КЛИНГ

Ацо Каланоски

Супер, го имаме делот од муабетот за најмалку двајца обвинители од СЈО. Има убави пикантерии во разговорите од кои можат да се вадат и аргументирани тези, да се излекуваат хипотетички прашања, но и да се извлекуваат заклучоци за состојбите во судско-обвинителката власт во државата.

И бидејќи во претходните „бомби на Заев“ се запознавме со извршната власт, сега ни се распосла преку еден „case study“ и втората, судската.
За деталите што се однесуваат на првата обвинителка (онаа за која се барала стоматолошка ординација), истрагата ќе си каже. Споменато е едно лице и изразот „ми се јави“. А другите околности ќе си се утврдуваат дополнително од истрагата.
За гласот, пак, што се слуша, во дваесет и втората секунда по дванаесетте минути од аудиоматеријалот (а многу потсетува на гласот на Катица Јанева) се слуша Тредичи, музика од кафана и во дванаесеттата секунда по дванаесеттата минута еден звук „КЛИНГ“.

Тој звук потсетува на звук од чаша кога ќе ја закачи човек со метален или друг тврд предмет. Јас на пример, сум дебел и несмасен и доколку би требало да се оптегнам до нечиј телефонски (од мобилен, нели) микрофон, реално би можело да се очекува дека ќе закачам некоја чаша, па дури и чаршафот да го растегнам.
Мојата колешка од бруцошките денови во мојата меморија егзистира како одмерена и не би сакал да верувам дека развила толкава несмасност во движењата и гестикулирањето, воопшто.

Значи може да биде звук од чаша, но може да биде и звук на почеток од тонски запис.
Затоа очигледно биле многу важни мобилните телефони што ги имаше, па ги немаше.
Чудно како нашиве експерти покажуваат невиден аматеризам во тој дел. Сетете се на збрката од информации во врска со мобилниот на Никола Младенов.
Се разбира кој друг, ако не истрагата, треба да даде одговор на многу битни прашања. Може и ќе ги најде на некоја плажа како цеде, уесбе. Никогаш не се знае.
Јас со нетрпение го очекувам утрешниот „викенд двоброј прилог“, во кој ќе дознаеме како и зошто „пукнала тиквата“.
Толку убаво им одело и на Тредичи и на Ди Камичи, а бе мислиш ќе се земат на крајов на приказнава.

Што се случило во меѓувреме ќе откриеме најверојатно утре.
Штета, а толку убаво им одеше, уште по една политичка партија можеа да договорат во муабетот.
Ех, што да се каже, кога одредени луѓе се дил ориентед.

Авторот е аналитичар