Има ли Македонија некаква елита? За да се одговори на ова прашање, најнапред треба да се објасни што значи зборот – ЕЛИТА.
Што е елита? Елита е избор од најдобрите луѓе, најугледниот дел од некое општество или некоја заедница, повластен слој на способни лица, цветот на некоја заедница, кремот на некое општество и држава. Тесен слој луѓе од некоја струка, класа, професија, кои поседуваат одредени специјални особини, знаења, лични вредности или имаат одредени општествени улоги и позиции. Критериумите по кои се одредува елитата се различни во различни општества и средини, но генерално, за елита се смета оној состав од поединци што имаат или остваруваат некои предности пред другите, било на основа на богатство, на потекло, на култура или на политичка моќ. Со елита се означува врвот на едно општество, група луѓе што донесуваат (или пропуштаат да ги донесат) значајни одлуки што имаат влијание врз целото општество, врз целата држава, врз животот на граѓаните. Според повеќето теории, светот низ неговиот историски развој го воделе елити, а никогаш народот, таа маса секогаш била алатка во рацете на владетелите за остварување на нивните цели.
Секое општество е составено од елита и неелита, луѓе што владеат и луѓе со кои се владее, широка, проста маса, народски кажано. Секоја држава има политичка елита, партиска, културна, уметничка, научна, дипломатска, техничко-технократска, медицинска, бизнис-елита, спортска елита. Ако се погледне општествената мапа на Македонија наназад триесетина години, прашање е дали такви елити постоеле или егзистираат денес. Со тешко срце и со малку поголема храброст, без да биде некој навреден, може да се заклучи дека такво нешто веќе одамна нема. Сѐ е сведено на просечност, на обезвреднетост, на потценетост. Политичарите, на пример, ги потценуваат граѓаните, граѓаните не ги ценат политичарите.
Сѐ се сведува на гола политика, на клиентелизам и нафатирани главно крадени пари. Цели науки се фрлаат на ѓубриштето на историјата, ништо не значат ниту професорски, ниту докторски титули, ништо не значи нечиј голем минат труд, нечиј поранешен придонес во која било област, за секоја ситница дури и за тоа кој и каде ќе биде курир, решаваат партиските позиции, недообразовани, арогантни, домашно невоспитани началници.
Политичката елита, која се означува како „најелитна елита“ ја сочинуваат членовите на владата, нивните заменици и помошници, собраниските пратеници, лидерите на најголемите партии, градоначалници на поголемите градови. Тие луѓе ги решаваат или би требало да ги решаваат проблемите. Во ситуации кога е тешко, граѓаните очекуваат одговори од својата политичка елита. Граѓаните не знаат што да прават, елитата би требало да знае. Затоа ја избирале. Од политичката елита очекуваат смиреност и трезвеност при донесување одлуки, искреност во говорот, дораснатост да се согледуваат и решаваат предизвиците на времето и околностите, барем елементарна лична чесност во вршењето на функциите. Но елитата често нема одговори, па ги игнорира проблемите, не покажува доволно ниво на зрелост, на заинтересираност. Повеќе се труди околу исполнување на теснопартиските и личните интереси, тие стануваат побитни од државните. Токму затоа е и прашањето – дали тие луѓе се елита само затоа што формално заземаат највисоки места во државната хиерархија или имаат квалитети што ги разликуваат од другите.
Политичката моќ и во нашата држава секогаш била и најверојатно секогаш ќе биде сопственост на организирана малобројна партиска група, која во рацете држи моќни инструменти, има полни џебови пари и други расположиви средства да воспоставува власт над мнозинството, во различни пригоди, во какви било времиња.
Истакнувањето на моќта и значењето на улогата на народот, заколнувањето во народот, колку што е нужен популизам, толку е фиктивен, пропаганден изговор, трик за заматување на водата за подолго владеење. Секое општество е составено од елита и неелита, луѓе што владеат и луѓе со кои се владее, широка (проста) маса, народски кажано. Во теоријата пандан, коректив, совест, отворен и жесток противник на пoлитичката елита отсекогаш била една друга елита, наречена интелектуална. Составена од филозофи, научници, универзитетски професори, книжевници, сликари, режисери и актери, творци и дејци во повеќе области дала немерлив придонес во развојот на светот, во некои периоди позначаен од оној на кралевите, лидерите, политичарите, генералите и маршалите. Има низа историски примери кога таа била општествена авангарда, морален патоказ за напредокот на многу општества и на цивилизацијата во целина.
Гледано во овој контекст, македонската интелектуална елита е многу години замолчена или ја нема, нејзиниот придонес во современите македонски процеси е или минорен или под нечиј друг диктат. Пикната под политички шинел на некоја од владејачките партии (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ) е безгласна, молчи кога треба, зборува кога никој не ја слуша, живее во умислен или вистински страв да не си ги наруши стекнатите позиции, привилегии и признанија, кои никој не може да им ги земе. Глупо зборува, но паметно кима со главата. Би било претерано и неумесно да се споредува, но таквиот однос на интелектуалната елита е карактеристика на земји каде што владеат воени или диктаторски режими, земји со стеснети хоризонти и демократски слободи, лажен патриотизам и политички провинцијализам. Таа наводна елита не расте низ способности и покажани дела, туку по политичка припадност, зависно од политичките констелации, од значењето на партиската книшка, односно од волјата на лидерите на партиите кога се на власт. (Чест на исклучоците меѓу кои спаѓаат претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, професорот Митко Панов и други блиски околу нив и надвор од нивниот мислечки круг, како и малкумина конструктивни критичари на актуелната власт.)
Една од големите можности да се прероди, обнови, воскресне дел од старата или да изникне нова, генерациски млада интелектуална елита во Македонија беше Шарената револуција од 2016 година. Професорскиот пленум, редица млади марширачи, меѓу кои и моите два сина, создадоа надеж дека во македонското општество, по 10 години неприкосновена власт на една партија, се раѓа елитна интелектуална политичка генерација, која ќе биде способна преку заеднички проект да ги постави темелите на една поинаква, послободна, подемократска, похрабра, порадосна, посреќна Македонија. Генерација што ќе се избори за создавање отворено, критички настроено општество што ќе се бори против сите тогашни зла: криминалот, корупцијата, непотизмот, партиската и меѓунационална поделеност на граѓаните, за општество со високи стандарди за правда и праведност, за почитување и соодветно вреднување на личноста на неговите знаења и способности, а не на партиската, националната или религиската припадност. И за чесност на политичките водачи. Дека од пепелта ќе излета фениксот на новиот полет и скок на државата. За жал, и таа последна надеж се покажува како лажна надеж.
Како богат плод на Шарената на гранките на македонското недозрело јаболко се појави една поинаква политичка и интелектуална елита, која се натпреварува да биде послушна кон странски фактори, што се нуди на услуга кон секој странски интерес, иако тие интереси се спротивни на вистинските интереси на народот и земјата, на нејзините закони, традиции и вековни обележја.
Ротацијата меѓу старите и новите политичари и интелектуалци, меѓу тие на ВМРО и на СДСМ, судирот меѓу елитата и неелитата (простиот народ) сѐ уште трае без да се знае дали некогаш ќе има крај. Ако се прифати теоријата дека историјата е постојана борба за власт, постојан процес за заменување на елитите една со друга, ќе се заклучи дека тие се нестабилни, променливи, се вртат во круг во зависност од влијанието и моќта на економските, политичките и идеолошките идеи и програми. Тие се причини и за промена на власта во една држава, особено кога владејачката елита пропаѓа квалитативно и квантитативно, кога ја губи силата, кога ја носи нацијата кон бездна, тогаш кога пониската класа станува посупериорна, а високата инфериорна, заглавена во сопствените проблеми и заблуди, опиена од самопрогласени успеси. Токму од сопствената слепа слава пропадна бродот на ВМРО-ДПМНЕ што го кормилареше Никола Груевски.