Записи во несоница
Пред неколку години седев на брегот од Реката на болката што ја поплавува колективната душа на мојот народ и ги запишував со отворена рана овие редови, нешто како стихови во проза, што сакам сега во ова тмурно време кога сме изведени од европските и нашите идиоти на идентитетско губилиште да ги споделам и со тебе, драг читателу, кој, верувам, исто така страдаш поради оваа Голгота на која е искачено распнато „столченото племе“ (Б. Конески) Дел од нив. Јас ним им дадов заеднички наслов „Име од вечност“, а сега „Име од болка и вечност“, оти не дека не нѐ огревала и не нѐ огрева и радост од Името, централното кубе од црквата на нашата меморија, ама болката тука до едно страшно безмерие преовладува, особено сега кога гилотината на нашите квислинзи и на оваа брутална цивилизација, наречена Западна, а спуштена врз неговата глава, која веќе се тркала во нејзината кал како дијамант по кој се отимаат свињи.
Доволно за вовед, а сега се пуштаме низ струјата на болката и трагиката на Името што ни го крадат бесрамно, сакајќи да нѐ престорат од жив оган во пепел и да нѐ стават во мртовечка урна:
„Но глеј, не заборав, не смрт е Името наше. / Ене го свети, бакнеж од првата искра и од Светиот Дух кај зема. / Ене го, чекори и пее тоа низ ноќта со која го потрупале, / и не врз каменот надгробен што му го стокмиле, / туку врз Новото Небо избива и блеснува и над Новата Земја / што ги вети Создателот. / Ене го, целото од вечност само, како искон од иднината, / како иднина од искон негибнато од злото сјае тоа. // Од искони е пастир Името наше до Хималаите што го истерува дури на пасиште стадото свое. / Ама како се случи само тој погром, како се намножија толку многу волци, / и тие од пред раѓање што се со волчја нарав во себе. / Тие го заклаа стадото негово, / на Пастирот кој сега се потпира на крлукот од болка. / Арно ама не остана неутешен тој. Господ му ги даде камењата на неговата татковина за стадо, / и сега нив ги истерува на пасиштето. / Камено блеат по ридовите тие и камено млеко молзе племето рането од нив, полно со оган од Светиот Дух. / И уште едно стадо му подари нему Тој, облаците со громовите и молњите што скокаат во нив. / Така. Па колку сакаат нека се котат сега волчешки глутници околу Името. / Ни забите ни ножот нивен крвожеден не е закана за грлото негово / полно со искрата на Создателот што е и со громови и молњи вимето негово. / А еднаш и Словото на некои од вас крвожедни соседи и пријатели / ви го даде со тоа млеко тој Пастир свет, / но вие предадени на волчјата нарав заборавивте на тоа / и сѐ уште блесокот на вашите волчји заби / ни го нудите за сонце во историската ноќ во која сме заглавени до гуша. //
* * *
За сѐ однапред мислат тие и затоа уште пред да се роди отвориле гроб за Името наше. / Со столетија го држат таму, ни живо ни мртво, / но никако да го затворат гробот што зее како незацелена рана, и да стават крај на маката своја. / Никако да најдат капак, кој ќе се согласи на тоа, / оти и земјата одбива да соработува со нив. / Никако да се досетат тие гробари дека тој погребален капак е самото небо горе, / а него го држи Господ Саваот, но само за да го открива покриеното, / а не да го покрива откриеното, / и никогаш нема да го спушти Тој врз клетките на Името наше. / Тоа е мората нивна од која им нема спас. //
Го ставиле на надгробен камен Името наше и вијат оро околу него. / Тоа му го смислиле тие. / Ама глеј каменот станува крило и го носи в бескрај и него. / Да му го столчат пламенот во пепел и во урна мртовечка да го стават. Тоа му го смислиле сега. / Ама и така тоа ја зема урната во рака, / пламнува и скока од ѕвезда на ѕвезда да ја потпали ноќта на светот. / Да направат од него торзо на мачилиштето светско, рана да му биде постоењето само. / Тоа му го смислиле. Но и без нозе и раце, иако и главата сосе нимбусот му ја пресекле, / уште посилно свети Името наше / и од раните негови, како Исус да е, блика цвеќе и заздравува од долгата болест светот. / И Ирод го довеле на неговата свадба. / Во чинија ѝ ја подаваат на Саломе, како свадбен пехар, главата негова што му ја пресекле. / Тоа му го смислиле тие. Ама глеј чудо, таа е глас и гласник / што носи вест за светлината и светото во време обесветено и мрачно. //
Леле, каква темна песна пеат, каква темна порака носат командантите страшни. / Леле, му го пресекле грлото на пладнето игралито, го заклале и во ендек сонцето го фрлиле. / Леле и цвеќето модро бликнато пред тоа, сосе златото на летото го снема. /Кај отиде сега? Не на свадба, а на закоп. Го погребуваат командантите мрачни/лицето на мојата татковина. И како она пладне на Голгота се спушта помрачение, / истечува светлината од секој атом на вселената. / Ама глеј, имало сонцето син. Тој го искачува сега над смртта Името наше како зора / и како обновен прапочеток му го дарува на светот остарен и обесветен. //
На губилиштето го изведоа Името. Нозете му ги пресекоа, / а тоа како да не било ништо ги зеде подмишка нив /и пак скокаше од ѕвезда на ѕвезда за да собере доволно светлина за ноќта што го поклопила светот. / Потоа рацете му ги пресекоа. Но и пресечени тие ги отворија дланките / врз хоризонтот на иднината полни со милијарди нови зори. / Една по една со светлината тие легнуваа во лулката на новиот пород на столченото племе, / кое пееше на изворот на својата рана и заздравуваше од лекот нејзин. / Но ништо не сакаа да видат џелатите од тоа. / И очите на Името му ги извадија, ама не го осветлија мракот во себе тие. / Најпосле и главата му ја пресекоа, / но на ужас на џелатите, и пресечена таа запеа за да ги охрабри сите невини на губилиште изведени. / Едни од таа песна заледуваа, а други одмрзнуваа и до врв ги полнеа морињата, / кои ја носеа химната на новиот препород кон бреговите на истрошениот свет.
* * *
Името, песната, орото, сакаат сѐ да ни земат тие. / И чукањето на срцето дури, за да го оживеат нивното оти престанало да чука. / И слухот длабок сакаат да ни го земат, оти ја слуша музиката на сферите, а тие за неа се глуви. / И виделото од очите сакаат да ни го земат, и илјада Беласици измислија за тоа, / за да прогледа нивниот мрак со него, од кого никогаш на светлина не излегоа. / Сѐ. И страдањето сакаат да ни го земат, / во својата мрачна ковачница да го однесат, / за од него венец на славата да си исковаат. / И не само тоа. Со него мислат уште и на небо горе, / како залог на своето спасение да се појават и на Страшниот Суд пред Господ. / Арно ама Господ не се лаже. Тоа не го знаат тие. / И не знаат дека во својата десна дланка пламенет на Името наше го чува Тој.
* * *
Рана е тоа Име во која и бескрајот може да легне, и цела историјата, // Може дури и вечноста крснозе да се курдиса во неа како во своја куќа. Не можат само оние што ја отворија неа, / оти од иста желба на клада да ни го спепелат Името самите пепел ќе станат. / Ама пепел заборавена од Жар-птицата која се храни со вечност од огнот на нашата рана само. //
Бескрајот проширен со едно рането крило, тоа е Името наше. / Дијадема од спепелени ѕвезди на челото-урнатина со мирта за неродените јунаци што листа. / Нимбус од мартирска светлина на главата во чинијата на Саломе. /Небо потпрено со распетие, за да не падне напукнато од болка. / Слава ничкосана на колена од која мршојадците се хранат. / Рана од која лока искон и здравје нивната волчешка муцка. Скапоцен имот од страдања разграбуван безмилосно за туѓа слава и спасение. / Рана до рана, бодеж до бодеж, тоа е Името наше. / Ама и песна од која смртно се плашат тие, која на парчиња ја разнесува ноќта. //
Свадбарско оро врз новиот потоп. Тоа е нашиот Ноев ковчег. / Од тука се искачуваме право во небесата низ иглени уши / сосе караванот натоварен со бисаги полни со духовен сјај и рани. / Тоа е богатството кое има највисока цена таму. / Со него низ тесната врата за која говори Исус, ќе минеме како низ царски порти, /излекувани од сопствената болка / и со небесен печат на срцето и Името наше од Вечност.“
* * *
Тоа. Бескрајна е таа река низ чија струја на болката малку пловевме сега, драг читателу, ние. Оти, како што вели и мојот многу драг имагинарен пријател Вилијам Блејк: „Некој е роден за вечна тага, а некој за вечна радост“. А ние за што сме родени кажува и денешната ситуација во која се наоѓаме, а која и со столетија пред тоа трае. Да. Ама еден ден ќе им се смачи на оние што нѐ трупаат со тага и со болка, тие од страна, но и дома што ги имаме како отровно змиско легло. Оти Бог има план и мечот на неговата правда ќе ги стигне сите што ни нанесувале и ни нанесуваат болка, и нас ќе нѐ скорне од смртта а нив, по нивна заслуга ќе ги однесе во мртовечница, да преспијат таму неколку милениуми додека не го окајат злото што ни го направиле и нам и на светот што го заклаа и со крвта негова, наместо со свето вино, во слава на Сатаната (оти никогаш Исус не го запознаа) се причестија.
Останува уште да ти се извинам, драг читателу, ако мојата денешна колумна беше отповеќе депресивна за тебе. Но премногу е болна вистината. Не можев поинаку. До следната средба сѐ најубаво.