Кога се соочуваме со промени и предизвици, една од нашите најсилни карактеристики е способноста за приспособување. Помина подолг период откога пандемијата започна да го менува начинот на којшто функционира светот. Се затворија голем број бизниси, различно се однесуваме во угостителските објекти и културните центри, училишната настава се трансформира, се ограничија можностите за слободно движење, а особено се оптоварија здравствениот систем и здравствениот персонал. Ги ограничивме контактите со пријателите, со семејството и со колегите. Ни се променија секојдневните рутини, се зголеми загриженоста за сопственото здравје и за здравјето на другите околу нас, а некои, за жал, се соочија и со загуби на блиски.
Познато е дека во кризни периоди достапноста на други луѓе и нивната поддршка се важни фактори што обезбедуваат сигурност. Овие фактори не само што се извор на материјална поддршка туку тие често се и извор на утеха, заштита и разбирање во тешки моменти. Но поради специфичноста на оваа криза, ситуацијата ја истакнува токму потребата од внимателност околу непосредниот контакт со други. Ваквата поставеност, која ограничува важни социјални ресурси, може да резултира со намалена отпорност и слаба способност за приспособување кон промените, а со тоа и со зголемен ризик за нарушено ментално здравје.
Имено, истражувања спроведени за време на кризата укажуваат дека несигурноста и ограничувањата придонесуваат кон влошеното ментално здравје кај голем број луѓе. Особено се истакнува зголеменото присуство на симптоми на стрес, анксиозност, депресија и нарушен сон. Дополнително, некои студии бележат и пораст на семејното насилство и, воопшто, нарушена комуникација во семејствата.
Досегашната теорија и практика истакнуваат дека кога се соочуваме со промени и предизвици, една од нашите најсилни карактеристики е способноста за приспособување. Тоа ја вклучува способноста да се реорганизираме и повторно да воспоставиме релативна стабилност во дејствувањето и претставува тема во психологијата за која се дискутира уште од раниот развој на ова научно поле.
Историски гледано, во психолошката теорија оваа тема особено доаѓа до израз во периодот по Втората светска војна. Како што ни е познато, во тој период најголемиот дел од светот се обидува да се извлече од толку страшни искуства што изгледа дека ретко кој би можел да продолжи понатаму со животот и тој живот да има некаква смисла. Практичарите психолози, психијатри и психотерапевти започнале зачестено да се соочуваат со ситуации во кои клиентите ги споделувале животните дилеми и страдања, коишто тешко би можеле да се сместат во некои специфични клинички категории. Инспирирани од филозофијата на Шопенхауер, Хајдегер, Витгенштајн и Ниче, практичари како Лудвиг Бисвангер, Роло Меј и Виктор Франкл започнале да истакнуваат дека при соочување со животна криза, потрагата по смисла е универзален и непатолошки мотив, неодвоив од нашата човекова природа. Самиот Виктор Франкл го преживеал искуството од концентрационите логори и се посветил на развојот на егзистентцијалистичката психотерапија.
Егзистенцијалистичката теорија истакнува дека животните кризи ни оставаат можност да воведеме промена во начинот на којшто функционираме, за кратко да запреме и да заземеме различна перспектива за нашите доживувања и да донесеме нови одлуки, поттикнати од неодамнешните несакани искуства. Оваа теорија ја асоцира способноста за приспособување и посветеноста кон нашите одлуки со развивањето смисла (т.е. мотив, значење, цел, поттик) за сопствениот живот и за луѓето околу нас.
Со други зборови, неприликите нѐ соочуваат со животот и овозможуваат да видиме што е тоа што досега сме го прифаќале како животен факт, да ги реевалуираме нашите приоритети, да најдеме вредност во промената и, водени од новата смисла, да се придвижиме да направиме некоја разлика за нас, а можеби и за луѓето околу нас.
Иако дејствува парадоксално, ова се искуства што може да понудат можност за учење, бидејќи промената на животните околности е некогаш толку голема што можеби нема да можеме да продолжиме понатаму на истиот начин како претходно. Иако некои животни настани и ограничувања се често надвор од нашата контрола, во такви моменти е особено корисно да се насочиме кон откривање и поттикнување на нашите резилиентни сили, врз кои можеби сме се потпирале и во претходни стресни ситуации.
Истражувањата укажуваат дека одредувањето смисла во клучни животни периоди ги ослабува ефектите на стресот и може да го подобри менталното, па и соматското здравје. При крајот на 2020 година, психолозите Татјана Шнел и Хенинг Крампе имаат спроведено истражување токму за поврзаноста помеѓу потрагата по смисла и нашето ментално здравје за време на пандемијата. Анализите на нивниот примерок од 1.527 учесници укажуваат дека младите, невработените, оние што живеат сами и оние што живеат во мали домови се со поголем ризик за послабо ментално здравје.
Но оние што имаат најдено смисла во околностите и се способни да го насочат своето однесување во согласност со таа цел покажуваат значително подобри резултати во споредба со оние што не умееле да го постигнат тоа. Овие податоци, иако не се земени од нашето општество, ни укажуваат на лицата што може да имаат поголема потреба за поддршка во овој период и во периодот по смирување на ситуацијата. Покрај тоа, ваквите податоци ни помагаат да ги увидиме и аспектите кон кои вреди да се насочиме во справување со промените.
Истражувања од последните неколку декади укажуваат дека животните кризи нѐ соочуваат со неколку вообичаени дилеми и пристапи. Имено, можеме да сретнеме луѓе што се склони да ги истакнуваат позитивните аспекти од ситуацијата, не уважувајќи ги тешкотиите што ги носи таа. Други може да ги истакнуваат негативните аспекти и да им се предаваат на проблемите со доминирачки песимизам и чувство на безизлезност. Трети, пак, го бараат одговорот во опциите помеѓу овие два екстрема. Според истражувањата, кај оваа последна категорија може да се забележи подготвеност за реорганизација и заземање поавтентичен, креативен и одговорен интерес за сопствениот живот. Но за да се постигне овој самоохрабрувачки став, сепак е потребно да го поттикнеме чувството на одговорност и посветеност, кое ќе го води нашето однесување.
Ако се препознавате во некоја од овие категории, позитивниот аспект е што оваа способност сепак не ни е вродена, туку може да се учи и да се развива. Некои од начините на коишто може да се постигне тоа вклучуваат активно истражување на сопствените интереси и ставови, набљудување на туѓите позитивни животни искуства, како и разгледување на неодамнешните лични искуства коишто имале потенцијал да ја променат насоката во која се движиме. Бидејќи кризата влијаеше и сѐ уште влијае врз повеќето луѓе, токму искуствата поврзани со неа може да иницираат некои промени и да ни дадат можност да ги реевалуираме нашите вредности, приоритети, сили, интереси и вештини, но и да заземеме нов став и да се посветиме кон исполнување некои нови цели.
Водејќи се од прикажаната теорија и истражувања, но и од нашите искуства од изминатиот период, би било важно да си поставиме неколку прашања. Прашањата би можеле да нѐ водат кон реевалуација на нашите приоритети и, можеби, кон промена или, пак, зацврстување на некои постојни ставови. Може да се запрашаме за нашите силни страни што веќе ги имаме (или, пак, сакаме да ги имаме) и што ни помагаат или би ни помогнале во исполнување на нашите цели. Да размислиме со кои дилеми сме соочени сега и какви одлуки би можеле да донесеме, водејќи се од нашите вредности, цели и од работите што ни значат. На крајот, добро би било да видиме што е тоа што би ни помогнало да се посветиме кон исполнување на нашите одлуки. Тоа може да е поддршката од луѓето околу нас, нашите вештини и искуства или, пак, поддршката од некое стручно лице во полето.
Ваквата рефлексија има потенцијал да нѐ позиционира во животот и да ни го поплочи патот кон носење одговорни одлуки за нашиот живот и за нашето ментално здравје. Ова никогаш не е лесно, но вреди да се проба.
Напишаното, сепак, најдобро би можел да го заклучам со зборовите на Виктор Франкл: Единственото нешто што никој не може да ми го одземе е начинот на којшто јас одбирам да одговорам на околностите.
Авторот е клинички психолог, специјалист по медицинска психологија при универзитетската клиника за психијатрија