На 4.1.2021 год., премиерот на РМ, на измислената функција прв вицепремиер, г. Груби, ѝ предаде зграда, во која се смести измисленото и уникатно Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, во кое се вработени околу 1.500 луѓе, а на работа одат четириесетина (односите во државите се уредуваат со закон, а не со министерства), и агенции за контрола на спроведување на Законот за употреба на јазиците.
Значи, во тоа министерство ќе бидат вработени исклучиво Албанци. Ако ги анализираме сите активности што оваа влада и овој премиер ги преземаат и носат важни одлуки за државата, ќе дојдеме до заклучок дека полека Македонија од унитарна држава ја претвораат во федерална држава помеѓу македонскиот мнозински народ и албанското малцинство, со тенденција накрај за распад како нефункционална држава.
Имено, потпишаа неповолни – предавнички договори со Грција и со Бугарија, преку кои го сменија името на државата, се откажаа од македонското малцинство во тие држави, се откажаа од македонската историја и култура и од македонските великани, кои се бореа и изгинаа за независна Македонија. Од Уставот го исфрлија АСНОМ, за кој загинаа 40.000 Македонци и понекој од другите националности, а го вметнаа рамковниот договор. Македонија со тие договори ја доведоа во потчинета положба под Грција и Бугарија, што преставува и кривично дело, Македонците дополнително ќе ги гледаат уцените од тие држави. Македонија ја претворија во двонационална држава, со тоа што албанскиот јазик го воведоа како службен јазик на цела територија на РМ, и онаму каде што не живее ниту еден Албанец. Владата ја поделија на два дела, на македонска и албанска, иако македонскиот народ е мнозински народ, кој во НОБ ја создаде РМ.
Со доделување зграда на измислена функција како прв вицепремиер и на измислено Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, а во која се сместија сите албански агенции, притоа доделувањето го изврши токму на роденденот на Али Ахмети, всушност на албанското малцинство во РМ му направи Влада во РМ. Најавува попис во кој не се прецизирани методологијата и техниката на попишување и нема одговорност за попишувачите, а ќе се попишуваат сите со матичен број, без разлика дали живеат во РМ или не, оправдано се очекува пописот да биде фалсификуван. Македонската држава економски ја опустоши и енормно ја задолжи и македонскиот народ го направи од втор ред во сопствената држава. Македонскиот народ што побрзо треба да се освести и разбуди од длабокиот сон во кој се наоѓа, да ги заборави личните побарувања и заедно со опозициските партии и сите патриотски сили во државата и надвор да најде демократски начин човекот што работи за туѓи агенди и кој едно зборува, а друго прави итно го смени, бидејќи државата ќе оди во неповрат, а ние Македонците ќе им слугуваме на туѓи власти.
Бурлијовски Петко, Битола