Кога дрвото е посадено накриво, тешко се оправа, вели народот. Секоја година е сѐ потешко… Ова е особено случај и со образовниот систем, и тоа во континуитет. Бидејќи ако сакаш да уништиш нација, почни од образовниот систем. Со здружени (и само навидум спротивставени) сили, сите досегашни влади, во континуитет, го „реформираа“, или поточно деформираа образованието. Најдобар доказ за тоа се не само полуписмените професори, туку и тотално неписмените луѓе што ја водат државата. И токму од устата на еден од овие вториве стигна веста за „дуалното образование“ со кое ќе се решел проблемот, така што ќе се диференцирале децата на тие што ги бидува и на тие што не ги бидува. Селекцијата ќе ја правеле професорите и директорите на средните школи: „Во текот на завршувањето на прва година средно образование, ќе ви каже вам како родител или мене како родител: извини, ова првото дете ти е супер, ама второто не ти е за факултет и не го пуштаме на факултет!… И ќе оди на стручно образование во втора година: ќе оди два дена на практика, трета година – три дена на практика, а два дена од неделата ќе биде на училиште.“ Децата што не ги бидувало ќе се стекнеле со правото да се запишат на факултет откако ќе наполнат 23 години! Според „генијалната логика“ на Заев, тоа уште и ќе биде одлично за државата, па вели: „еве, детенцето од 16 години, во прва година средно школо, веќе ќе биде и дел од помошта на фабриките, на угостителството, на пазарот. Секако, тоа дете не може да биде со целосна продуктивност како возрасен човек над 18 години, но и тој дел ќе го пополни. Тоа ќе се случува во нашата земја.“
Знаете ли што застрашува во оваа „генијална“ идеја? Не, тоа не е фактот дека луѓето се разликуваат според способностите, вклучувајќи ги и интелектуалните. Тоа најдобро го знаеме ние од образовниот процес. И да, виновни сме многу (како фела) за тоа што штанцаме дипломи на луѓе што не го заслужуваат тоа. Нашите гревови се гледаат и се чувствуваат токму преку примерот на оние што сега ни ја кројат судбината како нација. Оние што не ги бидувало, ама и сега не ги бидува, одлучуваат за сите нас, а во полза на пазарот и профитот. Кога планот за дуалното образование, во кое партиските војници поставени на директорски или наставнички позиции во основните и средните училишта ќе решаваат за судбини на малолетници без нивна согласност и без согласност на нивните родители, доаѓа од човек што има надалеку прочуени „интелектуални перформанси“, тоа е доволно за аларм. Власт што дискриминира и што промовира негативна селекција (врз основа на етничка, партиска или семејна основа), од врвот на пирамидата до нејзината основа, веќе има огромни постигнувања: таа веќе направи сите што ги „бидува“ да заминат или да размислуваат за заминување (над 80 отсто). Од уставноправен аспект и од позиција на човековите права, не е јасно како планираат да го спроведат овој план, кој божем излегол од „Храбриот нов свет“ на Хаксли. Но не потценувајте луѓе што веќе докажаа дека можат да изманипулираат сѐ (нов „бисер“ или напад на искреност на Заев). И на кои сето тоа може да им мине без поголем отпор…
Но, дури и ако веќе сме загазиле во дистопија, мора да се кажат неколку елементарни работи. Правото на образование им припаѓа на сите, без разлика на нивните особености. Се разбира, во нормална држава во која владеат критериуми, позитивната селекција е на дело: т.е. оние што се најспособни и најбрилијантни треба да добијат крила, да летаат над хоризонтот – бидејќи, вистина е дека образованието, она на највисокиот степен, е елитистичко! Елитистичко, ама според умот и способностите, а не според длабочината на џебот или ќесето. Умно општество се грижи (поточно, би се грижело) за сите: ги препознава талентите од најмали нозе и ги негува, ги открива децата со попреченост и им овозможува адаптиран образовен систем за да не заостанат, на другите им помага да си ги препознаат квалитетите и да се пронајдат себеси во струка, занает, професија. Но живееме во свет во кој парите (или врските) креираат таленти, во кој глобалната поп-култура или профитот одлучуваат кому каде му е местото и дали е вреден да живее или не. Во повеќе европски земји, на пример, се случува децата од ромска националност да се сметаат за ментално заостанати и да се сместуваат во специјални училишта или установи. За ова постојат и пресуди на Европскиот суд за човекови права. Поентата е во тоа што сиромашните деца и децата од маргинализираните групи почнуваат со огромен хендикеп: не интелектуален, туку социјален! Тие се жртви на дискриминација од најрана возраст: исклучени од општеството, без можност да се социјализираат во градинките или да го продолжат образованието, или и ако имаат образование, тоа доаѓа со најнизок можен квалитет.
Меѓу децата што просат или што немале можност да добијат соодветно образование има и генијалчиња, ама тие бараат да бидат негувани нивните способности, да им се даде шанса, да се исправат неправдите што им ги нанеле општеството и средината во која живеат (најчесто доаѓаат и од дисфункционални семејства во кои има насилство, алкохолизам, наркоманија – или едноставно сиромаштија и очај). Кај нас тие деца се отфрлени (чест на исклучоците), и осудени да живеат во касти: ако родителите се на дното, и децата учат како да преживеат на ист начин, без можност или амбиција да ги прескокнат бариерите. Токму денес читам вест за 14-годишниот Филип што свири на виолина, прави филмови и се занимава со многу други активности, но сменил четири училишта бидејќи нe бил пpифaтeн од другарчињата затоа што има аутизам. За децата на богатите нема зима: тие студираат ако треба и надвор (па и со државни пари, како што покажа примерот на министерот Димитров) и одбираат кариери (токму премиерот се пофали дека неговата ќерка ја бидува и дека бил среќен што ќе студирала медицина, зошто била „сочувствителна и имала емпатија“). Оние што нема да добијат тапија дека ги бидува во прва година средно, ќе бидат евтината работна сила како што ѝ прилега на една колонија во која вирее марихуаната во посед на фирмите на премиерот.
Образованието, а не НАТО, треба да има приоритет во општеството. Тоа мора да биде инклузивно, и да не прави разлика на децата по социјална или друга припадност! Сите мораат да добијат иста шанса, а високото образование не смее да биде поставено на комерцијални основи (затоа и се запишуваат и оние со најлош успех, а државата сѐ уште нема стипендии за најумните, кои или не стигнуваат на универзитет, или и кога се најталентирани немаат шанси да докторираат). Тоа треба да биде бесплатно, а наставниците да бидат единствените што ќе оценуваат кого го „бидува“, но низ долгиот процес на созревање, а не во една клучна година одредена од тајкун-политичар.
Tолку многу луѓе се имаат издигнато над својата средина, задолжувајќи го човештвото, дури и кога тоа ги отфрлало како „чудни“ или неспособни. Доволно е да помислите на Ајнштајн, Черчил, Андерсен, Дизни, Вудро Вилсон или Бернард Шо, кои според денешни стандарди би биле третирани како деца што не ги бидува и пратени на нива со марихуана. Мноштвото останало непознато, ама без нивниот труд животот не би бил можен (од пекарот и чевларот, хигиеничарката и занаетчијата, до продавачката на пазарчето, пожарникарот итн.). Во безброј ситуации од мојот потпис или оценка зависела судбината на некој млад човек. Ми доаѓале со солзи во очи: ако не положам сега, ќе ме вратат на село, ќе ги изгубам сите шанси да го работам тоа што го сакам. Не дека немало обиди да ме измамат, но вистинскиот педагог дури и тоа знае да го прости. Се сеќавам на една девојка што дојде со слично барање, а јас среде некој голем метеж едвај и да ја погледнав, објаснувајќи ѝ ги строгите критериуми. Но, на втор поглед ги забележав искинатото и тенко палтенце среде зима, „зинатите“ чевли и еден очаен поглед. Ѝ дадов шанса да полага, зашто немав сила да ѝ пресудам во име на некакви правила. Уште помалку право да суди за нечија иднина има државата, која ниту е праведна, ниту е социјална (како што се заветила во Уставот). Децата на 15-16 години можат да бидат и незрели, и да заталкаат, и да немаат поттик. Но, ние, возрасните, не смееме да им ги кршиме крилјата токму тогаш кога се развиваат. Хенри Жиру, со право, забележува дека „децата имаат помалку права од која било друга група, а најмал број институции ги штитат нивните права“. Затоа, нивните гласови и потреби се речиси сосема отсутни од дебатите, политиките и законодавните практики, кои се однесуваат на нивната популација. Апсурдно е и да помислиш дека оваа власт дојде на крилјата на студентските и средношколските пленуми, а сега си зема право да одлучува кого го бидува, а кого не. Конечно, има многу луѓе што ептен ги бидува (во смисла на струка или наука), ама не ги бидува во друга смисла: стануваат нелуѓе, арогантни и себични, гледаат само низ призма на задоволства и/или профит, сите други за нив се „скромноумни“ и недостојни.