потпишувам глупости. Климатски промени. Санкции за Русија. Договори со Америка. Вообичаено здодевно.
А не сме се виделе половина година. Ич не доаѓаш. Знаеш, мила, научив нова плетка. Италијански стил, „румена“ се вика. Ти не знаеш какви миленца се прават. Ех, кога би можела да дојдеш. Да си поседиме цел викенд сами. Ќе си плетеме заедно.
Леле, не ми зборувај. Да видиш каква нова идеја за гоблен имам. Ама време се нема. Проклети бесмислени обврски.
Па, дојди, Ангела. Може еден викенд да не си во кабинет, така?
Крај на разговорот бр. А-38998/77-493. Ангела Меркел зборува со својата братучетка Хелга Гранменшвендер. Тема на разговор: плетење миленциња и споменување нова идеја за гоблен. Забелешка на агентот Ханс Кристијан Копенхагенсон: под шифрата „румена“ можен е заговор, соработка со руските тајни служби, а идејата за везење гоблен значи прераспределба на геополитичката моќ.
Операција: „И Елсинор има уши“. По добиената белешка од агентот Х.К. Копенхагенсон, аналитичкиот тим добро да проучи што се крие зад шифрите „плетење“, „румена“, „везење“, „гоблен“. Можна вмешаност на италијански служби. Под целосна обработка на чадорот да се стави субјектот Хелга Гранменшвендер. Внимавајте, ако нè откријат, Макрон најмногу ќе мрчи. Агент: Џемсбонд Итанхант.
Русјаков, какви ти се овие будалаштини?
Доверливи будалаштини. Интимни разговори. Плетење шпионски миленца зад грб на сојузници. Гоблен: „Агенти на поило“. Шепотење се слуша од Нордистан до Берлин и Париз. Копенхаген запишува, длабоката држава потпишува. Изгледа Едвард Сноуден џабе објаснуваше уште во 2013 година.
Едвард Сноуден? Едвард Сноуден?
Да бе, Едвард Сноуден. Човек со години дел од американските тајни служби. Врвен програмер. Голем патриот. Открива дека НСА ги прислушува сите американски граѓани како да се потенцијални терористи. Прислушува странски влади. Политичари и обични граѓани. Низ сиот свет. Како сите да се потенцијални терористи. И Сноуден тоа го обелодени. За да се знае какви „пријатели“ добиваш во американската длабока држава. Исто како што Асанж откри воени злосторства спроведени низ светот од западниот варваризам. Откри какви лудаци се претставуваат за цивилизирани демократи. Сноуден мораше да бега во Русија. Го обвинија дека открил државна тајна. Оти, државна тајна е сите да ги прислушуваш, па дури и своите сојузници. Што значи дека е државна стратегија.
Е, браво, бе Русјаков! Какви шпионски будалаштини ни соопшти. А бе, права руска бајка. Па, уште Едвард Сноуден го спомнуваш. Измислен лик. Го измисли Оливер Стоун во филмот „Сноуден“. А Оливер Стоун е другар со Владимир Путин. Прими руска вакцина. Типичен руски соработник за ширење пропаганда во цивилизираниот демократски свет, со цел загрозување на европските вредности.
Хм, интересно објаснување. Ама па, еве, Европа се тресе. Медиуми пиштат. Си реков, да не тргна Путин да ја освојува? Јок! Или Кина крева град на Марс? Наскоро, ама не е тоа. Да не си го врати Нордистан името Македонија? Не се глупи да враќаат име што не им ги плаќа сметките. Патем, ова новово не само што плаќа сметки туку ги направи богати, убави и потентни. Па, што се случува тогаш? Што толку ја вознемири нежната и цивилизирана Европа? Што открија медиумите? Изгледа данските служби шпионирале политичари во Германија, Шведска, Норвешка, Франција и Холандија за потребите на американската НСА, моќната тајна служба.
Е да, бе, за НАСА! Како ти лесно паѓаш на руска пропаганда и веруваш во неа. Веќе утре Стејт департментот ќе докаже дека зад ова стојат руски хакери. Подметнале руска салата во данскиот сајбер-простор. А потоа Руси се преправиле во агенти на НСА, па ги прелажале смотаните Данци. Оти во секој Данец се крие по еден меланхоличен Хамлет, кој се прашува да се биде Русин или не?
Чекај малку! А германскиве и скандинавскиве медиуми што објавија дека сепак Американците преку Данците прислушувале?
Тоа се руски дипломати преправени во новинари. Наскоро ќе ги протераат. А ти наместо да шириш руска пропаганда преку дезинформации, искористи ја колумнава за да ѝ посочиш на твојата блескава влада дека Нордистан треба да протера уште еден руски дипломат, затоа што германските и скандинавските медиуми лажат дека САД ги прислушувала своите сојузници. И престани да го споменуваш тој Едвард Сноуден! Секој правдољубив фактчекер ќе ти докаже дека тоа е лик измислен од Оливер Стоун.
А тоа што Сноуден се јави по излегувањето на аферава? Човекот нè потсети дека сегашниот претседател Бајден, како потпретседател на Обама, бил дел од операцијата за прислушување.
Пак со тој Сноуден. Ако Сноуден беше вистински лик, со него ќе се занимаваа мејнстрим-медиуми уште во 2013 година, кога Оливер Стоун го измисли. За среќа, правите новинари тогаш се занимаваа со вистински проблеми, а не со руски подметачини, па беа дел од мисија на Марс за да видат да не случајно Кинезите креваат база на Црвената Планета. И така го сретнаа Мет Дејмон, кој бил дел од екипажот на НАСА, ама по грешка го заборавија таму. Ако не се сеќаваш, направија и супердокументарец, се викаше „Марсовец“.
Заедничка белешка на агентите Ханс Кристијан Копенхагенсон и Џемсбонд Итанхант, бр. 498/999-559. Русјаков продолжува да шири руска пропаганда. Везе руски миленца и лажно ги преставува како гоблени, повикувајќи се на слобода на плетка. Овој пат инсинуира наводно прислушување спроведено од американските служби, повикувајќи се на измислениот лик Едвард Сноуден, иако сите знаеме дека само Русите прислушуваат, се мешаат во избори, присвојуваат туѓи територии и апсат неистомисленици. Среќа, не спомена дека наводново прислушување европски политичари временски се поклопува со нордистанската прислушувачка афера, во која слушавме секого, па менувавме влада, се мешавме во избори, преименувавме територии, укинувавме идентитети. Препорака: да се уапси неистомисленикот колумнист, ама не како што го апсеа Навални, туку демократски да му се спакува политичко-полициски процес.