Нема тука логика, само избегнување одговорност. Расте бројот на случаи, не е доволно да биде виновен „примитивниот народ“ што не дава контакти, туку треба и ред рестриктивни мерки, секако онаму каде што власта е веќе скарана и на нож – угостителството. Власта си е супер, не чинат народот и кафеанџиите!
Деновиве севкупното внимание на јавноста повторно е фокусирано на порастот на корона-случаи, како и новите мерки предложени од Комисијата за заразни болести. Пред две недели напишав „Скарани со вистината“, а сега со вчудовиденост се соочуваме дека не се скарани само со вистината, туку дека се скарани со логиката до степен да се постави прашањето ако не дали има пилот во власта/здравството, тогаш дали има пилот во Комисијата за заразни болести?
Соочени со нов врв во бројот на корона-случаи, кој нѐ зацврсти на првото место во регионот по бројот на случаи на еден милион жители, следуваа неколку мерки што Комисијата за заразни болести ги предложи, а Владата ги донесе на 8-та и 9-та седница. Една група мерки се рестриктивни мерки за угостителство и забрануваат „жива музика“ во угостителски објекти, ограничуваат децибели и ограничуваат четири лица на маса итн, додека втората група вклучува либерализација на патувањата во регионот (Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина) без ПЦР-тестови. Од една страна рестрикции, од друга страна либерализација. Образложението е дека младите се клучни за ширењето, а дека границите се отвораат бидејќи нема нови кластери од странство. За на крајот, на 6 октомври, во главните вести на најголемата телевизија да оди прилог со епидемиологот д-р Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје – Скопје, кој вели „скопјани позитивни на ковид-19 ги кријат контактите и не кажуваат каде се заразиле“ и „не може да предвиди дали последните журки во скопските локали ќе го дуплираат бројот на заразени во Скопје“.
Од каде да се почне со скараноста со логиката? Ајде од образложението дека младите се клучни за ширењето. Доколку е точно дека „скопјани ги кријат контактите“, како Комисијата дошла до заклучок дека младите се одговорни за ширењето и, уште повеќе, дека тоа е во угостителски објекти? Доколку не се знае дали журките ќе го дуплираат бројот, зошто рестриктивни мерки за угостителските објекти? Значи бројот на корона-случаи расте во Скопје, ама скопјани не кажуваат каде се заразиле, но Комисијата заклучува дека се тоа млади и дека угостителството е криво. Еве, и да прифатиме дека се младите во прашање, зошто рестрикции само за угостителските објекти? Зарем младите не се собираат на плоштади, како на „Белата ноќ“, или пак во градските паркови, или речиси 24/7 на преполнетите спортски терени. Зошто рестрикции само за угостителството, а не рестрикции за јавните простори и спортските терени?
Нема тука логика, само избегнување одговорност. Расте бројот на случаи (во стилот на Комисијата да прашам да не се новите поврзани со „Бела ноќ“ во организација на Град Скопје?) не е доволно да биде виновен „примитивниот народ“ што не дава контакти, туку треба и ред рестриктивни мерки, секако онаму каде што власта е веќе скарана и на нож – угостителството. Власта си е супер, не чинат народот и кафеанџиите!
И тоа не е сѐ! Од една страна носите рестриктивни мерки, од друга страна либерализирате патување во регионот. Најсмешното образложение е дека нема нови случаи од странство! Ај прашањето како знаат кога „скопјани не кажуваат“, туку како да има нови случаи од странство кога не се патува во странство и кога тие што патуваат треба да имаат ПЦР-тестови? Наместо да кажат треба да бидеме среќни дека другите ќе нѐ примат без ПЦР-тестови, бидејќи ние сме „црвената зона“ за корона на Балканот. Ако не сте задоволни од мерките, можете слободно да отпатувате во Србија без ПЦР, таму не важат мерките. Потрошете ги парите таму, секако ние сме пребогати. Ама да оставам малку дилема и тука, бидејќи се јавија надежи за заживување на зимскиот туризам. Што е тука проблем? Ако нема докази дека младите и угостителство се причината за новите бројки, има докази дека меѓу првите кластери, покрај Италија, беа скијачките центри Банско и Копаоник. Значи рестрикции за нешто што нема докази, а либерализација за нешто што има докази.
Не сум љубител на конспирации, и да помислам дека главната причина за отворање на границите со Косово без ПЦР-тест се шопинг, („Сити мол“) проценет на еден-два милиони евра месечно, и авиолетови. Сепак во Косово има помалку случаи од Македонија. Да се вратам на пилотот. Се отвара границата со Косово, следува „Викенд без ДДВ“ во периодот од 10 до 12 октомври и може само да се замисли каков метеж и хаос ќе биде во „Сити мол“. Како за „Бела ноќ“, така и за викендот од 10 до 12 октомври, ќе бидат криви „примитивниот народ“ и некој несовесен угостител , кој ќе ги исполни насловните вести, никако, никако нема да биде виновна нашата непогрешлива власт.
И тоа не е сѐ! Со рестриктивните мерки за сите угостители не се затскрива импотентноста во спроведувањето на законот, демек инспекциите немале доволно овластувања, туку се затскриваат корупцијата и клиентелизмот. И на врапчињата им е јасно зошто за неколку клуба не се спроведува законот. Кажи клуб да ти кажам врска со власта.
И да, ВМРО-ДПМНЕ протестира за поскапувањето на струјата од пред неколку месеци!
Овој став не значи противење на заштита на здравјето, туку противење на отсуството на логика. Мерките треба да бидат засновани на факти и анализа и да се разгледаат сите опции. На пример во Австрија се воведени книги на гости со контакти за брз тракинг. Или во Берлин воведуваат сеопфатни мерки за угостителите и за продавниците, се забрануваат вечерни собири во парк и се ограничуваат приватни собири на пет лица од различно домаќинство.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Ковид-19