Детето го прашува таткото:
Тато, дали е тоа Пегаз, крилестиот коњ?
Не сине, тоа е обична маска.
А во што е разликата, тато?
Пегаз е син на божество, а на маската коњот му е вујко. Според митот, таму каде што Пегаз ќе ја допрел земјата се создавал извор, а маската не разликува кладенец од канализација и еднакво гази и пие од двете. Пегаз е симбол на вечната плодност, окован во соѕвездие на северното небо, а маската е ѕвезда во Северна Македонија и без надеж за потомство…
Но како е можно маската да лета, тато?
Маската сине, не може да лета…
Но ене, лета…
Да, лета…
Па како е можно?
Во оваа земја сè е можно ако добро се плати, па дури и да се научи маската да лета, иако не може да лета…
Не разбирам, тато…
Ќе разбереш, со годините што доаѓаат… Знаеш, трикот е во тоа што маската не знае дека не може да лета, па лета и онаму каде што не смее да лета.
Како бумбарот ли?
Па не баш… Бумбарот лета во согласност со природните закони, додека маската лета наспроти човечките закони! Знаеш, кај бумбарот, научниците тврдеа дека не може да лета бидејќи не знаеја како навистина лета, додека кај маските, научниците иако знаат дека маската мора да падне, ја оставаат да лета и ја вртат главата настрана…
Тато, а може ли маската да падне?
Се разбира дека може, сè што лета еднаш мора да падне…
А кога маската ќе падне?
Тоа само еден „вујко“ знае… Но маската може да падне и ненадејно, ако некоја сила поголема од нејзината ароганција ја повлече надолу…
А дали силата на гравитацијата може да ја победи силата на ароганцијата?
Тешко… Привлечноста на земјата нема влијание врз маските… Тоа може да го сторат само луѓе што ја чувствуваат таа привлечност и се подготвени да сторат нешто во врска со тоа…
Тато, а дали си ти еден од нив?
Но да го оставам таткото да се прпелка во прашањата на детето, барајќи одговори што го надминуваат неискуството непоматено во умноста, како што ја надминуваат и мудроста на сопственото искуство, поматено од (не)делата…
„Колку демагогии системски наредени во артилериска стрелба, колку украдени мисли зад кои не стои ништо освен омраза, суета, власт, и колку расипаност е потребно да се излие пред нашите нозе и колку е до непрепознавање доведена суштината на измамата…“ – пееше Бранимир Штулиќ во залезот на една земја (Југославија), која од сопствениот понор ќе продолжи (неполна деценија подоцна) само како понорна разделница („…и реката не била река во самиот почеток и не е нужно да не биде понорница до крајот…“), додека на небото над нашите глави „летаа(т)“ добро пополнетите, но духовно мртви Штулиќеви фазани, кои ги сменија само идеолошките перја, но го задржаа устремот во прегратките на своевидниот „кентаур“ од тоталитаризам и либерализам (позајмена синтагма).
Под македонското небо (како и во некои други бивши југословенски републики), токму перјаниците на стариот „недемократски“ систем станаа непоколебливи верници во неолиберализмот и неговата „демократија“.
Ако на тоа небо се додаде сè уште живиот санстефански „митолошки“ дух (кој лебди над оваа земја од Берлинскиот конгрес па сè до Берлинските процеси), малку нешто е суштински изменето од времето кога Штулиќ (лидерот на „Азра“) реторички прашуваше – што се случува кога мртвите фазани летаат над нашите глави, а ниту еден не паѓа?
Фазаните се метафора на една формал(ин)изирана и умртвена стварност, слична на онаа што го набљудува нивниот лет над своите глави. Нивниот идентитет и животворна суштина се испразнети за да се пополнат со еднолична, препарирачка смеса, која само го имитира животот, дури сиромашното мисионерство бидува пополнето со богата ароганција. Следбениците на антифашистите не го наследија авторитетот на своите претходници, како што не ги наследија ни антителата на антифашизмот. Наследија изградено, кое беше полесно да се разгради одошто да се обнови.
„Кога фазаните летаат“ е објавена во 1983 година (три години по смртта на Тито) и за инспирација има политички виц од тоа време, каде што Тито лови фазани, но постојано промашува, додека полтроните околу него одобруваат: Сè сме виделе, но мртви фазани да летаат – уште не!
После Тито (како што луцидно забележува Амер Тиквеша), дојде време токму на оние за кои мртвите фазани летаат, а Штулиќ ја препозна нивната заменска улога под политичкото небо на овие простори (каде што суверено гази неолибералниот „кентаурски“ дух), како контури од водени бои што лесно се испираат, како и променливите „перја“: препарираните фазани се заменливи веднаш штом се расипат, но не и препарираната стварност. На крајот на песната (и стварноста) останува да виси реторичкото прашање: „Што се случува кога луѓето ќе ги зафати очај, а очајот неосетно премине во каење…?“
Тато, а што е разликата меѓу кентаурот и Пегаз?
Во речникот на симболите пишува: кога човекот дели тело со коњот, тогаш е митско чудовиште, кентаур: се идентификува со животинските нагони. Крилестиот коњ, напротив, е издигнување на мечтата на создавање и на духовните и возвишени квалитети (способни да го воздигнат човекот) над опасноста од изопаченост. Така и Белерофонт носен од Пегаз ја победил Химера.
А маската, што претставува?
Маската може да претставува многу нешта. Според македонскиот речник, има девет значења: од домашно животно што се користи за пренесување товар, а се добива со вкрстување коњ и магарица, до козметичка смеса. Исто така, таа е нешто што му дава извештачен, неприроден изглед на лицето, направа за анестетик пред операција, специјална актерска шминка или маскиран човек… Но во една изопачена стварност, кога суштината и идентитетот се заменети со еднолична, формалинизирана смеса, а духовно мртвите фазани летаат над нашите глави и никако да паднат, тогаш и значењата може да се измешаат, па маската да стане шминка за товарење на маскираниот човек или направа за да се скрие или преправи ликот на вистинските актери, додека зад сцената тече операцијата на вкрстување на два различни идентитети за да се добие бесплоден род, без шанси за потомство…
Тогаш, некои маски мораат да паднат, зар не?
Да, некои маски мораат да паднат, а други да престанат да летаат…
Тато, а дали ти ќе помогнеш да се случи тоа?
Го оставам таткото да се прпелка во прашањата на детето, дури маските летаат на(д) нашите глави и ниедна не паѓа.