Политичкиот циркус наречен „Преспа форум за дијалог“ заврши како што и почна – во тесниот круг на „семејството“ на поддржувачите на сите диктати за кои веќе пишував, а кои ја деформираа не само Република Македонија туку и самата помисла за демократска заедница. И, ќе речете, чуму сега рефлексија во врска со нешто орвелијанско и пропагандистичко до степен на наузеја? Што ново видовме или чувме таму? Всушност, и покрај сите напори на организаторите (видеопораки, ФБ и твитер-профили, онлајн преноси на Јутјуб, хаштази, постови, медиумски прилози и прес-конференции), форумот не доби никаков поширок одек. Признавам, јас го следев – од по малку мазохистички побуди, а повеќе поради аналитички и научни (ние не сме само за посматрање, туку и за изучување). Утрово гледам една нивна пропагандна видеопорака за значењето на градењето мостови наместо ѕидови, и не можев да се воздржам од гласна и горчлива смеа. На пример, има таму сцени од „темното минато“, советски графити и постери, симболи на уривањето на Берлинскиот ѕид, демек – потсетување дека доаѓаме со товар од „тоталитаризмот“, од кој сме се ослободиле или треба да се ослободиме (а ние никогаш и не сме ни биле зад Железната завеса!). Кога низ некои сцени се појавува Бојко Борисов со нашиов скромноумен „миротворец“, се прашува човек да не ја згрешиле адресата: па, тие уште стенкаат под товарот на живковизмот и тешката морална и економска корупција, газење на човековите права не само на Македонците туку и на Ромите, Турците и сите инакви. Се брбори проза и поезија со сериозен глас на англиски за тоа дека ѕидовите давале безбедност, ама по цена на слободата на човекот – и тоа ти го пласираат оние од „Тврдината Европа“, како што ја нарекуваат ЕУ, која ем тешки порти и ѕидови подигна спрема непосакуваните роднини, особено со исламска вероисповед, ама најмногу кон мигрантите што ги остава да умираат како кучиња, но и оние од преку океанот, кои слободата им ја одзедоа на сопствените граѓани за да ги заштитат од лошите терористи, па Руси, и сега Кинези! Прашајте ги за Асанж, Менинг и Сноуден.
Во оваа романтизирана приказна за тоа како се граделе мостовите во Македонија, ти паѓа во очи еден (проверлив) факт: за овие дваесет години од Охрид и трите години од Преспа (и четирите од „бугарското пријателство“) не само што не е изграден мост (за што, велат на видеото, требало знаење од физика), туку за време на владата на Заев не се изградени ни пат ни железница, ни друга инфраструктура! Единственото што го градат се наплатни станици на руинирани патишта (од кои некои се божем автопатишта) и на влезот на националните паркови.
Токму пред почетокот на Форумот го минував патот преку Галичица што ги поврзува двете езера. Како што е таму редот, плативме за влез на една камикаѕе-патека, со такви дупки од двете страни на возната лента, што секоја одговорна власт би забранила возење додека тоа не се санира и патот не стане безбеден за возење. Настрана предаторскиот и примитивен капитализам, кој ни ги отуѓува и наплатува шумите, планините, реките, езерата (а сака трајно да ја отуѓи/продаде државната територија), а кој може наскоро и воздухот да ни го наплатува со воведување нова екотакса со „европско знаменце“ – еве, нема сега да пишувам за тоа, но запомнете го во „фуснота“. Откако го преживеавме возењето по стариот пат (од „лошиот комунизам“), се спуштивме во Отешево, со намера да се напиеме кафе на раат. Кога пред хотелот ја видовме големата табла на Форумот, ни се отпи и кафе и ни се смачи и езерската убавина, па продолживме – кај Че (ви текнува, нели?). Гледајќи ги сите патишта низ земјичкава во изминатите два месеца, ми станува јасно дека на нашиве властодршци и саможивници патиштата им претставуваат адреналински тури за нивните квадрицикли, кои бараат вакви диви терени; за обичниот свет немаат време да мислат – нека плаќаат патарини за руинираните патеки во темниот вилает.
Во видеопораката е прикажан и патот на Галичица – од безбедна височина (можеби снимен со дроновите на сопругот на Мила?), за да ја покаже убавината и поврзаноста на македонската транзициска приказна од Договорот во Охрид до оној во Преспа. Ве уверувам, состојбата на теренот, на патот што ве води од една самоубиствена дупка до друга, е далеку поверодостојна и фактички и метафорички.
Тој е симбол на нешто што е изградено во едно друго (божем лошо) време, а кое е запустено во времето на овие ајдуци и странски прислужници, кои не се способни ни еден национален парк да одржат ни пат да санираат, а не пак форуми ќе организирале! Иронијата на судбината е што тие искрено веруваат дека биле домаќини на Форумот, а всушност беа актери за подбив и сожалување (сетете се на сцената во која Пендаровски пелтечи за Северна, а Милановиќ зборува за Македонија). Многу пораки беа испратени од Преспа, некои за смеење, повеќето за плачење. На т.н. Висок панел ги слушав претседателите и нивните господари. Рикер, се разбира, зборуваше најдолго и нашироко го објаснуваше светот полн со зли сили од Истокот (Русија и Кина), и ти паѓаат на ум сликите од Студената војна. Зборуваше за борбата против корупцијата, а во прв ред седи Мајло (Мило) Ѓукановиќ целосно рехабилитиран, мислите ангел (за синот на Бајден и за Украина во друга пригода), но и наш Зоќе не е лош во таа дисциплина. Преспа била толкав успех што, наместо актуелниот премиер на Грција, доаѓа Ципрас (дури и левичарското минато му го заборавија, како што и тој го избриша). Се изнаслушав политички флоскули, но морАлно беше. Да не речат дека зборувам напамет! Но, ете, некоја загрижена активистка и феминистка забележала гооооолем пропуст: жените не биле доволно застапени на панелите! Тоа што немаше ама ниту ЕДЕН критичен глас и тоа што сите пееја иста пропаганда арија, тоа не им пречи на правоверниве. А што се однесува до жените, ситуацијата е сосема јасна: македонските жени беа и останаа најгласните и најхрабрите критичари на Охрид, Преспа и бугарското чудо – ним не им е место во таа дружина!
Целиот форум беше обвиен со таква пропаганда и brainwashing (перење мозоци) какви што немаше ни во комунизмот, оној во кој живеев половина од својот век! Но има тука и една добра работа: штом толку пари и напори вложуваат во убедување дека се тие во право, тие градат мостови, а ние критичарите сме деструктивци бидејќи не им ги прифаќаме Потемкиновите села и мостови – тоа е сигурен знак дека се плашат дека инженерингов и мостовите им се на стаклени нозе! Еден дипломат зборуваше дека требало да се потрудиме да се навикнеме на ново име (демек, како на кутре ќе ти помине кога ќе те исплеска господарот) – ама ние од инает многу нешта можеме да сториме. НИЕ, народот (we, the people), знаеме дека не градат туку разградуваат. Ова не е наша политичка заедница, ова не е наш устав, ова не е наша конструкција. Нивниот инженеринг нема за цел физички градби и инфраструктура, туку се состои во ЕТНОЦИД и КУЛТУРОЦИД на еден мал, ама жилав народ. Сакаат рацете да им останат чисти, па нашле домашни намесници тоа да го сторат за нивна сметка и во нивно име. Нè подготвуваат за последниот чин на „туширање“, ама нема да заминеме тивко во ноќта! И сто „форуми“ на апаратчици и политикоси да направат – попусто им е! Ене им ги и Охрид и Преспа, ама ние ќе треба почесто да застануваме и да се сетиме на Че (Гевара).
И тука е единствената работа што ме лутеше и по малку болеше додека го следев наменскиот циркус. Академската и интелектуалната заедница останаа неми, по референдумот од 30 септември 2018 година. Сфаќаме ли ние колку нешта премолчевме? За колку драматични и историски настани и злосторства врз нашите индивидуални и колективни права молчевме и сè уште молчиме? Ене ги прогресивците, ќе протестирале пред Чешката амбасада поради убиството на Ром во Чешка, но не им паѓа напамет да протестираат пред бугарската амбасада или пред седиштето на Делегацијата на ЕУ поради симболичко убивање на цел народ. Универзитетите молчат, си гледаат настава, бираат сенатори, декани и раководители, битката за повеќе студенти и штанцање дипломи не запира итн. Но ниту еден не се осмели да организира барем трибина, ако не голема меѓународна конференција на која критички би се преиспитале последиците и убиствената синергија на трите договори. Целата работа им е препуштена на поединци, кои водат донкихотска битка, колку да не признаат пораз на духот и разумот. И тоа го правиме малку низ научни трудови, многу повеќе преку колумни.
Надевајќи се можеби дека некоја идна Русковска ќе нè цитира во завршен збор на судски процес, како што актуелнава го стори тоа со колумна на еден искусен новинар, кој секогаш знаел каде лежи зајакот. Мрчењето на обичниот народ само по социјалните мрежи и во тесни кругови го разбирам, молкот на интелектуалците во пресрет на бугарската офанзива (за која еден ден ќе прават нов форум) – тоа ниту го разбирам, ниту го простувам. Харолд Пинтер знаеше дека условите се такви што пропагандата се одвива прелесно, а отпорот е предмет на подбив, но отпорот (дома) е највисок чин на патриотизам (Хауард Зин). Ми останува неодговорено прашањето: дали ние воопшто ја сакаме Македонија? Дали се осмелуваме да бидеме патриоти? Дали имаме храброст да им се спротивставиме на моќнициве, кои се само тигри од хартија без нивните господари од Запад? Академската и интелектуалната критика на лагите и пропагандата се буревесникот – промената следува потоа. Но молкот нема никој да ни го прости, и кога ќе бидеме одамна мртви.