На десетти јуни, во петто одделение во моето училиште „Никола Вапцаров“ во една наивна детска игра, паднав од терасата на школскиот двор и си ја скршив раката! Беља работа, наместо распуст и уживање во долгото топло лето започнаа моите болнички страдања и трауми, кои оставија неизбришливи траги на моето тело, но и на мојата душа. Имено, падот од ниската тераса беше кобен по мојот лев лакот, за кој се воспостави дека е искршен на неколку места, така кажаа докторите во струмичката болница. И дека не е страшно, ќе гo средат! И почна „средувањето“, кое од рутина се претвори во агонија со неколкупати местење на скршеницата на слепо, гипсови, помодрувања, ново местење, пак гипсови, расправии со доктори, барање упати за Скопје, болки, страдања и најпосле соочување со реалноста дека „детево ќе го оставиме без рака ако не го пратиме на операција во главниот град“!
И, така, едно попладне, беше сабота, од провинцијата Струмица ме донесоа во метрополата Скопје. Веќе беше крајот на јуни, топло, врие како во кошница, болницата преполна, нема каде да ме сместат, чекаме цел ден по ходници со мама и тате и најпосле, приквечер ме примија на Детското одделение, но во делот предвиден за помали деца каде што креветите не се кревети туку креветчиња од јасли. Ме легнаа, не можам да ги испружам нозете! Рекоа само за ден-два, нема место во болницата. Моите заминаа назад, а вечерта дојдоа неколку сестри, кои ми кажаа дека не смеам да јадам до следното утро.
Едната од сестрите го зеде болничкиот картон, го прочита моето име: „Јани Бојаџи“, ме погледна и нервозно ме праша: „Ти Шиптарче ли си“? Имав десет години, бев во болки и страв, оставен сам во туѓ град и смрдлива болница, во бебешко креветче опкружен со непознати жени, кои инсистираат од мене да дадам одговор на прашање што не го разбирам?! Јас навистина не разбирав што е тоа „Шиптарче“? Првпат во животот го слушнав зборот „Шиптар“. Реков не знам, затоа што не знаев што е тоа да се биде „Шиптарче“? Но по тонот на прашањето состојбата да се биде „Шиптарче“ не ми се виде сосема пријатна? Како бе не знаеш, ми се опна сестрата, за која подоцна сфатив дека причината да ме праша дали сум „Шиптарче“ била поради моето име: Јани Бојаџи! Не знам каде ќе отидеше таа расправа ако едната од трите сестри како во Чеховата драма не ѝ рече на онаа првата: „Какво Шиптарче ма и ти, нели читаш дека детево е од Струмица, не е Шиптарче“! И на заминување онаа „мојата“ ми се обеси над главата и ми рече: „Ако беше Шиптарче немаше ич да те сакаме“! И си заминаа.
Во понеделникот ме оперираа, полежав уште некој ден во болницата и си заминав дома! Неколку години подоцна пукна тиквата на Косово и Западна Македонија и најпосле разбрав што е тоа „Шиптар“. Драги мои, синонимот „Шиптар“ кај нас што доаѓаме од југот е многу ретко употребуван. Кај нас никогаш не се зборувало за „Шиптари“ туку за Албанци, а само понекогаш, кога се проектирало минатото се употребувал поимот Арнаути. Го кажувам ова за низ личното искуство на дете да објаснам дека со ништо и на никаков начин не сум оптоварен со стигмите и етикетите што некои Македонци и Срби ги упатуваат кон Албанците во Македонија и на Косово, кога сакаат да ги омаловажат или нападнат поради една или друга причина! И, да бидеме искрени, тие односи се создавани низ времето како последица на тоа што Албанците, Србите и Македонците се соседни народи, кои низ историјата имале претензии едни кон други.
Но големиот антагонизам се утврдил за време на Втората светска војна кога Албанците од Албанија, Македонија и од Косово со намера да остварат амбиции за проширување на својата територија застанале на страната на фашистите и нацистите и започнале војна со Македонците и со Србите, која на крајот ја изгубиле. Новите односи по Втората светска војна биле поставени така што Албанците во Македонија во голема мера биле сегрегирани и маргинализирани образовно, културно, социјално и економски! Таа сегрегација направила Албанците да акумулираат негативна енергија и отпор кон државата Македонија, кој заврши со војната во 2001 година во која Албанците војуваа против земја што не ја идентификуваа како своја. Моето чувство е дека голем дел од Албанците и ден-денешен немаат идентификација со државата во која живеат и за себе си проектираат иднина во која тие не се дел од сега постојната Северна Македонија!
Нема да кажам ништо ново и ништо непознато дека постојат и легално регистрирани политички партии во Македонија, кои се залагаат за отцепување на западна Северна Македонија сосе Скопје и присоединување кон идната голема Албанија. Исто така нема да кажам ништо ново ако само ја афирмирам стварноста дека дури и на медиуми и без страв од морален или законски прогон политичари Албанци јавно нѐ нарекуваат славомакедонци, каури, Бугари, а од скоро и северномакедонци! Најпосле, членови на актуелната влада, високи функционери и министри Албанци сосема јасно стават до знаење дека за нив е сосема неважно како ќе се вика оваа земја и како ќе се нарекува мнозинското население, кое еден дел сѐ уште се нарекуваат Македонци и дека нема да се согласат европските интеграции да зависат од тоа како се чувствуваат и дали им е прифатливо или не да бидат обезимени и обезјазичени! Некои од нив дури ја употребуваат и флоскулата – „Албанците нема да ги чекаат Македонците во евроинтеграциите и доколку не се согласат на промена на идентитетот и јазикот тие ќе отидат во Европа без нив“! Разбирате што значи тоа нели?
Но јас токму за ова зборувам, драги мои! Ние не можеме да излеземе од сознанието дека во овој момент ситуацијата во Македонија е иста како што била во 1941 година кога Бугарите и Албанците ја поделиле тогашна Вардарска Македонија на линијата зад и пред Групчин како што ја реафирмира таа историска граница некогаш многу влијателната вмровска генерална секретарка Доста Димовска. Исто како и поддржувачите на санстефанска Бугарија или мегали Грција, и апологетите на голема Албанија многу добро разбираат дека Македонците се во исклучително слаба и незаштитена позиција од исто така слабиот некогашен сојузник Србија и дека сега е моментот да го грабнат она што го изгубија во 1945/46 година!
Сега засега таа операција се изведува мошне успешно. Но годината е „1941“ и никој не може да претпостави што сѐ може да се случи во текот на „воените години“ пред нас и какви нови сојузништва ќе нѐ дочекаат, ќе нѐ разочараат или поткрепат со силата и оптимизмот на превртливата „воена среќа“! Ми се чини дека нашето паралелно општество сѐ повеќе и повеќе ќе се разединува и антагонизира ако нашите сограѓани Албанци не се стават себеси само една минута пред ова возможно сценарио: Србија (поради многу околности) станува полноправна членка на Европската Унија пред Македонија, Албанија и Косово и како услов за понатамошно напредување на Северна Македонија во евроинтеграциите го поставува условот Албанците да ги нарекуваме „Шиптари“ и „Арнаути“!
Скендер-бег да не смее да се вика Скедер туку Џорџе, да признаат „Шиптарите“ дека во средниот век биле славјано-христијанско племе управувано од Срби, а јазикот во фуснота да го наречат славјанолатинска конструкција! Најпосле, Скендер-бег е синоним за Георгија, Џорџ, Ѓерѓ, Џерџ Кастриот, христијански војсководец, оженет за Воислава, со деца омажени и оженети за српски аристократи! Се разбира, да се согласат да учествуваат во комисија, која ќе прифати дека албанското национално црвено знаме со двоглав црн орел е византиски симбол, кој го означува единството на Православната црквата и патријархот цар! Мошне неарно звучи сево ова, нели? Знам.
Непријатно, па дури и дегутантно е да се зборува за работи за кои ќе се согласам дека се пејоративни, навредливи, шовинистички и фашистички! И ќе се борам против секого што ќе му дојде на крај на паметот да сака некому да му наметне вакво нешто, затоа што бескрајно верувам во есенцијалната мудрост – да не му го правиш на другиот тоа што не сакаш да ти го прават тебе! Затоа, пријатели Албанци, помислете, ве молам, само помислете оти секогаш кога јавно ќе кажете Северна Македонија, огромен број ваши сограѓани Македонци ги навредува тоа, многу повеќе отколку кога го кажуваат тоа нивните Македонци! Онака како што вие меѓу себе се нарекувате така како што е волјата ваша, но ве навредува кога другите ќе ве наречат „Шиптари“! Затоа, не „шиптаризирајте“ нѐ, ве молам!
Авторот е режисер