Во понеделникот, 12 април 2021, сум направил мал чекор за подобрување на здравствената состојба во Македонија, а голем за мене. По заслуга на управата на весникот „Нова Македонија“, се вброив во списокот на оние 600 „новинари и медиумски работници“ што ѝ припаѓаат на критичната група над 40 години и страдаат од хронични болести, дијабетес на пример. Низ навистина одлично организиран протокол во големата арена „А1“ („Борис Трајковски“), во друштво на љубезен персонал ја примив долгоочекуваната вакцина против ковид-19, прва доза. Истото утро, каква коинциденција, во Русија се одбележуваа 60 години од историскиот лет на Јуриј Гагарин, астронаутот што прв го проби нам видливото небо, кој за 108 минути ја прелета Земјата и е првиот жив човек што со свои очи ја виде непрегледната вселена. Гагарин леташе со ракетата „Восток“, а мене ме приземјуваа со „Спутник V“, познатата руска вакцина, сѐ уште непризнаена од Запад.
Според теоретичарите на светски заговори и антиваксерите, би требало да мислам дека преку моето рамо во мојот мозок ми е вграден руски чип што ќе ми ја држи главата под руско влијание и контрола, дека ќе го идеализирам Путин, а не Џо Бајден, ќе ги сонувам Вашингтон и Холивуд, не Москва, не дај боже Сибир или руската степа. Не знам дали од стравот од тоа наводно кобно влијание или од некаков напор да го докажам спротивното, се мотивирав да напишам нешто за Америка, поточно за американските амбасадори во Македонија, најважните протектори (сојузници) на Република Македонија (сега Северна) и не баш омилени во дел од македонската јавност.
Мотивот е необичен, но што е тоа што е обично во Македонија, ако не е афера или скандал, штанцање големи лаги и мали вистини, ширење мала љубов и голема омраза, произведувани во фабриките што се во сопственост на власта или на опозицијата или, пак, носат нивни етикети напишани кога со големи, кога со ситни-ситни, нечитливи букви. Плус, сакал-нејќел и најобичниот македонски граѓанин не може да побегне од впечатокот дека Америка е главниот играч во оваа држава, што на дело покажуваат многу разјаснети или енигматични настани. Таа пали, таа гаси, така вели народот, а пали и гаси во повеќе од половина свет.
Историјатот на современите македонско-американски односи, по независноста, покажува фактографија дека тие почнале на 3 декември 1993, кога Соединетите Американски Држави отворија Канцеларија за врски во Скопје, со името на градот, не на државата, кога пристигна едно младо момче, обучено агентче. Во 1994-та ја признаа Поранешната југословенска Република Македонија со таа привремена референца (ПЈРМ), кога имаше американски дипломат во ранг на претставник, а во летото 1996 дојде првиот официјално назначен амбасадор. Во 2004-та САД направија храбар исчекор – ја признаа Република Македонија под нејзиното уставното име, со што, барем формално, станавме рамноправни држави, под услов ако некој во светот може да биде рамноправен со Америка. Оттогаш, барем нивните дипломати, ја именуваа земјата по име и нѐ воздивнуваа гласно „Ооо, колку е убава вашата земја“ кога ја спомнуваа државата, по добро или по лошо, како што правеа сите западноевропски дипломати што не сакаа да го изговорат еретичкиот збор – Република Македонија.
Од првиот американски амбасадор во Македонија, агилниот господин Кристофер Хил, човек со дипломатски искуства од мали и сиромашни земји, кој со извесни симпатии и со доза на чудење гледаше на новопризнаената земја македонска, до сегашната амбасадорка Кејт Мари Брнз, своја дипломатска кариера во Македонија поминаа 7-8 амбасадори, од разни возрасти и со различни претходни кариери. Почитувајќи го едно од најстарите новинарски правила, според кое последната вест е прва вест, нема да ги вреднувам улогите, успесите или неуспесите на поранешните американски претставници во преобразбата на македонската држава и општество. Во овој текст би сакал да споделам неколку свои мислења за последниот – за Мари Кејт Брнз, втората жена амбасадор по отслужувањето на Џилијан Миловановиќ, српска снаа по потеклото на нејзиниот сопруг.
Кејт Брнз, редок дипломат, кој луѓето прво ги освојува со очи, а потоа со зборови и гестови, на функцијата во Македонија (Северна) од летото 2019 година, скромно но видливо, на највисоко ниво, ја демонстрира сета политичка и бонтон-вештина стекната низ нејзината богата, безмалку триесетгодишна кариера. Жителка на Флорида, а по мисиите каде што служела граѓанин на светот, образована на престижниот универзитет „Џорџтаун“ во Вашингтон, овде држи часови по култура на однесување и говорење, манири за кои македонските политичари немаат вроден талент или не се трудат да ги научат.
Од она што се гледа на телевизија, може да се видат нејзината љубезност и учтивост, уважувањето на соговорниците. Префинета, дискретно елегантна дама, какви што се гледаат во елитните кругови на Њујорк, сложените прашања ги решава преку нејзината доктрина „тивка вода брег рони“. На јавната сцена ги манифестира сите елементи на модерен, високообучен дипломат: поседува интелигенција, знаење, смисла за процена и реагирање во вистинскиот момент. Реагира одмерено и навреме, никогаш не употребила збор со кој би го навредила народното или националното чувство на Македонците, одбира фрази што секој што разбира што е дипломатија и политика ќе ја сфати нивната суштина. Операциите во Македонија, за разлика од нејзиниот претходник, ги изведува како прецизен хирург, тивко, без офкање, без крв и со мали последици во постоперативниот период.
Во збирот на плусови може да се додаде и нејзиниот шарм, карактеристичен за дамите од високата американска администрација. И кога (ретко) е намуртена или би требало да биде лута, одлика ѝ се смиреноста, внимателноста, тактичноста, ненаметливоста. Ние, широката јавност, не знаеме каков приватен темперамент госпоѓата Брнз крие зад кулисите на пријатниот изглед, како се однесува кога зад затворени врати разговара со македонските политичари, каква е кога ќе престанат со снимање камерите или кога ќе се исклучат рефлекторите, но тоа не е елемент што ги намалува нејзините вредности како еден од најдобрите, ако не и најдобриот американски амбасадор што ги застапувал американските интереси во Македонија. Се разбира дека оцената е субјективна, но е реална и не е реакција од мојот руски чип. Сигурен сум дека кога би се направила некоја анкета меѓу граѓаните, позитивните оцени за неа би котирале многу високо на анкетната скала.
Не случајно од Стејт департментот на САД, г-ѓа Брнз има добиено осум награди за највисока чест и за заслуги и награда за служба, како и две награди за заслуги за цивили службеници од Одделот за армија на Министерството за одбрана на САД. Преку програмата „Пирсон“, во 2002-2003, таа го претставувала Стејт департментот во Конгресот на САД, а во 2012-2013 била претставник на Стејт департментот во Фондацијата за лидерство на Меѓународниот форум на жени. Уште понеслучајно е што уште од млади години стапнала во дипломатските води, службувајќи во Австрија, Шпанија, Боливија, Унгарија, Грција, Турција.
Како што е познато, објектот на американската амбасада во Скопје, што под земја, што над земја, е најголемиот објект за таква намена не само во Македонија туку на Балканот и пошироко, најсовремено техничко-технолошки опремена разузнавачка опсерваторија, како што тврдат некои упатени луѓе. Во неа работат околу сто Американци и нешто над двесте локално ангажирани вработени. Непознат е бројот на надворешни соработници – информатори, бројка што ниту некогаш се дознава, а најмалку јавно се соопштува, но претпоставка е дека не е мал.
Амбасадорката Кејт Брнз, сопруга на пензиониран полковник на морнарицата на САД, во својот дел од успехот сигурно ги вбројува поддршката и улогата на нејзиниот заменик-шеф на мисијата во амбасадата, Џенифер Џ.Р. Литлџон. И госпоѓата Литлџон е дипломатка од кариера, која служела во кабинетите на министерката Кондолиза Рајс и на претседателот Клинтон, а должности во странство вршела во Германија, Тајланд, Бразил и во Авганистан. Еве уште еден доказ колку може да бидат успешни две способни жени во една заедничка мисија, во случајов во Република Северна Македонија, заостаната земја во секоја смисла, сега членка на НАТО, но далеку од очите на големиот свет.