Додека последните денови бројот на нови дневни случаи на глобално ниво е над претходниот дневен просек и, со пораст на случаите надвор од Кина, светот се подготвува за пандемија, многу појасни се знаците на рецесија, проследени со пад на вредноста на акциите за 6 трилиони УСД
(6.000 милијарди УСД)
Сашо Клековски
Кога минатата среда го пишував мојот коментар „Коронавирусот во Македонија не е прашање дали, туку кога“, не помислив дека истиот ден ќе биде објавен првиот случај на коронавирус во Македонија. За забележување е дека досега случајот е изолиран и се чини дека состојбата е контролирана. Во меѓувреме продолжува јавната дебата, која се движи во екстремните, од целосна негација на опасноста до апокалиптични сценарија и паника. Застапувањето претпазлив и превентивен пристап е поради досега познатите карактеристики на коронавирусот, но можеби уште повеќе поради работите што не се познати.
САРС-ЦоВ 2 или коронавирус ја предизвикува болеста ковид-19, со симптоми слични на обичен грип, но различни последици, како што пишував е некаде меѓу обичен грип и болестите САРС и МЕРС. Коронавирусот полесно се пренесува и од обичен грип и од САРС и МЕРС и иако има помала смртност од САРС, има многу повисока смртност од обичен грип. Коронавирусот има Ро или репродуктивен индекс меѓу 2 и 3 (2,3), или од секој заболен од коронавирус се инфицираат меѓу 2 и 3 лица, додека од секој заболен од обичен грип се инфицираат 1,3 лице. Повеќето заболени поминуваат со лесни симптоми, кои не се разликуваат од обичен грип, и тука дијагноза може да се воспостави само со тестирање.
Компликации кај ковид-19 се јавуваат кај околу 15 проценти од заболените, а критички со застој во дишење, сепса или откажување органи се 4,7 проценти, додека смртноста е од 1,4 до 2,3 проценти, во зависност од студијата. За споредба, смртноста од обичен грип е 0,1 процент. И ширењето на вирусот и смртноста многу зависат од возраста, како и состојбата на здравствениот систем. Во САД од обичен грип годишно заболуваат околу 8 проценти од населението, со слична стапка на ширење ковид-19 би го оптоварил здравството со тешки случаи (машини за дишење) и би имал дваесетина пати повеќе смртни случаи. Оттука е јасно дека секоја земја мора да се подготви и да дејствува превентивно да се намали ризикот од ширење и да се одложи ризикот од епидемија.
За нас во Македонија прекинот на синџирот на набавки, односно на понудата не е ризик, дури среднорочно може да го зголеми интересот за вложување во Македонија. Но краткорочно може да има
негативни ефекти, пред сѐ врз автоиндустријата, рударството и хоспиталити (туризам, хотелиерство, угостителство)
Стравувањата се и поради непознатото – корона е нов вирус. Сѐ уште не е јасно дали ќе биде сезонски како обичниот грип, кој се стишува кога затоплува во март/април. И бидејќи е нов, сѐ уште нема позната терапија и вакцина. Добрата вест е дека се во тек најмалку 12 проекти за развој на вакцина.
Додека последните денови бројот на нови дневни случаи на глобално ниво е над претходниот дневен просек и, со пораст на случаите надвор од Кина, светот се подготвува за пандемија, многу појасни се знаците на рецесија, проследени со пад на вредноста на акциите за 6 трилиони УСД (6.000 милијарди УСД). Ваквиот пад е поради прекин и во побарувачката и во понудата. На страната на понудата клучен е ефектот на затворање на Кина – околу 760 милиони Кинези се со некоја форма на ограничено движење и со многу бизниси затворени. Тоа се одразува на многу сектори од банални, како недостиг од играчки или техника, до покритични, како хигиенски или здравствени продукти. Недостигот од маски за лице е и поради фактот дека тие се произведуваат во Кина. „Проктер и Гембл“, една од најголемите хемиски, хигиенски и козметички компании, наведува дека 17.600 нивни производи зависат од материјали од Кина. Под удар се и транспортот и хоспиталити индустријата, со над 200.000 авионски летови се откажани досега во Кина и кон Кина, откажување или одложување јавни настани, а веќе се размислува за одложување на Летната олимпијада во Токио. Продажбата на автомобили во Кина е падната за 92 проценти, а „Епл“ продава 15 проценти од своите производи во Кина. Масовниот прекин на синџирот на набавки, на транспортот, ја истакнува слабоста на глобализацијата во сегашна форма. Дали ставањето на сите јајца во една кошница, односно концентрацијата на производството во Кина и Азија прави системски ризик во случај на пандемија? Дали тоа ќе отвори нови можности за Источна Европа, Турција или Јужна Америка?
За нас во Македонија прекинот на синџирот на набавки, односно на понудата не е ризик, дури среднорочно може да го зголеми интересот за вложување во Македонија. Но краткорочно може да има негативни ефекти, пред сѐ врз автоиндустријата, рударството и хоспиталити (туризам, хотелиерство, угостителство). Падот на побарувачка во автомобили или на минерали може да ги намали нарачките за автоделови од фабриките во слободните зони, или да ги намали цените и нарачките во рударството. И покрај откажувањата во моментот во хоспиталити-секторот, ако коронавирусот стивне до април, нема да има поголем негативен ефект. Но доколку се продолжи понатаму, може да ја упропасти главната туристичка сезона. На позитивната страна, забавувањето на Кина не ја намалува само цената на минералите туку и на нафтата, и таа е најниска во последниот период. Повторно поради наведените здравствени и економски последици, Македонија треба да продолжи со застапувањето претпазлив и превентивен пристап.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus