Во 2006 г. напишавме колумна за овој весник, под наслов „За луѓето и планетата“, во која зборувавме за еден долгорочен одржлив мултиакционерски пристап во деловното работење. Заклучивме дека најважни фактори во носењето одлуки на американските корпоративни лидери треба да бидат еколошките, социјалните и управувачките.
Четиринаесет години подоцна, идејата прерасна во докажан бизнис-модел. Во последниве девет месеци, непрофитната вашингтонска организација „Деловна тркалезна маса“ и Британската академија дадоа силна поддршка за мултиакционерскиот пристап во светот на бизнисот. Зошто? Бидејќи одржливиот капитализам е многу посоодветен од оној досегашниот, особено кога се работи за предизвиците со кои се соочуваме тековно.
Обемното истражување покажа дека бизнисите што правилно ги интегрираат ЕСГ-факторите (екологија, социјала и управување) во своите планови и програми, вообичаено се докажуваат како поуспешни и попрофитабилни на јавната сцена. Со оглед на фактот што оваа парадигма е веќе нашироко прифатена, инвеститорите што нема да ја земат предвид ризикуваат да ја изгубат довербата кај своите клиенти.
Додека трае процесот на постепено повторно отворање на економијата, од суштинско значење е креаторите на политики да не западнат во лавиринтот на дејствување што беше карактеристично пред појавата на пандемијата. И покрај целата тековна трагедија што ја предизвикува, ковид-19 претставува уникатна и раритетна обврска за преиспитување на релациите меѓу бизнисот, пазарите, владата и општеството.
Она што очајно ни треба и мора да го испорачаме е една целосно одржлива форма на капитализам. Инвеститорите ја имаат клучната улога во ова. Сите инвестиции што се прават во денешно време мора да бидат важен чинител во сферата на долгорочните климатски и општествени последици. Впрочем, пренасочувањето кон еколошки инклузивен бизнис-модел е веќе во тек.
Најразлични сектори почнуваат со трансформација: енергетика, земјоделство и храна, риболов и заштита на океаните, шумарство, архитектура и градежништво, транспорт и многу други сектори што се одговорни за загадувањето, како што се хемиската и тешката индустрија.
Веруваме дека оваа транзиција ќе биде најзначајната промена во историјата на економијата. Можностите чекаат на нас. Мора да инвестираме во нив со истото чувство за итност како кога се бараа начини за ублажување на пандемијата. А таа веќе покажа колку е отпорен материјалот од кој се направени стопанските субјекти. Компаниите за здравствена заштита одиграа витална улога во следењето на вирусот, тестирањето и испораката на лична заштитна опрема. Се заангажираа и компаниите од другите сектори, помагајќи им на рестораните да се насочат кон каналите за дигитални нарачки, или насочувајќи ги малите бизниси кон финансиската помош што им е потребна за да ја преживеат кризата.
Некои компании реагираа со усвојување долгорочен одговорен став пред овој предизвик – апсорбирање на трошоците онаму каде што е неопходно, за да ги заштитат своите вработени. Големите бизниси со храна споделуваат податоци, логистичка инфраструктура, па дури и работен кадар, правејќи огромни напори за одржување на безбедноста на храната. Оваа досега невидена соработка е овозможена благодарение на регулаторите, кои не инсистираат на следење на вообичаените правила за конкуренција.
Извршните директори мора да го стават на прво место здравјето на своите работници. Луѓето не треба да се грижат дека ќе се повредат или разболат кога доаѓаат на работа, а поддршка им треба и на оние што работат од дома.
Се подразбира дека на оние што сепак ќе се разболат, ќе им треба време да закрепнат, а оние што изгубиле член од семејството или близок пријател ќе имаат потреба од период на тагување.
Афроамериканците страдаат од ковид-19 повеќе од која било друга раса, делумно бидејќи нивната поголема изложеност на воздушното загадување ја зголемува стапката на смртност од вирусот. Предизвиците во однос на менталното здравје и финансискиот притисок поврзан со пандемијата исто така влијаат многу посилно врз одредени популации во споредба со други.
Во однос на компаниите, апелираме до нивните менаџменти да се фокусираат на долгорочна стабилност. Многу е помудро да ѝ се даде приоритет на распределбата на капиталот на начин што ќе донесе резултат во 2021 г., па дури и неколку години понатаму, наместо да се „бркаат“ бројки за следниот квартал. Кај одредени компании најверојатно ќе се појават нови можности за креирање долгорочен проект или за остварување значителна добивка.
Конечно, бараме од извршните директори да ги забрзаат своите климатски активности. Само како потсетување, тука ќе ги спомнеме шокантните пожари што ги погодија Австралија, Калифорнија и Амазон во последниве неколку години. Постои една очигледна непријатна паралела помеѓу нашите сѐ уште несоодветни справувања со трагичните страдања што ги предизвика ковид-19 и брзорастечките последици од климатската криза. Ги игнориравме предупредувањата од докажани епидемиолози и виролози за веројатноста од смртоносна пандемија, токму како оваа што се бориме да ја совладаме. На сличен начин, климатските експерти нѐ предупредуваа за сѐ поголемата итност и опасност поврзана со последиците од климатската криза.
Сѐ уште има време да го спречиме растот на температурите до катастрофално високи нивоа, но треба да се вложат огромни напори за преполовување на глобалните емисии во оваа декада.
Извршните директори треба да си постават цели во врска со намалување на емисиите што се усогласени со Париската спогодба и да имаат тесна соработка со нивните доставувачи, клиенти и колеги, за сите да си помогнат меѓусебно во напорите за подобрување на состојбата.
Цврсто веруваме дека следнава деценија ќе биде најважната во нашите кариери. Бизнисмените и инвеститорите можат и мораат да сторат повеќе. Сите заедно мораме да изградиме подобра економија, а тоа значи цврста, здрава, праведна и еколошка економија.
Нашата способност да се соочиме со предизвиците на некои нови пандемии, климатски кризи и секакви нееднаквости зависи од тоа.
Ал Гор и Дејвид Блад
(„Волстрит џрнал“)