Тоа е тоа, македонските проруски неопаганисти, кои го славеле словенскиот бог Перун, сигурно се во контакт со оние 12.000 агенти на ФСБ, кои од неодамна, како што ни откри еден портал, да ти биле во Македонија. Преправени се во перуники. Преку тие перуники Путин вибрира зла руска пропаганда за окупација на Македонија. Не знам само зошто застанавте на ова епохално откритие. А џунџулињата?
Уф, со што да започнам? Со Хан, со Тимоние или со „лошите“ Руси, кои сакаат да го поробат ЕУ/НАТО-протекторатот Северна Македонија? Просто човек не знае што попрво да фати.
Ако ја прочитавте мојата минатонеделна колумна, веројатно забележавте дека јас како цивилизирано битие не сакам да го прифатам варваризмот на „длабката држава“, ЕУ и НАТО, кои преку терор и уцени менуваат име и идентитет на мојата држава бришејќи го македонскиот народ од историјата, па во моментот кога ќе нè укинат, јас ќе бегам што подалеку од нивната варварска изопачена моќ. Едноставно е, ако не сте ме разбрале, ќе барам азил во држава, која нема никаков допир со ЕУ и со НАТО, оти ми се згади нивната варварска омраза кон Македонија и Македонците. На оваа тема беседев минатата недела. Кога еве ти го Кристијан Тимоние, тргнал да ме демантира на фејсбук-ѕидот кај режисерот Јани Бојаџи. Неговиот татко (или дедо) го убедувал дека Македонците се нормални како Французите. Веројатно мислел на обичните, нормални луѓе. Што е вистина додека не се запознаеме со политичките претставници на нормалните луѓе. Што има нормално во фактот дека Тимоние е дел од злосторничкото здружување за ликвидација со предумисла на македонскиот народ? Што има нормално во идентитетскиот, историскиот и културниот геноцид спроведен врз Македонија од страна на ЕУ и на НАТО? Па ете го Тимоние како соучесник, нашата историја ја нарекува лажна митологија. Му пречеле спомениците. Биле лажна митологија. А не му пречи да шета низ западноевропски музеи полни со украдени скапоцености од нивните колонизаторски походи кога уништуваа цели цивилизации пљачкајќи туѓи богатства, па сега тоа на музејските рафтови ептен е вистинска европска митологија. Кога на варварин му пречи туѓа цивилизација, тој веднаш ја прогласува за лажна митологија. И сака да ја срамни со земја. Што ли остана од слободарски француски дух? Го задуши ли бирократскиот материјализам на новата нацилибералната, светска „длабока држава“? Идните генерации Французи повторно ќе трагаат по изгубеното време, оти денешнава Франција, заради нејзините политички претставници, личи на изопачена слика од романите на Мишел Уелбек.
Се јави и Хан, Јоханес Хан. На Твитер. По средба со Христијан Мицковски. И што ни кажа? Имал корисен разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и тој (Хан) бил кристално јасен дека ратификацијата на Преспанскиот договорот сега мора да заврши брзо, без никакви пречки и ја поздравил неговата (на Мицковски) посветеност да не ја попречува постапката во парламентот, оти за ЕУ-интеграција требало лојална опозиција. Уаууу! Јоханес Хан, дечкото што ќе остане запомнет кај нас како оној што ги официјализира „балканските методи“ на поткуп, уцена и тортура. Методиве се всушност варварски, не балкански, ама Хан од позиција на изопачена моќ, смее да пали и жари низ Балканот, оти вакво нешто да каже кај него дома, на клоци ќе лета од политичката сцена. Велам, запаметен кај нас, бидејќи Хан напролет следната година, навистина ќе лета на клоци од политиката по европските избори и никој жив, освен ние, нема да го памети.
И ете го сега, истиот тој Хан, преку својата интернет-порака, ем ни заповеда како да сме негов приватен феуд, а ние закрепостени селани, ем тој одлучува каква опозиција требало да имаме. Ви звучи нешто тука демократски, цивилизирано? Кога ќе си го видам тилот. Јоханес Хан продолжува во својот насилнички стил. А јас сум на крајот на нервите поради ова нивно варварско однесување. Тоа што на опозицијата, исто како на власта, поважни ѝ се Европската Унија и нејзините политичари-насилници, отколку македонската држава и народ, е друга трагична приказна.
И така полека дојдовме до „лошите“ и „страшни“ Руси. Не знам дали сте забележале, ама безумната реторика на американските, западноевропските, македонските и албанските политичари нè убедува дека ако се откажеме од име, идентитет, култура и историја ќе бидеме слободни и богати, но ако држиме до себе и до сопственото достоинство, ќе сме биле окупирани од Русите. Поидиотски, здравје! Најновата антируска хистерична будалаштина ни дојде од онаа телевизијата на Боки 13, која дејствува како телевизиска „вајт треш“ секта. Спровеле „истражувачко“ новинарство, кое го спакувале под наслов „Проруски милитанти учествуваат во неопагански обреди на Водно“. А внатре во емисијата што да видиш. Некои луѓе направиле дрвени тотеми на Водно и тоа навистина убави дрвени тотеми. Некоја друга група се интересирала за неопаганизмот и тоа поврзан со словенската митологија, инаку нешто што го има во сиот свет. Понатаму, овие луѓе имале контакти со некој Русин кого исто така, најверојатно го интересира неопаганизмот. Е ама тој Русин, кој и да е, го има на фотографија во маскирна униформа. А-ха! Готово е, ги фативте Русите во тесно, Путин гарант не знае кај да се скрие. Тоа е тоа, македонските проруски неопаганисти, кои го славеле словенскиот бог Перун, сигурно се во контакт со оние 12.000 агенти на ФСБ, кои од неодамна, како што ни откри еден портал, да ти биле во Македонија. Преправени се во перуники. Преку тие перуники Путин вибрира зла руска пропаганда за окупација на Македонија. Не знам само зошто застанавте на ова епохално откритие.
А џунџулињата? Што ако Путин ги маѓепсал и џунџулињата? Затоа, нема лабаво, мора да се отворат четири очи, којзнае од каде демне нова руска закана? Може веќе утре да откриеме дека Путин врши руско влијание преку моето презиме.
Во меѓувреме, вистинските окупација и терор врз Македонија, нејзиниот народ, суверенитет и идентитет, продолжуваат. Волјата на народот е укината, а собраниските комисии ја спроведуваат ликвидацијата на државата. Изопачената моќ ги силува слободата и правдата. Се чувствувам немоќен и поразен, ама не се предавам.
Оти, не можат да го убијат јазикот на мојата поезија, сеедно што постоењето ми го ставија пред стрелачки вод, меѓу два потписа на парче хартија, за парче од парче да не остане.
Не можат да ѝ го убијат името на мојата поезија, сеедно ако ме убијат мене, оти и умрен ќе зборувам, како миг што ја носи вечноста, за парче со парче да се состане.