Професорот по меѓународно право Денко Малески во текстот „Македонците и Бугарите биле ист народ“ и во една емисија за бугарска телевизија, објаснувајќи ги своите спорни тези, говори и за наводната политичка пресија што се вршела врз македонските историчари и лингвисти да ги „фалсификуваат“ фактите во корист на македонството, а на штета на Бугарија. Колку и да има вистина во тоа тврдење, зачудува што професорот нема објективен пристап и разгледува факти еднострано и навивачки, најлошиот можен концепт за каква било анализа, особено професорска што претендира на вистина.
Според неговото искажување, произлегува дека такво нешто во Бугарија немало, дека бугарската историска наука е цвеќе за мирисање, а македонската за фрлање на отпад. Да се чуди човек од каде толкава неукост.
Во текстот што ќе го читате, иако се посочени само неколку карактеристични примери, се надевам дека јасно ќе се видат обратните вистини. Ќе може да се согледа не силниот туку насилничкиот притисок на политиката врз бугарската наука по однос на македонското прашање, за самобитноста на македонскиот народ и за посебноста на неговиот јазик и писмо.
Појавата на Информбирото во 1948 година и замрзнувањето на односите меѓу Југославија и Советскиот Сојуз негативно влијаеше и врз воспоставените релативно добри односи меѓу Република Македонија и Бугарија. Како што е познато, по завршувањето на Втората светска војна Бугарија со сите сили настојуваше да се испере од учеството во фашистичката коалиција и во тие рамки побара и наиде на прием од југословенска страна. Во тој сплет на околности Бугарија без проблем ги признаваше новата Народна Република Македонија и посебноста на македонскиот народ, јазик и писмо. Никулците на почетокот на крајот на таквите признанија се појавија набргу – на 16-от пленум и на Петтиот конгрес на Централниот комитет на бугарската Комунистичка партија кога отворено беше критикуван „србизираниот“ јазик на тито-колишевистите од Скопје.
Во текот на наредните 10-15 години во соседната земја беа објавувани повеќе студии и книги во кои на македонскиот јазик се гледаше ако не како на посебен, но секако како на различен. Тој наплив од макар не докрај отворени признанија на Македонците и нивниот јазик, како да беше знак за тревога кај бугарското раководство на чие чело веќе неколку години беше Тодор Живков, Бај Тошо, како што умилно го викаа неговите сопартијци. Во текот на Пленумот во март 1963 година Тодор Живков во рефератот искажал дека македонскиот јазик претставува само говор што им припаѓа на бугарските западни говори, дека е еден дијалект.
Тој даде сигнал повторно да се ангажираат „старите“ лингвисти и историчари во докажувањето за непостоење на македонскиот јазик. Набргу по негово барање, одново е напишана бугарската дијалектологија во која се негира, обратно од претходната, дека македонските говори можеле да се развијат во посебен јазик. Во согласност со новите насоки од библиотеките, научните и други јавни институции биле повлечени сите книги во кои се назначува дека македонскиот јазик израснал во засебен јазик.
Познат е скандалот со лингвистот Иван Левков, кој објавил книга во која споредувајќи ги словенските јазици и нивниот историски развој го третира и македонскиот јазик. На денот на нејзиното појавување во книжарниците книгата била конфискувана и повлечена од продажба. Левков настрадал и лично.
Бил жестоко критикуван за непатриотско однесување од Президиумот на Бугарската академија на науките (БАН), сменет од местото раководител на Катедрата за славистика на софискиот универзитет, а по предлог од своите колеги бил исклучен од членството на Меѓународниот комитет на славистите каде што ја имал и потпретседателска функција. Имало и други вакви скандали скриени од јавноста, а со случајот со Левков на сите лингвисти им било ставено до знаење да не си играат со „бугарскиот патриотизам“ и дека ќе страдаат ако се обидуваат да признаваат некакви Македонци или македонски јазик. Македонскиот народ и македонскиот јазик, македонското прашање како целина, се постојана тема на бугарските комунистички владетели. Многу одлуки, упатства и насоки до историчарите и лингвистите биле донесувани преку резолуции или заклучоци на Политбирото на ЦК на БКП, кое често како тема ја имало состојбата во „географска Македонија“, притоа користејќи го тој мотив за оживување на духот на голема Бугарија.
Во таа смисла раководството на партијата и на државата ги инспирирала, поттикнувала, охрабрувала и обилно ги финансирала историчарите, лингвистите, писателите и други интелектуалци, проследени со барање за нивно зближување, соработка и координација. И за меѓусебна агентурна контрола, некој да не направи нешто непредвидено во смисла на признавање на македонскиот народ и македонскиот јазик. Поточно, под закрилата за заштита на историјата се водела строга политичко-полициска проверка некој да не ја „предаде“ националната кауза, односно строго да се почитува наредбата сите да имаат еден единствен став по однос на македонското прашање.
Во 1969 година од партијата и државата е донесена резолуција за важноста на „бугаристиката“, чија цел била да се прошири фронтот на „војната на јазиците“, да се разнесе низ сиот свет „историската вистина“, која се однесувала на бугарскиот јазик, како и да се спротивставува на нејзиното фалсификување од страна на Македонците. Во 1977 година е објавена нова резолуција на Политбирото на ЦК на БКП за развојот на бугаристиката, која требало поупорно и понагласено да ѝ се спротивстави на македонистиката, која (оваа втората) бележела исклучителен пробив во светската лингвистика. Таа е годината кога македонскиот јазик е официјално признаен во Обединетите нации, како еден од рамноправните јазици што се употребува во Југославија.
Во 1978 година по налог и со помош на државата, Институтот за бугарски јазик публикува еден вид нов манифест насловен „Единственоста на бугарскиот јазик во минатото и денеска“ за кој се веруваше дека на наводна научна основа ќе му зададе решавачки удар на стандардниот македонски јазик. Во манифестот македонскиот јазик бил дефиниран како писмено регионална норма на бугарскиот јазик користен во Социјалистичка Република Македонија, а заснован на југозападниот бугарски дијалект. Иако на неговата разработка била ангажирана група најдобри филолози надежите за успех на тој план набргу згаснале. Нивните научни тези не биле прифатени во таков обем како што очекувале, а своевиден нокаут доживеале од руските слависти, од Советската академија на науките и од Институтот за славистика и балканистика во Москва, кои отворено ја признавале посебноста на македонскиот јазик. Во осумдесеттите години од минатиот век на оваа линија се водела долга „битка“ меѓу бугарските и руските филолози, во која на силни напади биле изложувани оние Руси што имале македонистички позиции. Од бугарската наука биле тргнати настрана, биле елиминирани, сите оние што претходно биле блиски до руските тези и со руските филолози.
Таа патриотска и национална зовриеност од времето на бугарскиот комунизам продолжува и по неговото уривање и по формирањето на новата повеќепартиска држава по име Република Бугарија. Заминувањето на Бај Тошо не значеше промена на бугарската политика кон македонското прашање, македонскиот јазик и писмо. Иако Бугарија прва ја призна независноста на Македонија, со потајна надеж дека преку тој чин може брзо да дојде до обединување на истиот народ во една држава, тоа го направи крајно дипломатски двосмислено.
Вториот претседател на нова Бугарија Жељу Желев тогаш изјави дека Бугарија ја признала само „политичката творба“ наречена Република Македонија, додавајќи дека неговата земја никогаш нема да ги признае македонската нација и јазик.
Така, претседателот и другите политичари почнале да ги употребуваат истите реченици што ги имаше изрекувано Живков, односно дека македонската нација е вештачки создадена и тоа врз база на бугарската народност во Вардарска Македонија и дека македонскиот јазик е бугарски дијалект изменет под српско влијание и негова србизација. Зад него не заостануваше и наследникот Петар Стојанов, кој Македонија ја означи како најромантичниот историски сон на Бугарија.
Тогаш, на почетокот на деведесеттите години политички, не историски или лингвистички, од највисоката бугарска политика, официјално е промовирана тезата дека двете држави имале заедничка историја и дека жителите на Република Македонија би требало да ги признаат „фактите“ и „историските реалности“.
Оваа нова политбировска резолуција е само мајсторски надградувана, сечена, лепена, монтирана, на неа јаваат, во истата труба сега трубат Бојко Борисов и неговата компанија, кои ја признаваат реалноста дека Македонците се Македонци, но не безусловно. Условот е дека не се Македонци ако претходно не биле Бугари. И ако се согласат со тие факти ќе бидат живи Европејци, ако одбијат ќе бидат мртви Македонци. Двата услова покажуваат дека секирата на историското бугарско политичко насилство не е закопана, колку и да е затскриено нејзиното сечило зад „красиви думи“.