Сепак, глупоста не е она што го дегенерира македонскиот социјален и политички пејзаж. Неуспехот на нашите институции да генерираат искрено вреднување на интелигенцијата како културна вредност нѐ остави да изгледаме глупави. Се чини дека луѓето од власта се целосно невини за какво било разбирање за тоа како всушност функционираат материјалната реалност и нивната глупост, без разлика дали е вистинска или фингирана. Глупавите луѓе не знаат дека се глупави, а тоа е уште една причина зошто се крајно опасни
Кога ќе се раскаже приказната за ова време за многу години од сега, идните генерации и љубителите на историјата ќе научат за лагите, корупцијата, самобогатењето и злоупотребите на сегашната политичка елита. Она што можеби нема да може да го сфатат – а што дури и сега е тешко да се разбере – е само колку глупаво и токсично е да се живее и преживее ова време на симптоматска политичка глупост. Тоа ќе биде најапсурдниот трагикомичен феномен на овој период, глупави искуства од едно големо глупаво време да се биде жив. Зашто нефункционалната состојба на државата денес е резултат на широкораспространета глупост.
Македонија го живее златното време на глупоста. Го достигнавме врвот на глупоста. Изгледа ја потценивме штетната моќ на глупоста забавувајќи се со нејзините носители. Она што ни го покажува циркусот на глупоста на власта е дека досегашното верување во разумот е неразумно. Глупостите што ги живееме со оваа власт ги спорат дури и основните правила на логиката. Изгледа глупоста e длабоко проникната во нашата перцепција и практикување на политиката. Како вистински расадник на глупоста, власта ја крена на многу високо ниво, ја направи колосална и стана нерешлив проблем не само на политиката туку и на размислувањето.
Отидовме дотаму што сѐ повеќе стануваме глупави, едноставно затоа што мислиме: во општество на глупоста невозможно е да се разликува априори глупавата мисла од исправната, праведна мисла. Згора на тоа, неуспехот да се реши неизбежноста на глупоста ја води политичката теорија до неуспех да ги признае продуктивните моменти во кои се кријат искуствата на глупоста. Изгледа дека најпродуктивните моменти во политичкото дејствување на власта го сочинуваат целиот потенцијал на глупоста. Видовме дека радикалните нови идеи можат да произлезат од нејзините навидум банални и глупави размислување. Глупоста е менталното скеле на нејзиниот (не)успех: оние што се во негова контрола ги влошуваат проблемите дури и кога се обидуваат да ги решат. Тоа е апсурдот на глупоста во Македонија речиси на дневна основа.
Коренот на глупоста е осиромашениот концептуален фонд и недостиг од интелегенција, свесниот антиинтелектуализам и тврдоглавото незнаење. Глупоста е научено однесување што вклучува негирање на фактите, демонтирање на историјата и исклучување на спротивставените мислења. Тоа е стратегија на одредена нечувствителност кон реалноста. Наместо да размислуваме за индивидуи виновни за „пороците на глупоста“, можеби сепак треба да размислуваме за неисцрпните резервоари на глупоста на власта, преполни со неприспособливи концепти што може да го заразат секој што е обучен во нив.
Глупоста во Македонија со оваа власт станува феномен што мора да го третираме како прашање на јавното здравје. Матијас ван Боксел последниве години води кампања со полно работно време во име на имбецилноста во Холандија. Во 1999 година ја објави „Енциклопедија на глупоста“. Книгата беше неочекуван успех. „Од една страна, глупоста претставува дневна закана за цивилизацијата“, пишува тој. „Од друга, тоа ја сочинува мистичната основа на нашето постоење. Зашто, ако човекот не стане жртва на сопствената глупост, тој би морал да ја развие својата интелигенција“. Глупоста, сугерира дека е мотивирачка. Или што би рекол: „глупоста е моторот што го движи нашето општество“. Неуспешните обиди да се справиме со самоуништувачката глупост тој ја наоѓа во сите земји и во секое време. Изгледа не ја побарал кај нас за да ја види вистинската моќ на глупоста во политиката. Кутриот г. Боксел наивно верува дека е единствениот што живее од сопствената глупост. Кога би знаел колкумина живеат богато од глупоста во Македонија, мислам би бил длабоко разочаран.
По сѐ што видов и слушнав последниве години, мислам дека никогаш повеќе не смее да се потцени моќта на глупоста. Потенцијалот за штета предизвикана од глупоста е бесконечен кога станува збор за политиката. Култот на глупоста на оваа власт, за повеќето од нас искусни со либерални склоности, ни оддалеку не стивнува.
Сепак, глупоста не е она што го дегенерира македонскиот социјален и политички пејзаж. Неуспехот на нашите институции да генерираат искрено вреднување на интелигенцијата како културна вредност нѐ остави да изгледаме глупави. Се чини дека луѓето од власта се целосно невини за какво било разбирање за тоа како всушност функционираат материјалната реалност и нивната глупост, без разлика дали е вистинска или фингирана. Глупавите луѓе не знаат дека се глупави, а тоа е уште една причина зошто се крајно опасни. Сѐ повеќе ми се чини дека да пишувате за туѓата глупост е многу ризична работа. Не само што по дефиниција сте под сомнение за ароганција и супериорност туку и лесно е да се преценат сопствените интелектуални способности. А морате да пишувате зашто ни се нуди да живееме со глупоста како нов привилегиран политички режим, со неговата апсурдност, фарса, хумор и забава. Пишувате зашто да ја игнорирате глупоста е опасно. Колку е опасна по државата видовме од постапките на власта досега. Видовме нејзината глупост кај нѐ донесе досега. Кај ќе нѐ однесе понатаму страв ми е да помислам.
Очигледно Наполеон Бонапарта имал право дека „глупоста не е хендикеп во политиката“. Ние целосно ги потврдивме неговите зборови.