Без неа (надежта), револуциите (во наводници или без нив), не се можни. Како и без одлична организација. Револуциите, имено, не се случуваат, а се организираат и се пакуваат во посакуваните наративи на промоторот. Се брендираат, за да овозможат соодветна перцепција, емоција и реакција, кои ќе резултираат со промена на режимот
„Приказната што ја раскажувам е за оние што сакаат да слушаат. Приказна за луѓето што брзаат, за луѓето што се молат. Приказна за осамениот град… поделен до самата срж… под едно сонце што пржи… Во име на крстот или полумесечината. Од ова осамено место што го избрало мирот, чија историја е преплетена со бодликава жица и оружје. Ова е долга приказна на жени облечени во црно. Без светкави ѕвезди, без преубаво цвеќе. Од нивниот пепел поцрнети очи. Жени што судбината ги навела да ја покажат својата храброст…“
Претпоставуваш читателе дека зборувам за Македонија. Но ова не се мои зборови, туку на либанската режисерка Надин Лабаки во истоимениот филм „Каде одовде“ – приказна за животот на една верски поделена заедница во Либан. Но може да се однесуваат и на Македонија и некои други поделби.
Раскажувајќи ја својата приказна, режисерката ја зборува и приказната на другите, а приказната на нејзиниот народ станува приказна на другите народи, или барем еден дел од неа. Тоа е најпосле една иста човечка приказна на страдања и поделби. И на чудесноста на жените.
По моделот на „Лисистратата“ на Аристофан, „Каде одовде“ е приказна за помирувачката мисија на жените кога мажите војуваат или се подготвуваат за тоа.
Кај Аристофан копјата буквално се кршат во Пелопонеските војни на грчките градови, додека фокусот во либанскиот филм е кршливиот мир во едно мало либанско село опкружено со мини. Најстрашната мина, сепак, се вестите од радиото и телевизијата, кои ја распалуваат нетрпеливоста меѓу мажите. Таму настапуваат жените и нивната досетливост.
Во „Лисистратата“ жените се обидуваат да им стават крај на војната и загубата на мажите во неа, со единственото оружје што го имаат – апстиненција од сексот, додека во филмот жените се трудат да ги спречат насилството и загубите на мажи и момчиња, кои веќе ги наполниле околните гробишта, манипулирајќи со алузијата на сексот, најмоќната алатка што ќе ги одврати мажите од насилство. На единствениот телевизор што селото го има, тие бараат/избираат љубовни сцени, а кога и тоа не успева, го саботираат телевизорот. Им подметнуваат колачи со хашиш да ги втурнат во заедничка смеа раскараните мажи, им го закопуваат оружјето, им носат дури и танчарки на еротски танци од Украина. Со еден збор, прават сè да го зачуваат мирот меѓу мажите, кои се културно во многу нешта идентични – го зборуваат истиот јазик, уживаат во истата храна и музика…
Либан е земјата за која еднаш се сметало дека ја надвишува верската омраза, со Бејрут како Париз на Блискиот Исток. Либан е вистински етнички и верски мозаик. Земјата помни шеснаесетгодишна граѓанска војна, израелска инвазија до почетокот на деведесеттите години и долгогодишно воено присуство на Сирија во неа. Поточно, до 2005 година, кога се случува и познатата Кедар-револуција – уште една во низата обоени револуции за промена на режими, кога под силен меѓународен притисок Сирија се повлекува од Либан.
На десетгодишнината од револуцијата, колумнистката Шармин Нарвани ќе напише: „Со заминувањето на последниот сириски војник, брзо како што и започна, револуцијата заврши… Политичките партии почнаа со ценкање и коалиции за изборите. Телевизиските камери се исклучија. Стана политика, како и секогаш. Власта само премина од едни раце во други. Своевиден „coup d’état“.“
На годишнина од Преспанскиот договор, Македонија е на бреговите на Дупени бич, сосе реките од истурени преспански јаболка. Плажата, а не Преспа е таа што обединува, поточно (нè) прибира. Откупот е „бич“. Европа? Европа е именувана како сексапилна, ама сè потешко се „(от)купува“. Европа е политика, како и секогаш, а политиката е „бич“. Земјоделците се, вообичаено – во придавката на преспанската плажа. Како и повеќето од нас. Некои со сопствени раце го сечат засаденото, а некои го сечат само она што не им припаѓа. И ова се случува вчудовидувачки насекаде, со сè. Се сече и одамна засаденото, од оние пред нас, за да нема ни за оние пред нас, а во нивно име. Сечата стигна и до душата на Гоце Делчев – небаре, кога љубел, дали љубел како Македонец или Бугарин? Првпат, распетието на Македонија е и нејзин столб на срамот.
Една година по срамниот договор останува само надежта, истата онаа на чии плеќи дојава (а потоа и брзо одјава) шарената револуција. „Ако надежта беше производ (стока), Либан никогаш не бил побогат одошто на четиринаесетти март, 2005 година“ (денот на Кедар-револуцијата) – ќе запише Шармин Нарвани.
Без неа (надежта), револуциите (во наводници или без нив), не се можни. Како и без одлична организација. Револуциите, имено, не се случуваат, а се организираат и се пакуваат во посакуваните наративи на промоторот. Се брендираат, за да овозможат соодветна перцепција, емоција и реакција, кои ќе резултираат со промена на режимот. Така се случуваат сите обоени револуции и така завршуваат – „шарено“, како и датумот за почнување преговори за членство во ЕУ.
Изневерени очекувања? Не баш. Поверојатно – очекувани изневерувања. Како и сета врева околу Преспанската спогодба. Многу врева за ништо – за ништо да не остане од Македонија, од мирот меѓу нас и од мирот во нас… Многу ништовна врева, а неочекуван молк пред срамната распродажба, која веќе привршува.
Колумната што ја пишувам е за човекот што одбира да молчи. За човекот што брза за ЕУ, а самиот не се помрднува, за човекот што се моли, а не му „помага на бога“. Приказна за осамените градови поделени до самата срж во името на ружата или лавот. Приказна за напуштените села. За реките од непродадена реколта, под едно сонце што пржи. Од ова распнато место во кое ги избравме надежта и мирот, чија историја е преплетена со бодликава жица (која не ја избиравме) и поделби (во кои и сами учествувавме)…
Но ова може да е долга приказна на жени облечени во бело. И црвено. Под светкави ѕвезди и со расцутено цвеќе. Од нивниот оган пламнати очи. Жени што судбината ги навела да ја покажат својата храброст како ретка убавина…
Во филмот на Лабаки, жените се облекуваат во верските облеки на другиот табор, за да му стават крај на бесмислениот конфликт. Последната сцена се одвива на гробишта: мажите носат на раце уште една бесмислена млада жртва на случајна стрелба, која, благодарение на досетливоста на жените, не прераснува во насилство. Гробиштата се верски поделени, а мажите се вртат кон жените, прашувајќи: „Каде да одиме сега? (на кои гробишта да го закопаме?)
Каде да го закопаме овој срам? На кои гробишта на историјата? Како да им ставаме крај на оваа бесмисленост и поделби?“
Историски, судбината ги наведува(ла) жените да пронајдат други начини да ги заштитат своите деца и нивната иднина. Се надевам, нема да скршнат од својот пат, зашто „мажите“ веќе скршнаа од него.
Авторот е магистер по мир и развој и поет