Измеќари

Секогаш социјалистичка Македонија ја доживував како огромен затворски камп со 2 милиони луѓе под комунистичка репресија. Барем сега во кризава со коронавирусот моето чувство можат да го споделат и другите. Не издржаа три месеци

Да нема забуна. Македонија денес е лош „демократски“ клон на социјалистичката држава од пред триесет години. По три крајно проблематични децении, лошите страни на оваа политика на имитација станаа премногу очигледни за да се одречат. Ентузијастичкото копирање на западниот модел на демократија, придружено со „наводното“ повлекување на војската на ЈНА од Македонија, првично се доживеа како ослободување и исполнување на сонот за македонска држава. За подоцна да сфатиме дека сѐ било обичен фингерај, општествен инженеринг за нејзино исчезнување.
Македонската „кадифена“ револуција во деведесеттите без човечко страдање, беше само привид на промена. Креирана илузија од тајната полиција.

Нужност од мимикрија на поранешните комунисти во новите услови. Требаше да се сруши еден систем, за да се копира друг. Да се фингира нова реалност, како што беше фингиран животот во социјалистичка Македонија. Колку се добри во ова? Видете како ја фингираа новата реалност со пандемијата на коронавирусот, за работите да станат појасни.
Конечно, во 2020 година, го гледаме лажњакот на демократија и либерализмот. Неповратно изгубен со продажбата на името на државата, нејзината историја, симболите на нејзината државност, а зачинети сиве години на транзиција со социјалната нееднаквост, сеопфатната корупција и морално произволно прераспределување на јавната (читај општествената) сопственост во рацете на мал број луѓе, поранешни социјалистички апаратчици.

Како клон на социјалистичката држава, независна Македонија успеа да го воскресне реално посакуваниот комунистички модел на политичар. Необразован, неспособен, но исполнителен. Измеќар, каков што беше во поранешна Југославија. Измеќар тогаш, измеќар сега. Како поинаку ќе го објасните авторитарниот антилиберализам на сите досегашни власти на поранешните комунисти. Особено на сегашнава. Не можете истовремено да одржувате канонскиот статус кон либералната демократија, а гравитациски да бидете повлечени кон авторитарното минато и историски вкоренето непријателство кон либерализмот на своите претходници.

И токму ваквите политичари конечно ја доведоа „фингираната“ македонска држава до својот крај. Конечно ја отклучија мистеријата за нашата посткомунистичка иднина. Нашите понижувања сиве години се поврзани со нивната немоќ и желба, во најдобар случај, да станеме инфериорна копија на супериорен модел на држава-членка на ЕУ. Ги дискредитираа либералните принципи и институции, за да го оправдаат демонтирањето на независноста на државата, идентитетот на нацијата и нејзината историја. Но, пред сѐ, да ги исперат од себе легитимните обвиненија за децениската корупција и злоупотреби на моќта.
Манипулираа со популистичките демагогии со кои ги демонизира неистомислениците, прогласувајќи ги за „внатрешни непријатели“, за да ја мобилизираат поддршката во јавноста за иднината на државата по нивен терк. Поточно, иднина што им ја напишаа други.

Гледам месец мај е време на југоносталгичарите. Не можам да ги осудувам за тоа. Можам да жалам што концептот за носталгија, својствен за посткомунистичката политика добро бил потхрануван сиве години на независна држава. Се плашам дека оваа носталгија се претвори во многу повеќе и поголемо од она што веќе е. Жал за младоста. Разочарување во новата иднина што ја донесе транзицијата. Разочарување што свесно го креираа мутираните комунисти.
Концептот за носталгија требаше да ја препокрие вистината за теророт и бескрупулозноста на социјализмот кон неистомислениците. Да ја препокрие вистината за тивкото убивање на сонот за Македонија. Да понуди колективно слепило за тивкото умирање на луѓето што не биле во милост на режимот со „човечки лик“. Затоа не ме изненадува зашто власта ќе ги рефундира кодошите, тој човечки шљам на социјализмот. Ќе ја одржува ваквата човечката депонија на социјализмот, за да си ја обезбеди поддршката во обезличувањето на државата.

Безлични луѓе за безлична Македонија. Измеќари и клонови на туѓи политики, без корен и свест за своето постоење, сѐ по теркот на новата историја што треба да се испише. Историја што не треба да ги иритира нашите соседи, нашите состанари и нашите загрижени чувари на идеолошките догми и вистини. Затоа нема да ги рехабилитираме жртвите на комунистичкиот режим.
Арно ама заборавија на народот. Можете да ги фингирате демократијата и либералната држава, да ги ставите во функција кодошите, но не може да го фингирате вековниот сон за македонска држава. Зашто е реален и жив кај народот, колку што тие се нереални либерали и прозападно ориентирани космополити. Или „црвени“ Европејци.

Секогаш социјалистичка Македонија ја доживував како огромен затворски камп со 2 милиони луѓе под комунистичка репресија. Барем сега во кризава со коронавирусот моето чувство можат да го споделат и другите. Не издржаа три месеци. А замислете цел живот да ви го направат таков. Не можете да замислите, нели? Затоа продолжете да жалите за минатото, без желба да ја осознаете вистината. Продолжете да си го живеете сонот за минатото, кој нѐ однесе во ваква иднина. А и така веќе е доцна за будење.