Кризата од ковид-19 ги доведе економиите низ светот во застој. Огромни сектори од производството се ставени во мирување, а авијацијата и туризмот во голема мера се затворени. Среде целата економска пропаст, некои укажаа на наводна позитивна страна, а тоа е почистиот воздух. Но иако е точно дека денешното пониско загадување на воздухот привремено ќе го поштеди здравјето на некои луѓе, исто така е вистина дека секогаш имаме затишје пред бура.
Минатата година околу шест милиони луѓе низ целиот свет починаа како последица на загадувањето на воздухот што се должи на горењето фосилни горива. Ваквото загадување најверојатно ќе доведе до скоро исто толку смртни случаи во 2020 година и покрај почистиот воздух како резултат на карантинот од ковид-19. Загадувањето на воздухот од горење фосилни горива предизвикува срцев удар, мозочен удар, карцином на белите дробови и дијабетес. Децата што дишат загаден воздух имаат поголема шанса да страдаат од астма. И загадениот воздух исто така може да им наштети на бремените жени, што резултира со предвремено родени бебиња или родени со помала телесна тежина.
Но можеме да го намалиме овој сериозен ризик по нашето здравје. Бидејќи нашите економии полека ќе почнат да закрепнуваат откако ќе помине заканата од ковид-19, треба да спроведеме климатски решенија, кои не само што ќе ги спречат штетите предизвикани од загадувањето на воздухот туку исто така може да ја спречат следната пандемија.
Една неодамнешна студија на некои мои колеги од „Харвард“ ги обезбеди првите јасни докази дека малото зголемување на долгорочната изложеност на штетните честички од загадениот воздухот може значително да ги зголеми шансите за смртност од ковид-19. Ова влијание беше очигледно дури и по анализирањето на други фактори, како што се тековната здравствена состојба, социоекономскиот статус и пристапот до здравствена заштита.
Исто така, други истражувачи претходно покажаа дека загадувањето на воздухот ги зголемува шансите за смртност од тежок акутен респираторен синдром (САРС), кој е уште еден коронавирус. Една студија од 2003 година открила дека лица што живееле во многу загадено подрачје на Кина, имале повеќе од двојно поголеми шанси да умрат од САРС, отколку некој што живее во област со почист воздух. Кинеските градови имаат високо или умерено ниво на загадување на воздухот со стапка на смртност од 8,9 и 7,5 отсто соодветно, во однос на стапката од четири отсто во области со ниско загадување. Досегашните истражувања исто така покажаа дека загадувањето на воздухот може да го забрза ширењето на респираторните инфекции
Со оглед на ова, не е изненадување што заедниците, како малцинските и сиромашните, кои веќе имаат проблем со загадувањето на воздухот покажаа особена ранливост на коронавирусот. Ова население е двојно оптоварено, од тешката болест во форма на ковид-19, покрај познатите долгорочни штети од дишењето на загаден воздух.
Сево ова ги продлабочува постојните економски и социјални неправди. Посиромашните лица се со поголема веројатност да бидат отпуштени за време на тековната пандемија, дури и во побогатите земји, а исто така и да бидат изложени на вирусот.
Владите можат да помогнат да се стави крај на овој магичен круг со забрзување на климатските активности, вклучувајќи и со усвојување на обновливата енергија и спречување на непланската сеча на шумите. Со решавање на факторите што ги предизвикуваат појавата и ширењето на заразните заболувања, ваквите политики ќе ги штитат сите, особено оние што се под најголем ризик.
Сепак за време на сегашната пандемија, некои влади се обидоа да ги ослободат од обврски индустриите што загадуваат и да ги намалат стандардите за квалитет на воздухот. Во САД федералните власти, повикувајќи се на кризата од ковид-19, го прекинаа спроведувањето на регулативите за животната средина. Покрај очекуваното влијание врз климата, започна изградбата на нафтоводот „Кистоун икс-ел“ преку границата меѓу САД и Канада, додека администрацијата на претседателот Доналд Трамп неодамна ги врати стандардите за ефикасност на горивото кај возилата.
Слично на тоа, Јужна Африка ги намали стандардите за загадување на воздухот за електроцентралите на јаглен, дозволувајќи им да испуштат двојно повеќе сулфур диоксид како претходно. Во Бразил, државната заштита на дождовните шуми од Амазон, која веќе се намали пред сезоната на пожари, дополнително беше ослабена како резултат на ризиците од ковид-19.
Денес, владите со право се фокусираат на задоволување на непосредните потреби на нивните граѓани. Но како што почнуваме да се враќаме во нормала од оваа пандемија, мора да извршиме притисок врз политичарите за да се осигуриме дека структурните промени нема да бидат само во нечија корист преку поддржување на индустриите што загадуваат. Наместо тоа, ние мора да го подобриме квалитетот на воздухот со проширување на обновливата енергија, зголемување на енергетската ефикасност и градење иновативни транспортни системи. Овие мерки ќе спасат животи, ќе ги штитат заедниците од пандемични ризици и ќе помогнат да се обезбедат подобри услови за нашите деца.
Како што неодамна порача Патриција Еспиноза, извршна секретарка на Рамковната конвенција за климатски промени на ООН, „ковид-19 е најсериозната закана со која се соочува човештвото денес, но не можеме да заборавиме дека климатските промени се најголемата закана со која се соочува човештвото на долг рок“.
Авторот е директор на Центарот за светски климатски промени, здравје и животна средина на школата за јавно здравје „Т.Х. Чен“ на универзитетот „Харвард“