„Водата на ништо не се противи, а минува низ секоја препрека“ – Кинеска поговорка
Од поодамна, драг читателу, со посветена страст пловам низ Духот на Далечниот ориент. Главно сум сосредоточен на Индија и на Кина, за мене лично двете најфасцинантни цивилизации на картата на планетарниот духовен универзум. За жал, сепак западниот човек многу малку им посветил внимание ним, и речиси воопшто не ја прочитал нивната книга на духот и срцето. За тој јаз, до денес непремостлив, меѓу Душата на Истокот и Душата на Западот (веќе од поодамна персонифициран во интелектуалецот Фауст, кој легнува во прегратката на Мефистофел – ѓаволот) зборува со не мала тага и носталгија и Јунг. А по него, со истиот Респект, и модерниот длабокоумен филозоф, психоаналитичар и хуманист Ерих Фром.
Но сега, во фокусот (оти јас сум поет, ќе ми простиш) драг читателу е најпрвин поезијата што се однесува до Истокот и Кина, а по неа идат и филозофијата и религијата, кои во синкретично единство не се порекнуваат, туку се дополнуваат една со друга. Последниве месец/два во екстаза исчитував по втор пат прекрасната антологија на кинеската поезија (од XI век пр. н. е. до почетокот на XVIII век од новата ера), над околу 500 страници на акрибичниот и посветен српски синолог Драгослав Андриќ „Светот во капка роса“ (издание на белградски „Рад“ од 1975).
Една маестрална интеграција на кинеската душа со пејзажот на природата докрај онтологизиран и ни најмалку декоративен, како што може да му се стори на читателот западно формиран и неупатен во ракописот на кинеската душа. И, прекрасната антологија на кинеската бескрајна поезија штотуку ја бев завршил со читање во духот на еден исклучителен естетски хедонизам, кога по неа му се бев нафрлил на Лао Це, француско издание, кое, бидејќи немав скршен динар в џеб, го млазнав под палто од една париска книжарница за време на мојот дамнешен студентски престој во Париз како стипендијант на француската влада. Еве, признавам и јавно дека и јас сум крадец, не само оние од северната влада. Ама јас за разлика од нив, со поинаков криминал набилдани, крадев само книги. Ништо друго. А, се надевам дека заради овој грев Господ нема да ми ги затвори вратите на рајот и да ме тера пред тоа да поминам со камилите, иако без товар, низ иглени уши.
Да. Се сеќавам, кај Лао Це бев застанат кај последните два стиха од еден негов куплет, кои гласеа: „Да ја исполниш својата судбина е: да траеш низ сите времиња / Да умреш, а притоа да ја избегнеш минливоста: тоа е вечност“. Основен таоистички императив на кинеската мудрост. Да. А кога бев застанат, потонат во контемплација, на тие два стиха, кои се повеќе од поезија, рефлексија на целокупната егзистенција како искуство од кое извираат кинеската религија и филозофија, дојде до мене преку аморфните северни медиуми веста за братската кинеска донација од 100.000 вакцини за жалниот македонски мартирски народ. Тој, кој во споредбен однос со Кина ја рефлектира сликата на слонот со мравката. Да, драг читателу, ама тоа е слонот (читај Кина) што не ја гази мравката (читај Македонија), бидејќи таа е еднаква со него во интегралната слика на космосот и постоењето, како што го сфаќаат тоа така и Конфуциј и Лао Це. Сликата на Големото Едно, како што вели Фунг Ју-Лан во својата „Историја на кинеската филозофија“ (Нолит – Белград 1971).
Во тоа Големо Едно е важен принципот на интегрализмот во кој е укинат јазот меѓу субјектот и предметот, карактеристичен за западниот разделен, напукнат (феуменистички да не речеме шизофрен) ум. Тој, пак, кинески метод за премостување на таа бездна меѓу субјектот и предметот, карактеристична за западниот нарцистички интелект, кинескиот таоизам го дефинира со поимот „внатрешна мудрост“. Тоа е всушност она, како што го дефинира дополнително Фунг Ји-Лан „знаење што не е знаење“, несфатливо за западната фаустовска душа. А всушност станува збор за оној вид свето знаење, кое го познаваат и Индусите, озаконето со синтагмата Големото незнаење. Ведското знаење на вечното враќање Од кое се напојуваа, мудри, во западната филозофска мисла и Шопенхауер и Ниче, пред сè. Знаењето во кое се во единство принципите на Атман (личното) и Брахман (божественото космичко Јас).
Но, привремено точка. Да не забегаме во бескрајните и тешко размрсливи ходници на источниот (во овој случај кинески) лавиринт на духот и душата, драг читателу. Оти, имено, поттикот за оваа колумна како искра намената за поголем оган ми го даде, како што гледаш, кинеската вакцинодонација, при што посебно длабоко ме трогна (не гарантирам тука за емотивниот капацитет на Заев и на Филипче) графитот порака испишана на пратката во стилот на Конфуциј и Лао Це: „Пријателот во неволја е поблизок од брат. Да, драг источен пријателе, и без перверзната мимикрија на Брисел и на Вашингтон, кои десет пати во секунда ни се претставуваат како пријатели, а всушност само нè понижуваат и ништат. Јасно? Да. И, сега преминуваме на нашите гревови кон божествената Кина, а кои всушност ни ги натоварија некои небулозни типови од политиката. Станува збор за два политидиотизми: едниот е поврзан со Васил Тупурковски, вечното олимписко дете, популарниот Циле, а другиот, најнов, со неизбежниот Мајстор на таа уметност Зоран Заев.
Кај Тупурковски тоа е, се сеќаваш драг читателу, случајот со Тајван и тајванската милијарда, кога тој беше на висока позиција во власта. Доларската милијарда од тој глупав политпроект, пак никогаш не дојде во Македонија, или дојде и влезе во нечиј скришен џеб. Не знаеме. Знаеме само дека тоа беше нарачка од Вашингтон за да се понижи Кина, а Тупурковски беше алатката за да се изведе тоа. Штетата набргу потоа се покажа: Кинезите ставија вето во ООН против продолжувањето на мисијата на КФОР на Балканот, по што се ослободи теренот за слободно дејствување во 2001 г. на албанските терористи од внатрешноста и од Косово, а тоа беше пак однапред во пакет испланирано од ЦИА, од Големиот инквизитор (да се послужиме со метафората на Достоевски) Вашингтон без чиј совет нашите политичари не одат ни понадвор без притоа да добијат дозвола и нокшир од него за тоа. И Кина во ООН не го направи тој потег на вето за одмазда кон малечката Македонија, оти не е со одмаздољубив карактер, туку за да им покаже на Јенките дека сепак не може докрај да прават што сакаат.
Тоа со Тупурковски, олимпискиот Циле, кој, ако се сеќаваш драг читателу, како член на југословенското „политбиро“ во сега, чинам, далечната 1968 г. гласаше за акција на тенковите на војската за време на познатите студентски демонстрации во Белград. Тоа се памети. Вториот многу поневин, но сепак маркантен политидиотизам е поврзан со Заев и неговото глупаво советување со Вашингтон за тоа дали не е геополитички престап (повреда на американските интереси) ако евентуално во оваа планетарна пандемиска катастрофа нарачаме вакцини од Кина (а само по себе се подразбира и од Русија). На ова тој доби шлаканица од Јенките, разбирливо за, колку-толку, да не се брукаат и тие со неговата глупост. Било како било, пак, мува не го лази политгенијот од Муртино, оти е човек без чувство на достоинство и срам, северниот премиер, кој со неговиот министер Филипче и нарача вакцини од Кина на еден крајно сомнителен мафијашки начин во мистериозен договор со некоја фантомска исто така мафијашка фирма од Хонгконг. Но Кинезите го открија тој подземен проект и не го одобрија. Не го одобрија, оти се во основа длабокоумен и чесен народ. Народ чија цивилизациска духовна база, како што вели и Фунг Ју-Лан, ја пружа етиката, посебно конфуцијанската, а дури потоа доаѓа религијата.
Мораше да бидеме малку трпеливи, па да ни стигне по регуларен чист пат пратката од 300.000 вакцини „синофарм“, а веднаш потоа и уште 100.000 донација на големото и хумано кинеско срце. И таа донација не стигна како пофалба на нашата политика и политичари, туку како солидарност со душата на сиромашниот и настрадан македонски народ. За него, не за евроамерополтроните (инсистирам тој збор кованка да се внесе во Толковниот речник, заедно со враќање во него и на зборот Циган за кој пофално се изразија и Пушкин во поемата „Цигани“ и Лорка во лирскиот еп „Цигански романсеро“), евроамерополтроните што кај нас безусловно играат само по нотите на Големиот инквизитор.
Така. И стигнаа на наша радост тие сто илјади вакцини, не од пријателска, туку од братска Кина, како и што пишуваше на пратката: „Во неволја пријателот е поблизок од брат“. Да. А што ни дадоа и што воопшто ни даваат во неволјата Брисел, вавилонската ороспија, и Вашингтон, драг читателу. Ништо посебно, освен само што ги зголемуваат нашите неволји и нè ништат, почнувајќи од Берлин 1878, преку Букурешт 1913, Версај 1919, Лисабон 1992, албанскиот тероризам во 2001, аминуван и поддржан од нив, сè до Тиранската платформа и Преспа 2018. А како што гледаме, и понатаму. Сè уште трае нивната темна страст за наша конечна ликвидација. До бескрај, оти ни најдоа премиер (сега се два) и квислиншка влада по нивна мера, со рамен мозок без ни една бразда, кои ги одминала еволуцијата на „омозгување“, да се послужам пак со поимот во таа смисла на сјајниот Готфрид Бен.
Тоа и така, драг читателу, туку да се вратиме мигновено на пребогатиот духовен и душевен кинески универзум. Во него сега ги издвојувам двата битни кинески архетипални симболи: жадот и свилата, кои, и двата, трансцендентални, се проткајуваат тактилно и спиритуално меѓу себе. Првиот, жадот е каменот на бесмртноста на Кинезите, чиј аналогон на Запад е Каменот на мудроста кај алхемичарите. Тој во крајната инстанца го симболизира самиот Исус Христос. Една наизглед замрсена, но чиста приказна. Имено, станува збор за алхемијата, која е чист генерички производ на кинескиот дух и душа, за што супериорно научно говори и Јунг во неговото веројатно најзначајно дело „Психологија и алхемија“. Кинеското алхемиско знаење е собрано во списите-книга под заедничкиот наслов „Златниот цвет“. Но она што е посебно важно тука е фактот дека од Кина по легендарниот Пат на свилата кон Европа алхемијата минала и низ незаобиколната Македонија, една од средишните точки на раскрсницата меѓу Источната и Западната цивилизација. А можеби таа тука и престојувала малце подолго пред да го продолжи понатаму патот кон Европа. На таквата (хипо)теза ни дава право фактот дека херметичките спиритуални книги на Хермес Трисмегист се, имено, пронајдени во Македонија од италијанскиот монах Леонардо ди Пистоја, пратен во оваа мисија од еден од мецените на италијанската ренесанса Козмо ди Медичи. Најдени се негде на охридскиот вилает и оттука однесени во Фиренца.
За тоа нешто знае дури Габриел Гарсија Маркез, па ја спомнува не случајно магична Македонија уште на почетокот на својот генијален роман „Сто години самотија“. Само ние Македонците, за жал, не знаеме, оти сме се самозаборавиле.
Кусо за тоа. Сега нешто за другиот кинески архетипален симбол свилата, кој е во некоја смисла основа и на кинеската лирска душа, импрегнирана како никоја друга со свилените нишки на природата, средишен и сеопфатен мотив не само на кинеската поезија туку и на кинеската филозофија (мисла) и религија од деликатен пантеистички тип. Сè во еден монолит, во Големото Едно во кое нема пукнатина меѓу Јин и Јанг, двете половини на кинескиот космички андрогин во кој нема недоразбирање меѓу субјектот и објектот, слеани во едно, па оттука, фројдовски речено, ја нема ни неурозата што произлегува од таквото недоразбирање кај кинескиот човек, а типична за човекот на западната цивилизација. Доволно. Со трансценденталниот симбол на свилата е поврзан и славниот Пат на свилата трасиран од мудрите Кинези со интенција не само за трговско, туку и за духовно и културолошко, па и душевно, емотивно проткајување и сплотување на Истокот и Западот, она што го имал на ум и Александар Македонски во своите походи на Исток. Темата се шири. Но дали ја реализирал таа благородна мисија Патот на свилата? Во еден постар период во антиката – да, иако не целосно. И само умните Кинези, драг читателу, можеле да замислат и да пуштат во цивилизациски оптек еден таков монументален и божествен проект каков што е Патот на свилата. Патот чија важност ја сфатиле дури и Монголите на Џингис-хан (варварите од Исток како што ги именува нив Европа), па него го обезбедувале и штителе од разноразните разбојници. А како е ситуацијата денес, кога повторно го возобновуваат него Кинезите за доброто на двата големи цивилизациски блока, источниот и западниот. Парадоксот е во тоа што Западот наместо штедро да ја прифати таа обнова, ја минира неа со методите на едно добро познато софистицирано варварство на политиката и капиталот. И пак тука, драг читателу, испадна како колатерална жртва Македонија пред која од страна на Брисел и пред сè на Јенките од Вашингтон во каубојски стил, обновениот Пат на свилата беше миниран и кренат во воздух пред истиот тој да стигне кај нас со рускиот гас од кој ќе имавме голема добивка и корист. Тоа. Ама не може и Русите да чекорат по тој пат кон Европа. Тие се непожелни за неа и за Америте, и се туркаат настрана од западната цивилизација. Па, еве, за да не бидеме покусо од своите западни сојузници и нашата евроамерополтронска шизофрена влада протера уште еден руски дипломат, вклучувајќи се во струјата на западната макартистичка русофобија.
Тоа. Ама во една временска перспектива, се чини, Патот на свилата ќе однесе победа над западното корпоративно и профитно ситнодушие. Оти тоа е Тао-то на Лао Це, кое може да се преведе, или дефинира со два клучни поими Пат и Вистина. Или, едноставно, Патот на Вистината. патот до кој мудрите и трпеливи како водата Кинези, која на ништо не се противи, но минува низ сите препреки, држат од антиката, од времето на Конфуциј и Лао Це сè до денес. И, ете, токму по тој Пат на свилата и срцето, Тао, Via Egnatia, Пат на вистината, ни стигнаа неодамна и стоте илјади вакцини подарок од далечната, но блиска до срцето и братска Кина. А тоа не се за нас ни антипријателската и антибратска вавилонска ороспија, Брисел, а уште помалку Јенките од Вашингтон за што се изјаснивме понапред. Да, по некој случај ако, не дај Боже, се судрат НАТО-Јенките и Кина, што мислиш, на која страна ќе застанеме јас и ти, драг читателу? Јасно ти е, нели? Оти, батали го нашиот НАТО-сојуз, евроатлански (како монументално и страшно звучи тоа), од кого само имаме штета, не и корист.
Неодамна НАТО, западниот планетарен терорист, го наградивме од нашата сиромаштија со над 210 милиони евра. А од Кина, како што гледаме, имаме и корист, и почит, и љубов. Тоа ни е потребно нам, оти сме претерано понижени и ранети од корпоративната и оросписка западна цивилизација. Па, не случајно, си мислам, јас и пред да стигне скапоцениот кинески подарок кај нас интуитивно вглобував некои кинески мотиви во мојата најнова поетска книга во ракопис „Рани од екстаза“. Во една од нив (дали не и како пророчка шифра) ја опеав принцезата од династијата Минг, која разбудена од смртта ја мота како ѓердан од жад Жолтата митска кинеска рака околу невестинското грло и ја влече кон Македонија. Чудни се, нели драг читателу, свилените Тао-патишта на поетската интуиција. Да. Но тука е ред да ставиме конечно точка на оваа колумна. Претеравме, и ризикуваме да ни се налути Александар, иако не верувам во тоа. Сепак. До следната наша средба, големи поздрави до тебе, драг читателу. Следи го Патот на свилата, или Тао, Патот на Вистината, сеедно, и никогаш нема да залуташ. Секогаш ќе си во своето, како што би рекол Јунг, златно јаство. Секогаш на правиот вистински пат.