Кога сте неспособен да се борите со идеи со оние со кои не се согласувате, природно е да казнувате. Да забранувате, да се заканувате. Затоа ќе потсетам на зборовите на Волтер: „Јас не го одобрувам тоа што го зборуваш, но ќе го бранам до смрт твоето право да го кажеш тоа“. Нашиве денешни „новодемократи“ никогаш не ги разбраа овие зборови. И нема да ги разберат
Каква пародија од држава стануваме. Самопрогласените чувари на слободата се на добар пат да ја закопаат слободата на говорот. Да ја умрат демократијата. Хистерично гласните повторно се во прогон на слободниот говор во Македонија. Во нов лов на вештерки. Нивниот фанатизам и лајт авторитаризам генерира страв кај обичниот граѓанин да се изложи на ризик да зборува слободно за прашања поврзани со идеологијата на еднаквоста, мултикултурализмот, феминизмот, хомосексуалноста, глорификација на различностите и слично. Чуварите на „чистиот и непорочен говор“ ја егзекутираа слободата на мисла, поттикнувајќи цензура во македонското општество. Низ вакви и слични параноични изблици на квазилиберализам се враќа идејата за говор и изразување во корист на општество. Оној добро познат говор на комунизмот.
Што е следно? Ќе бараат ограничување, забрана и санкционирање на широк спектар политички ставови, прогласувајќи ги за говор на омраза. Ќе прогонуваат луѓе што размислуваат поинаку од нивниот вредносен краткоглед? Ќе се претворат, ако веќе не се, во модерни инквизитори на слободната мисла. Со нив Волтер одамна не живее во Македонија.
Да бидам јасен. Немам намера да ги бранам оние што со свирче ни ја разградуваа државата, кои викаа по нарачка и повикуваа на линч и одмазда. Мора да е болно да ја почувствувате „правдата“ на своите. „Правдата“ на оние со кои заедно маршираа и го поганеа градот, во име на „нивната“ слобода и правда. Особено немам намера да ги бранам оние чии зборови не траат ниту еден ден. Кои побрзаа да ги избришат и да го самоцензурираат своето мислење. Силни и храбри во толпа, уплашени и несигурни како индивидуи.
Особено не сакам да ги бранам нашите академици, столбот на мудроста во Македонија. Посакував да е така. Ниту имам намера да застанам зад луѓе што гласни во молкот станаа пример на македонската самоцензура и поданичка култура. Но, ќе застанам во одбрана на слободата на говорот, која во Македонија се убива низ говорот на омраза. Зашто слободата на говорот секогаш е под напад на луѓе со фашистички менталитет. На кој мора да се спротивставиме.
Ништо не го зајакнува говорот на омраза повеќе отколку да се цензурира мислата. Колку повеќе ја прогонувате слободата на говорот, толку повеќе ги принудувате луѓето да бараат повеќе деструктивни средства за активизам. Колку повеќе ја прогонувате слободата на говорот, толку повеќе ја задушувате демократијата. Колку повеќе ја прогонувате слободата на говорот, толку помалку општеството станува толерантно. Но затоа си имате алатка за контрола на мислата и слободата да се изрази. Имате цензура низ која ја линчувате правдата.
Не разбирам од каде им е правото на оние што повикуваат на осуда и криминализирање на говорот на омраза да судат врз основа на своите субјективни критериуми дали некој говор е доволно навредувачки и офанзивен за да биде протолкуван како говор на омраза. Особено ако знаат дека не постои универзално прифатена дефиниција за говорот на омраза. Во кој момент во нивните глави ја исцртуваат линијата меѓу слободата и забраната да се зборува слободно? Дали почнуваат од говорот на омраза, а продолжуваат со забрани и цензура? Дали добронамерната желба за заштита на ранливите заедници не се прелева во опасната територија на давање на некои заедници привилегирана заштита и имунитет од критики?
Ќе се согласам дека говорот на омраза е грд и суров. Има тенденција да биде неук и дезинформиран. Честопати промовира стереотипи и води кон исклучување на групи луѓе. Болни и многу реални и трајни ефекти може овој говор да има врз оној кон кого е насочен. Може да ги натера луѓето да се чувствуваат несигурно, непожелно, а понекогаш дури и да бидат загрозени. Ако говорот на омраза е толку ужасен, тогаш зошто да го заштитиме? Всушност, зошто некогаш би се борел за слободата на говор на оние со кои не се согласувам? Ако не го сакаме тоа што треба да го каже некој друг, зошто да не го присилиме да молчи?
Затоа што слободниот говор е столбот на слободната влада. Кога тој столб ќе падне, се распаѓа слободното општество. Сѐ додека говорот не ја помине линијата на директна и реална закана од насилство, верувам дека треба да ни биде дозволено да го кажеме она што го сакаме, зашто на тој начин се штити слободата да се изрази „мислата што ја мразиме“. Мораме да го заштитиме говорот, без оглед колку е навредлива неговата содржина. Сметам дека е вредно, само по себе, за едно општество да толерира дури и најекстремни ставови. Зашто лошите идеи на крајот ќе изгубат на пазарот на идеи што добро функционира.
Слободата на говорот бара подготвеност на општеството да ја заштити жестоката дебата за прашања од јавен интерес, дури и кога таквата дебата е со невкусен, навредлив или омразен говор, што ги тера другите да чувствуваат тага, бес или страв. Кога сте неспособен да се борите со идеи со оние со кои не се согласувате, природно е да казнувате. Да забранувате, да се заканувате. Затоа ќе потсетам на зборовите на Волтер: „Јас не го одобрувам тоа што го зборуваш, но ќе го бранам до смрт твоето право да го кажеш тоа“.
Нашиве денешни „новодемократи“ никогаш не ги разбраа овие зборови. И нема да ги разберат. Нема да разберат дека поробувањето на еден народ почнува со покорување на слободата на говорот. И дека прогонот на слободата на говор значи да се потисне вистината во општеството. Лесно е да се верува во слобода на говор на оние со кои се согласуваш. Како оваа влада. Но тешко е да веруваш во слободата на говор кога говорот го дразни твојот авторитарен порив и го кажува она што не сакаш да биде слушнато. Можеби затоа денес станува сѐ потешко слободно да се зборува во Македонија.