Кварантадуе

Ах, таа совршена планета! И тие нејзини неверојатни жители. Толку беа совршени и напредни, што стигнаа до бесмртност. Вечно ќе живеат. И затоа сега умираат од досада. Веќе не знаат што со себе. Ама на филозофите им текна. Кога веќе имаат сè, па дури и бесмртност, редно време е да се фатат за најтешкото прашање. Која е смислата на животот, вселената и на сè друго? Им ја соопштија идејата на другите. И проектот започна. Совршените жители почнаа да го градат неверојатниот компјутер. Тој требаше да им го даде одговорот за смислата на животот, вселената и на сè друго. Го правеа илјада години. Беше тоа нестварно моќен компјутер. Го вклучија. Одговори ни, му рекоа, која е смислата на животот, вселената и на сè друго? Ќе ми требаат за тоа илјада години, им врати компјутерот. Поминале илјада години. Компјутерот повторно се вклучи. Го имам одговорот, им рече. Смислата на животот, вселената и на сè друго е 42. Тоа е вистинскиот одговор. Но сега ви е потребно вистинското прашање. За да сфатите што е 42, мора да го поставите вистинското прашање. Јас не можам да го поставам. Ама ќе направам компјутер уште помоќен од мене. За тоа ќе ми требаат илјада години. Така им рекол суперкомпјутерот. И почнал да прави посилен компјутер од себе. По илјада години се вклучи. Јас завршив, рече компјутерот. Направив огромен супермоќен компјутер. Го нареков Земја. Единиците и нулите во него се викаат мажи и жени. Тие ќе работат илјадници години за да го најдат вистинското прашање чиј одговор е 42.

Океј, ви прераскажав само еден атом од бескрајната и луда галаксија книжевност на англискиот писател Даглас Адамс. Ако сакате да видите како компјутерот Земја и неговите компјутерски делови наречени луѓе ќе стигнат до вистинското прашање, ќе мора да си ја прочитате генијалната книга „Автостоперски водич низ галаксијата“.
Зошто ви го пишувам ова? Затоа што за мене бројот 42 е неверојатно важен. Затоа што во моментов кога ја пишувам колумната мене ми е роденден. Полнам 42 години. За вас што сега читате, сево ова беше вчера, ама за мене, додека пишувам, е денес.

Е па, нека ми е среќен роденденот! За мене два броја имаат огромна животна важност, 33 и 42. И тоа 33 поради Исус Христос, а 42 поради смислата на животот, вселената и на сè друго. На 33 години ја објавив првата книга, расказите „Ме сакаш ли под дождот?“. Во меѓувреме одлучив повеќе да не објавувам. Не, тука. Не сакам на книгата да ми пишува Северна Македонија. Тоа е име на изопачената окупација. Ете, сега се надевам дека на 42 години, ќе ја објавам својата прва книга надвор од окупираната држава, секако, ако даде Господ.

А кога сме кај Бога, роден сум на Свети Пантелејмон и Свети Климент Охридски. Што е огромна чест за мојата душа. Која што јас ја извалкав со сите можни достапни средства за валкање на душата. Материјални и нематеријални. Ја направив галерија во која се врамени сите мои гревови. И не се шегувам кога велам, имам само една мана. Немам доблести.

Бонџорно, Русјаков!
Бонџорно! Коме стаи?
Бене, мулто бене. Туку да те прашам, цела колумна мислиш само за тебе да читаме?
Зошто? Пречи? А бе сакав јас да раскажам приказна за „Зоки ди тути Боки“, ама гледам сите веќе ја прераскажуваат.
Е па, дај нешто ексклузивно,тогаш!

Ексклузивно, океј. Атомската бомба што на 9 август падна врз Хирошима ја фрли Владимир Путин преправен во американски бомбардери. Илинденското востание било кренато за да се создаде „Северна Крушевска Република“ што се докажува од новооткриениот севернокрушевски манифест. Тоа што имало рокање низ цела Македонија било НАТО-вежба што ја спровеле комитите како приказ за нивниот вековен стремеж за евроатлантски интеграции. Свеќниците во домот на Камчев се дел од криминалниот проект „Скопје 2014“ и нема правда, нема мир додека Обвинителството не започне сериозна истрага. Го гледав новиот филм на Федерико Фелини со Моника Белучи, Џина Лолобриџида, Марчело Мастројани и Силвио Берлускони. Моника Белучи го игра Боки Тредичи. Лолобриџида блеска во улогата на Ката Сеи Фалконе. Марчело Мастројани нормално го игра Зочи Трентаре Уноевро де Виче, а Силвио Берлускони ја игра ролјата на негативецот Владимиро Путино.
Русјаков, не може да си гледал нов филм на Фелини кога е мртов.

И Грујо е во Будимпешта, ама види како ја рекетира државата и влијае на сваровски-судството. Значи Фелини… На Боки Тредичи му се случува несреќа. Неговиот „фиат милтраченто“ прекуноќ се претвора во „ауди“, а цегерот во кој носи леб и млеко за својот татко, инаку безмилосно претепан од свештеник, наеднаш станува чанта „луј витон“ полна милион и кусур евра. Но не се соочува само тој со ваква подметната трансформација. Ката Сеи Фалконе нормално е невина. Ама се буди како вообичаено сомнителна. И сега мрачните сили сакаат невината да ја прикажат како блудна. Иако секој нормален знае дека нејзиниот глас не е нејзиниот глас. Ова е сечен, лепен и монтиран нејзин глас што не е нејзин глас и сега по допрен глас, разни безгласни букви сакаат да ја направат гласноговорник на злото. На Зочи Трентаре Уноевро де Виче му беше најтешко. Најмногу страдаше. А беше тргнат во потрага по изгубеното време.

Таму, среде изгубеното време, се наоѓаше долгоочекуваниот датум. И тамам да го зграпчи денот, да го зграпчи датумот, му го грабна еден словенечки Ѕингаро од Италија. Тоа ти е, си рече Зочи Тренаре Уноевро де Виче, ѕингарска работа, а каде е син ми Костадин? Ама Костадин војводата беше во потрага по мрачните сили. И ги најде. Мрачниот план на злосторникот Владимиро Путино игран од Силвио Берлускони беше крајно едноставен и грозоморно комплексен.
Признај, крикна Костадин војводата, капиданот.
Путино немаше кај да бега.

Кварантадуе, призна, што во превод значи 42.
И невиното СЈО во коалиција со праведното ОЈО и блескавото СДСМ започна истрага, која ќе покаже дека меѓу редовите на една колумна насловена на италијански „Каварантадуе“ се крие злосторничката загатка скриена зад озлогласената формула Русјаков 42, кој сакајќи да ги уништи блескавите живот, вселена и сè друго, се обиде да го скрие вистинското прашање… До кога со онакви сељачки свеќници?