Извонредна состојба: кратка содржина и патент

Со години живеам во самоизолација. Изолиран. И сам. Од будењето рано наутро, па до вечерните часови, сосема сум сам. Точно е дека речиси секоја вечер доаѓаат луѓе кај мене, но поголемиот дел од времето сум сам. И што правам сето тоа време? Зарем не умирам од досада? Пишувам, ете тоа правам

Во триесеттите години од минатиот век, Германија се соочува со најстрашната економска криза во сопствената историја. Тоа, секако, се должи на фактот дека се поразена страна во Првата светска војна. Истовремено со кризата започнува и вирусот нацизам. Овој период е обработен во романот на Ремарк, „Црниот обелиск“. На крајно духовит начин. Зарем може една трагедија да се раскаже преку смеа? Би се осмелил ли некој да раскаже приказна за ужасите во Аушвиц преку комичен наратив? Се случи тоа. Роберто Бенињи и „Животот е убав“. Има многу други примери. Зошто ви го пишувам ова?

Пред една недела на Фејсбук напишав: „Уште некаде пред десетина години сфатив дека луѓето најчесто ми создаваат мачнина. Оттогаш живеам релативно повлечено и незаинтересирано. Поинаку кажано, се самоизолирав колку што можам од човештвото и секојдневието“. Со години живеам во самоизолација. Изолиран. И сам. Од будењето рано наутро, па до вечерните часови, сосема сум сам. Точно е дека речиси секоја вечер доаѓаат луѓе кај мене, но поголемиот дел од времето сум сам. И што правам сето тоа време? Зарем не умирам од досада? Пишувам, ете тоа правам. По осум часа на ден пишувам. Два часа читам. И околу два часа за филм. Така некако. Не ми требаат луѓе прекуден. Во мене живеат сите тие ликови, случки и реченици. Сега се прашувате каква врска има почетокот со моево исповедање.

Едноставно е. Коронавирус. Некои го доживуваат ова како трагедија. Секако, има трагичност. Ама има и гротеска. Светот го нарекува пандемија. Јас, проект наречен „Тренинг за војна“. И немам намера да објаснувам зошто е проект. Само ќе ви се каже. Значи, има напната состојба, а има и писател што сака да пишува за напнати состојби. И да внесе во нив хумор и цинизам. Јас сум тој писател. И, ете, почнав нов роман. За коронавирусот и лудилото околу нас. Се вика „Извонредна состојба“. Во него паралелно се раскажуваат девет приказни. Колумнава е кратка содржина. И патентирање.

Приказна број 1. ЏЕЗ И ВОЈСКА
Јас не ги разбирам битолскине Роми и нивното мрчење што се затворени на Криволак. Ало, бре, НАТО-касарни се тоа. Знаете ли вие што се НАТО-стандарди? Знаете ли колку урбани луѓенца и десно определени НАТО-фанатици ви завидуваат? Цинизмот настрана. Првата приказна е за ромски бенд. Кај мене се четворица. Џез-бенд. Ама свират и по свадби. Се враќаат од Австрија. И поради короната ги пикаат во касарната во Криволак. Само нив. Во касарната оставаат и тројца војници да ги чуваат. На кои не им се допаѓа идејата да се таму. Како и на бендот. Ова е приказна за џезери и војници среде пустелија, пријателството што се развива меѓу нив во тие речиси нечовечки услови.

Приказна број 2. ВОЈНА НА ЅВЕЗДИТЕ
Пендаровски рече, маф ни е работата. Мислеше на економија. Оти, нели, до вчера блескавме. Имавме ненормален економски развој. Странски инвестиции. Плати што растат. Е, ама сега маф ни била работата. Нормални луѓе ова добро го знаат. Освен реформи во рекетирање, не видовме друго. И што направија тие, откако претседателот кажа дека економски ќе колабираме. Пуштија свои новинари да ни објаснуваат дека Груевски и „Скопје 2014“ се виновни што маф ни е работата. Мојата приказна не се занимава со Пендаровски и Груевски, туку со двајца новинари. Поточно, со една новинарка пуштена да објаснува дека претходната власт е виновна за денешново срање и новинар десничар пуштен да ги напаѓа сегашниве на власт. Двајца познати новинари. Двајца што се мразат. А никогаш не се сретнале. И среде војната на новинарските ѕвезди, ќе се роди страсна и перверзна љубов.

Приказна број 3. МАГДАЛЕНА И КРАЈОТ НА СВЕТОТ
Го избегнувам големиот маркет во населбата. Таму е крајот на светот. Во кризни состојби луѓето го вадат од себе неподносливото во себе. Колку само себични паничари испливаа на површина. И во малите продавници е слично. Јас сум страстен пушач. Знам да се искашлам. Се вртат кон мене со ужас во очите. Не паничете, им велам, рак на белите дробови. За разлика од мене, Магдалена не е цинична. Магдалена е добра. Работи во супермаркет. Понекогаш две смени. Затоа што е сиромашна. Мора да се грижи за болната сестра. За киријата. Магдалена и сестра ѝ се сираци, деца од дом. Во маркетот, околу Магдалена, луѓето што имаат удобен живот, сега проектираат крај на светот и таа раскажува за тоа.

Приказна број 4. ФАМИЛИЈА МАРКОВСКИ И АДАМС ФЕМИЛИ
Две семејства во самоизолација. Соседи. Македонци и Англичани. И како полека одлепуваат. И како комуницираат. И како се растураат, мешаат, вљубуваат. Сапунска приказна.

Приказна број 5. СПОМЕНИТЕ НА ЕЛЕОНОРА
Таа е вдовица. Има шеесет и пет години. Има и коронавирус. Во карантин е, во својата планинска викендичка. Одбива болница. А во ризична група е. Но Елеонора не се плаши да умре. Повеќе се плаши од животот во самотија. Нејзиното секојдневие. Затоа бега во своите спомени. Додека во нејзината викендичка не упадне млад крадец гонет од полицијата. Сега и тој ќе има вирус.

Приказна број 6. НОЕВАТА АРКА
Фејсбук-приказна. Целата се одвива на социјалната мрежа. Главен лик е профилот Ное. Обележен како теоретичар на заговор. Плови со својата луда арка низ паниката и лудилото на Фејсбук. Се обидува да поучува, ама брзо го распнуваат.

Приказна број 7. ВКЛУЧЕТЕ ГО УМОТ, АМА НЕ СО ДАЛЕЧИНСКО
Не може модерен роман без сексуални малцинства, расна дискриминација, права на жените. Сергеј е Русин, албино, писател на хорор-приказни за деца, руски националист. Тавита е компјутерски инженер, црнкиња од Камерун, феминистка. Сето ова што ѝ се случува на бела Европа е софтпорн-варијанта на она што ние го живееме во Африка, а вие сте толку разгалени. Со оваа реченица таа го започнува разговорот со Сергеј. Заглавени се на терминал на скопскиот аеродром. Само тие двајца.

Приказна број 8. ДНЕВНИКОТ НА ОТЕЦ МИХАИЛ
Млад парохиски свештеник. Верниците го сакаат. Има голема паства. Со почетокот на вонредната состојба тој си задава мисионерска задача. На сите оние баби и дедовци што му доаѓаат в црква, Михаил им се става на располагање за пазарење, плаќање сметки и други потреби. Патешествие од дом до дом, од старост до старост.

Приказна број 9. КОПИЛЕ
Не може роман без херој. А Марко токму тоа не е. Не е херој. Деградиран инспектор. Зависник од сенешто. Разведен. Бившата сопруга го презира. Децата не сакаат да го видат. И среде вонредна состојба, исчезнува неговата ќерка. Средношколка. Влезена во лошо друштво. Таткото поаѓа во потрага, против сите правила, против сите забрани.
Девет приказни како девет круга на пеколот. Раскажани на забавен, циничен и модерен начин. Јас ќе уживам. Можеби и вие еден ден.