Втората страна на спогодбата од Мала Преспа го доодува патот на својата уставна голгота. Понижувањата на сметка на стекнатата државност и преостанатото човечко достоинство се во завршна фаза, како и осамениот повик на последните интелектуалци во одбрана на правдата, слободата и вистината, наспроти ламтежот на разгорените (од) политички страсти.
Преостануваат уште неколку собраниски „клинци“ и „маченикот/маченичката“ повторно е „роден/а“. Како нова религија или секта. Времето што доаѓа ќе одреди, во зависност од бројот на своите приврзаници. И противници.
Засега, стварноста метонимиски ја следи народната „кучињата лаат, а карванот си врви“. Или, што се чини еднакво соодветно, старата изрека да се преврти наопаку без да изгуби од вистинитоста, па да гласи „карванот лае, а кучињата си врват“.
Пред да ме повикаат за клевета на животните, повиканите за нивна одбрана, да појаснам дека овде не припаѓаат бездомните кучиња „навеани“ на човечката немилост и борба „во видот“ од видот „dog eat dog“ (куче против куче), кои лаат и касаат споулавени од глад и страв (а кои не му се туѓи ниту на човек во слични околности), ниту домашните кучиња „припитомени“ во летаргијата на топлиот дом, кои ниту лаат, ниту касаат без дозвола. Ниту пак се однесува на касапските кучиња (касапското куче не е она што дреме пред касапница – тоа е само гладно куче), туку на оние што го носат епитетот на предаторска човечка природа, како кучиња на војната, кои напаѓаат без предупредување и не поради глад, ами поради алчност. Всушност, тие воопшто и не се кучиња, ами олицетворение на една расчовечена историја и негова творба, фигуративен термин за платеници и одметници од правилата на конвенционалното војување.
Не помалку се опасни и „кучињата“ од албумот на „Пинк Флојд“, насловен „Животни“, а инспириран од Орвеловата „Животинска фарма“, со паралели меѓу луѓето и животните, во критика на предаторската природа на капитализмот и високиот бизнис, заслужни за општествено и морално разградување. И најпосле, „давење“ под каменот на сопствената тежина. Ете, такви се „кучињата“ што врват (и вреват) низ нашиот двор, но и многу пошироко.
Во истата година кога десетина гемиџии, членови на истоимената анархистична револуционерна група, извршија серија атентати на европски капитални објекти во Солун, спроведувајќи ја веројатно најголемата терористичка акција на своето време, на другата страна на светот, поточно во Јукон, во Канада, излегува од печат еден од најпознатите романи на Џек Лондон на тема за златната треска, тогаш во заоѓање.
Додека првиот настан е саможртвен повик на грст млади луѓе до совеста на Европа за неодложно дејствување во решавање на македонското прашање (повик до европската цивилизација), вториот е повик да се избегне судбината на жртва во Дарвиновиот свет на посилните („Повикот на дивината“). Приказната за Бак е приказна за едно преживување, кое го изодува патот на враќање кон своето атавистичко наследство. Провокација на таа преобразба е златната треска на луѓето – ловци на злато, која го сместува Бак во борба сам против сите.
Приказната на Лондон предупредува на повикот на дивината, кој доаѓа кога ни е загрозен опстанокот отаде мерата. Нема многу да погрешиме ако ги препознаеме и „жолтите елеци“ во антропоморфниот лик на Бак. Нивните методи се „дивјачки“, каков што е и „камшикот“ на златната треска на неолиберализмот. И по повеќе од сто години, совеста на Европа и натаму дреме во „трнорушкин сон“, запечатен со „бакнежот на неолибералниот принц“. Во стварноста, таа не треба да се разбуди, ами да спие во длабок сон со сите свои поданици и слуги. По можност, засекогаш.
Неа може да ја разбуди само карванот на жолти елеци (или ним слични) или карванот на интелектуалците (филозофи, литерати, уметници и научници), чие творештво и глас се спротивставуваат на голиот политички прагматизам и владеењето на политичките страсти.
Што може да стори еден ваков карван наспроти глобалниот сојуз на неолибералните кучиња на војната и современата трка на златна треска? Можеби не можат да го спречат нивното газење низ човештвото и полнење на светската историја со крв, како што не ги спречија ни двете светски војни, напротив беа нивна причина, меѓутоа, како што пишува Жилиен Бенда, „ги спречиле од таквото дело да направат една нова религија… благодарение на нив, човештвото (иако чинело зло), го славело доброто“, отворајќи го процепот низ кој може(ше) да се провлече цивилизацијата.
По успехот на новелата „Повикот на дивината“, Џек Лондон ќе го напише „Белиот песјак“, приказна со спротивен наратив од претходната, во која јунакот го изодува патот на своето облагородување од дивото и претставува своевидна цивилизациска еволуција на едно куче. Патот на конечното човечко облагородување, пак, е сѐ уште недопишан роман.
Карванот на интелектуалците повикан за одбрана и предупредувачко „лаење“ е замолчен уште одамна. Голем дел од нив ги зазеде местата на политички стражари и наемници, наместо на нивни критичари. Нивната „помош“, адресирана во полза на НАТО-агендата ќе се покаже како пресудна во бришењето на посебноста и жртвата на самостојноста. За она што ни се случува не можеме вината да ја бараме само помеѓу интелектуалците што одбиваат да го испијат „отровот на кукута“ (што го испива Сократ поради неверување во боговите во кои верува државата). Уште помалку имаме право да настојуваме од оние што веќе ја испиле критичната доза, да го сторат тоа и за другите. Меѓутоа, треба да се запрашаме дали сме подготвени да го жртвуваме сопствениот комфор (како оној на домашните миленичиња)? Или не?
Во меѓувреме, голем дел жолти елеци остануваат здиплени, под седиштата на нашите автомобили.
Бенда го отвора своето дело „Предавството на интелектуалците“ со спомен-случка на Толстој од офицерската служба: за време на еден марш негов колега „воспитно“ мава по војникот што излегол од стројот, на што Толстој прашува: „Нели ви е срам така да постапувате со ваш близок? Се чини не сте го прочитале Евангелието?“ На тоа колегата му одговара: „А вие, се чини, не сте ги прочитале правилата на службата?“ Оваа случка, иако се повикува на Евангелието, всушност има строго световно наравоучение и упатува повик да не се прифаќа беспоговорно ниедна световна власт и служба. Особено не онаа што го поплочува патот со насилство, а излегувањето од стројот со страв од насилство. Бенда ќе потсети дека „мирот, ако некогаш биде воспоставен, нема да почива врз стравот од војна, туку врз љубов кон мирот… најслабиот писател може да му служи, а најсилните судови не можат да сторат ништо за него. Освен тоа, сите судови се глуви за економските војни меѓу нациите и за борбите меѓу класите…“!
Во нашите спомени „религијата“ на неолиберализмот и натаму ќе го држи кормилото на човештвото. Жолтите елеци во Париз се санта мраз на нејзиниот пат. Можеби недоволно конзистентна за да ја наруши сериозно безбедноста на кормиларот, но жолто предупредувачка дека нештата брзо излегуваат од контрола кога нешто е гнило под палубата, а сантата удира токму таму, во гнилото. Таму не се знае ниту кој лае, ниту кој каса, но едно е сигурно: кучињата на неолиберализмот се стаписани од развојот на настаните. Кај нас, сантата мраз се растопува и покрај ниските температури. Времето за промени е времето на брзо топење на мразот.
Карванот се чини застанува, а кучињата на неолиберализмот си ги острат забите и го чекаат денот за распродажба, во сенката на новогодишните распродажби. Една распродажба повеќе или помалку во карванот на народите нема да се забележи меѓу карванот на планетите, но ќе нè обележи засекогаш во историјата на човештвото.
Павел Шатев, потпретседателот на Президиумот на АСНОМ, министер за правосудство во првата македонска влада и еден од преживеаните гемиџии од затворот Фезан во Африка, е уапсен во 1949 година како потенцијален непријател на државата и умира во домашен притвор. Она што не им успеа на Султан Хамид и на цар Борис Трети, ќе им успее на тогашните челници на комунистичката партија во слободна Македонија.
Она што не им успеа на сите досегашни окупаторски ѓонови што газеа по самобитноста и самосвесноста на македонскиот народ, ќе им успее на нашите слободни чевли со ортопедски ѓонови за лесно газење, спакувани како сопствен подарок за Среќна Нова ’(1/4)9!
Авторот е магистер по мир и развој и поет