„Да се има или да се биде?“ од Ерих Фром. Имавме седумнаесет-осумнаесет години кога ја читавме, на српски. Книга што тогаш, во Титова Југославија, беше библија „на одбраните“. Книгата јасно кажуваше: има два начина во животот. Едниот е да станеш личност (да бидеш), другиот е да останеш површен и да те интересираат само пари (да имаш). Кој ја читаше таа книга, беше авангарден – еден вид дисидент, критички расположен кон комунизмот (односно социјализмот на Тито), а тоа значеше – против униформноста на човековата личност. Затоа, ние, малцинството од тогашната социјалистичка младина, одбивавме да носиме школски униформи. Ги презиравме послушните деца на мама и на тато (родители со врвни социјалистички идеали: неделна запржена сарма, виклери на главата, автомобил на кредит и летување на „наше море“). Во нив гледавме само идни канцелариски кариеристи. Носевме фармерки, често искинати, а денес еден мој пријател добива нервен слом од искинатите фармерки на ќерка му. Рака на срце, има разлика, зашто денес искинатите фармерки се мода и се произведуваат фабрички, а ние ќе купевме нови и самите ќе ги искиневме. Нашето не беше мода (модата е вклопување во просекот), туку ексцес и бунт. И блузите намерно ги белевме, правејќи им бели шари со HCl киселина, наречена „варикина“.
Фармерките, исто така, значеа дека сме (можеби) и хипици. Се собиравме попладне „на кеј“, кај Камени мост, свиревме на гитари, си препорачувавме книги и грамофонски плочи: Хесе, Кастанеда, Ниче, Фром, а на новодојдените во друштвото им се даваа прво „Галебот Џонатан Ливингстон“ на Ричард Бах и „Малиот принц“ на Егзипери. Како што се гледа, литература наменета исклучиво за „билдање“ цврста и независна личност, отпорна на лажните вредности во општеството и на неговите кариеристички стереотипи. Од музика, задолжителни беа „Дорс“ и Џим Морисон, а потоа кругот се ширеше со „Софт машин“, „Ведер рипорт“, „Гонг“, „Oлман брадерс бенд“, Ален Холдсворт. Џим Морисон ни беше икона: умрел како млад гениј за својот личен идеал, не покорувајќи му се на општествениот инкубатор што одгледува просек.
Често, на кејот кај Камени мост поминуваа и полицајци во цивил, да проверат да каде е дојдена „хормоналната контрареволуција“ (израз на еден иследник што еднаш нè повика на разговор, еден по еден).
Каде сме денес, ние, бунтовните од кејот? Повеќето станавме уметници, зашто верувавме дека политиката е гнасна работа и дека погубно дејствува на личноста, а без личност нема уметност. Денес, некои од нас се каат што во нашите најзрели години, кога Македонија стануваше самостојна, без размислување им ја препуштивме пилотската кабина на државата на интелектуално згрешени лебови што нè доведоа до ова дереџе: станавме сиромашни сликари, писатели, музичари, научници. Станавме „да бидеш“.
Но многу бргу се соочивме со едно ужасно сознание: „да бидеш“ (особено научник или уметник) – тоа по распадот на СФРЈ, а со доаѓањето на Кралот Капитализам, значеше буквално да немаш НИШТО. Ни за леб. И сфативме дека во таа Југославија, иако самите со гордост сме се сметале само за „сум“, ние сме биле и „имам“, но не сме го забележувале тоа, како и сè што се има ПРИРОДНО, почнувајќи од телесната тежина, која никој не ја чувствува. Прво, имавме пари да нарачуваме плочи и книги од Лондон. Второ, имавме пари да си купиме гитари, вино и цигари. Трето, кога тргнавме на факултет, имавме стипендии од СИЗ-от (така се викаше) за наука и образование, па добар дел од нас заминаа да студираат во Белград, Загреб и во Љубљана. Јас лично имав стипендија за постдипломски во Загреб, а добивав и плата како новинар на „Студентски збор“ (и тоа беше третина од платата на мојот татко, професионален новинар во „Нова Македонија“). Така, покрај десетици купени книги на хрватски, можев да го пијам, уште како постдипломец, омилениот Крлежин коњак со кафе, во ексклузивниот хотел „Еспланада“ во Загреб, омиленото место на хрватскиот гениј.
Денешниве генерации студенти, кога им раскажувам за тоа, ме гледаат или како барон Минхаузен, или како човек наклонет кон научна фантастика. Тие речиси и не знаат што е стипендија, а камоли хонорарно работно место за студенти: родителите денес од свој џеб им плаќаат студии не само надвор туку и во Скопје. Па, кога уште ќе им кажам дека факултетите одвреме-навреме делеа и станови за помлади асистенти, штотуку стапени на работа, и дека имаше и елитен дом за постдипломци и докторанди, ме гледаат бледо. Тие, тазе женети, очекувајќи принова, се задолжуваат по банки за да земат гарсониера од триесетина квадрати. Врв на таа социјалистичка фантастика е кога ќе им кажам дека една асистентска плата од златната доба на Анте Марковиќ вредеше колку сега две професорски.
Но со Анте Марковиќ дојде КРАЈОТ НА РАЈОТ. Потоа останавме без ништо. И сфативме дека Фром под она „да бидеш“, кое му го спротивставува на „да имаш“, сигурно не подразбирал ДА НЕМАШ НИ ЗА ЛЕБ, туку само да не трупаш богатство што ни третата генерација внуци не ќе може да ти го потроши. И, што е поважно, видовме и што се случи со оние од нашата генерација што решија да тргнат по патот на она „да се има“: откако се збогатија, преку политика или политички поддржан бизнис, си купија дипломи и станаа исто што и ние: „да се биде“. А ние не станавме „да се има“.
Она што важи на индивидуално ниво, важи и на колективно. Кога Македонија се осамостојуваше од СФРЈ, личниот идеал „да се биде“ стана колективен и национален. Резултатите од референдумот покажаа дека Македонецот сака „да биде“, макар и по цена „да нема“. Следуваше долг период на НЕМАЊЕ, но бевме самостојна Македонија. Траеше тоа до неодамна, кога Европа и НАТО ни понудија членство, а ние тоа (погрешно) го сфативме како повик ДА ИМАМЕ. Дури, се решивме и на промена на името, се изложивме на опасност да не „бидеме“, ама затоа, веруваа наивните, ќе имаме. „Десните“ се залагаа за она „да се биде“, „левите“ за „да се има“ (европски стандард).
Во тој бесмислен судир меѓу „левите“ и „десните“, речиси никој не виде дека може (и најприродно е) во исто време и да се биде и да се има. Тери Иглтон тврди дека логиката „или-или“ (што ја има во насловот на Фром) води кон тоталитаризам, како и секое мислење во бинарни опозиции. Логиката „и-и“, напротив, денес е во мода, како демократска логика. А имавме одлични примери околу себе да видиме дека може „и да се биде“ и „да се има“. Америка и Европа постојано и имаат, и се. Карлос Фуентес на едно место вели дека Американците отсекогаш сакале да се прикажуваат во светлината на два идеала: изобилство и невиност. Првото подразбира да имаш, второто „да бидеш“ (нација со препознатлива „личност“). Истото тоа го прави и Европа: го полни заедничкиот европски трезор, ама не се откажува од националното „да бидеш“.
Што треба да направиме? Само едно: држава во која не ќе можеш да имаш, ако прво не бидеш. А не обратно, како досега: прво имај, па биди. Ако успееме да направиме таква држава, помалку ќе ни значат и ЕУ и САД: нема да бидат conditio sine qua non. Ќе имаме цврста внатрешна држава, која ќе зависи прво од нас. Кон таква држава се оди со радикална реформа НЕ толку на образованието, колку на воспитанието. Ни треба колективно преумување на духот и морално превоспитување, во духот на манијакално упорниот труд (нешто што го имаат Кинезите). Тие се хипиците на светскиот кеј денес, и одлично им оди. Ако почнеме денес, за десетина години ќе имаме таква држава. Како плод и сенка од денес засадено дрво. Толку.