Најновите сознанија ја сменија концепцијата за битноста на астроцитите во функционирањето на мозокот, а исто така точно прецизираа што се случува на молекуларно ниво кога сме под стрес и тоа за многу краток временски период. Според тоа, борбата за справување со стресот, особено во овие времиња на пандемија, е многу битна за да ги зачуваме физичкото и менталното здравје
Многупати сум пишувала за стресот и за справувањето со него, токму поради фактот што стресот е наше секојдневие, неделив сопатник на современиот човек. Стресот е многу опасен како за функцијата на нашето тело така и за менталното здравје. Затоа истражувањата, кои разјаснуваат што се случува во ситуации кога сме изложени на стрес се постојано актуелни и носат нови сознанија.
Несомнено е дека пандемијата со ковид-19 предизвика силен стрес врз нашата егзистенција. Сите доживуваме грижа, но и анксиозност многу посилно изразени отколку порано, пред ова заканувачко зло. Оваа пандемија донесе и сосема нов сет стравови поврзани не само со болеста туку и со исхраната, маските, вентилаторите, дополнително и економски грижи и страв за добросостојбата на нашите најблиски.
Познато е што се случува во нашиот мозок кога сме под стрес.
Кога луѓето ќе перципираат стресор (закана), структурата во мозокот позната како амигдала (бадемасто јадро) станува многу активна и токму тоа ги ослободува емоциите, особено стравот и анксиозноста. Ова активирање на амигдалата има и физички последици: скусување на здивот, забрзана срцева активност итн., а сѐ поради фактот што токму таа амигдала ги регулира нашиот крвен притисок, дишењето и срцевата акција. Тоа значи, кога амигдалата е активна сите наброени витални системи исто така се активираат.
Во исто време, префронталниот мозок, кој дефинитивно, на разумен начин, ги регулира емоциите станува деактивиран и работи помалку. Така, нашите емоции и системите што се здружени со нив или се откочуваат и работат забрзано или, пак, забавуваат со активноста.
На клеточно ниво, секогаш вниманието било усредоточено на невроните и на нивните продолжетоци, а особено на синапсите – спојките помеѓу невронските продолжетоци. Во овие синапси се ослободуваат невротрансмитери, пренесувачи на информациите од еден на друг неврон. Друг еден вид клетки, кои некако беа занемарувани порано, се означени како астроцити и во класичната медицина се сметаа како потпорни клетки.
Поновите истражувања од универзитетот МИТ докажале дека астроцитите се извонредно битни токму за процесирање на сензорните информации, што значи и за стресот. Кога мозокот е внимателен и насочен кон нешто, овие клетки ја пренесуваат пораката разбудувајќи ги невроните преку стимулирање на ослободувањето ацетилхолин од визуелниот кортекс. Тоа предизвикува силен одговор на која било визуелна информација што во тој момент ја примаме. Патем, докажано е дека токму ослободувањето ацетилхолин опаѓа кај пациенти со Алцхајмерова деменција, па во лекувањето на оваа болест се даваат медикаменти што ја блокираат деградацијата на ацетилхолинот. Со други зборови, овој невротрансмитер е битен за пренесување на сензорните информации во мозокот.
Дополнително на овие сознанија, најновите известувања што тукушто се објавени во Американското списание за невронаука велат дека стресот го реструктурира мозокот преку запирање на производството на многу битен протеин, кој се создава во јонските канали. Значи, кога сме под стрес, настанува оштетување на астроцитите, клетките што се сметаа за некој вид чувари на мозокот и кои имаат задача да ги регулираат невротрансмитерите откако тие се ослободиле во синапсите. На клеточно ниво, стресот предизвикува гранките на астроцитите да се повлечат од синапсите околу кои претходно тие биле распространети. Во таа насока, во најновиот труд објавен во „Неуросајанс“ е потврдено дека само три часа по доживеан стрес настанува вакво повлекување на гранките на астроцитите од синапсите. Значи, стресот влијае многу брзо на преносот на информациите во мозокот.
Научникот Бендер со соработниците истражувал што ги контролира овие промени на астроцитите, при состојби на стрес, се разбира, кај експериментални животни. Покажале дека единствен стресен настан предизвикува брзо но долготрајно повлекување на гранките на астроцитите. Стресот ги предизвикува овие промени преку ограничување на производството на протеин ГлуА1, кој е есенцијален во рецепторите за глутамат. За време на стресен настан, стрес-хормонот норепинефрин ја супримира молекуларната патека, која нормално кулминира при протеинската синтеза на ГлуА1. Без функционален ГлуА1 или без глутаматски рецептори, невроните и астроцитите ја губат способноста да комуницираат еден со друг.
Со други зборови, најновите сознанија ја сменија концепцијата за битноста на астроцитите во функционирањето на мозокот, а исто така точно прецизираа што се случува на молекуларно ниво кога сме под стрес и тоа за многу краток временски период. Според тоа, борбата за справување со стресот, особено во овие времиња на пандемија, е многу битна за да ги зачуваме физичкото и менталното здравје.
Заради тоа, Фадел Зеидан, од универзитетот „Сан Диего“ во Калифорнија, нагласува дека ако не се плашите од откочување на вашите емоции, тогаш стресот нема да го чувствувате долго време. Повторно се враќаме на битната улога на спрегата амигдала – префронтален кортекс.
Со оглед на фактот што овие системи се круцијални за хуманото преживување, сепак во ваква ситуација на пандемија, тие стануваат деструктивни поради преголемата активност. Токму затоа, овие мозочни региони (амигдала и префронтален кортекс) треба да ги повратиме во стабилна состојба и рамнотежа. Тој препорачува концентрирана медитација, која ги учи клиентите како да дишат, како да се концентрираат на специфични зборови за да ја вратат мозочната функција во нормала.
Умот го стабилизираме преку подобрување на когнитивната контрола (префронтална кора), а истовремено се учиме себеси како да ги регулираме емоциите. Колку мозокот повеќе се тренира да се фокусира на овие активности, толку подобро ја постигнува целта.
Која би била пораката од сево ова: стресот не можеме да го елиминираме во неговото секојдневно постоење, но затоа, преку нашиот разум можеме да ги контролираме емоциите, кои, ете, кога се пресилни нанесуваат штета. Ново сознание во невронауката е и улогата на астроцитите, клетки што порано ги сметавме само како потпорни на основните функционални единици во мозокот наречени неврони, а, ете, сега се покажаа како многу битни токму во регулирањето на емоционалниот одговор при стрес.