Изборите поминаа и ја оставија Македонија во уште подлабока криза. И Хичкок да ги режираше резултатите (46 + 15 = на мнозинство), немаше подобро да ги сложи. Македонците масовно бојкотираа а, од друга страна, формираа и повеќе нови партии, кои гризнаа дел од колачот на опозицијата и уште повеќе ја влошија и така неповолната ситуација. Заслуга за овие нови партии, од кои повеќето собраа по неколку илјади гласа, има и нашата дијаспора, која главно ги финансираше. Тоа веројатно беше одраз на незадоволството од политиките на главната опозициска партија, за што имаше основа, ама последиците се многу подлабоки. Малите партии собраа речиси 70.000 гласа, од кои повеќе од половината Левица (37.426), која доби и два пратеника. Арно ама, ако Левица и го оправда своето постоење, остатокот од над 30 илјади гласа ќе легнеа на сметката на ВМРО-ДПМНЕ, што би било логично, и партијата ќе добиеше уште пет или повеќе пратеници.
Интересно е дека и Левица ги зеде гласовите од десницата поради нагласената патриотска платформа со целосно отфрлање на договорите со Бугарија и Грција. Сѐ заедно, дозволивме да победат силите што го разнебитија македонскиот народ, го уништија македонскиот карактер на државата и по сѐ, освен формално, земјата ја претворија во федерација. Резултатите од овие избори се историска грешка на македонскиот народ.
Изборите во никој случај не беа чесни, а камоли фер и демократски, но тоа не ја намалува одговорноста на опозицијата. Власта неконтролирано се задолжуваше со кредити, кои никогаш нема да можеме да ги вратиме, и затоа сѐ повеќе ќе имаме третман на протекторат. Во прашање се над милијарда евра, а дел од истите тие се поделени на неколку стотини илјади лица, што може да се смета како класичен предизборен поткуп. Имаше и повеќе други изборни манипулации, кои се игнорирани како и секогаш досега. За странците е најважно изборите да поминат, а во конкретниов случај тие отворено навиваа за досегашната гарнитура на власт. Таа им ги исполни сите нелегални и нецивилизациски барања, на директна штета и со долгорочни последици по македонскиот народ.
Карактеристика на овие изборни резултати е и изедначеноста на бројот на пратеници на конфронтираните македонски и албански партии, што нема да дозволи ниту лесно, а уште помалку формирање стабилна извршна власт. Има многу опции иако најреална изгледа досегашната коалиција на СДСМ и ДУИ плус пратеникот на ДПА. Меѓутоа, со 62 пратеника не може ништо посериозно да се презема особено кога државата се наоѓа во критичен период во кој мора да се донесуваат драматични одлуки. Прво, тоа важи за борбата со пандемијата, која во последно време доби крајно загрижувачки димензии, што воопшто нема да биде лесна задача бидејќи целиот Балкан е во слична ситуација. Реални се оцените дека тоа ни се случува поради форсирањето на прерани избори што доведе до експлозија на новозаразени.
Вториот, уште потежок предизвик за новата влада ќе бидат длабоките реформи, кои Брисел отворено ги очекува. Последната влада не направи ништо на тој план и сега ќе мора многу нешта да се надоместуваат, а со ранливо мнозинство од два пратеника, такво нешто не е ни теоретски возможно.
Брисел само формално, без датум, ги отвори преговорите, а во меѓувреме беше одредена нова методологија, која не само што ќе ги отежни условите туку, по многу нешта, вратите на Брисел ќе ги направи ширум – затворени. Неоспорно е дека Унијата не сака проширување поради внатрешните проблеми и лошото искуство по приемот на неподготвените Бугарија и Романија. Затоа, во споредба со порано, критериумите за членство се кренати на речиси недостижно ниво. Македонија уште утре да ги започне преговорите, тие ќе траат најмалку 15 години, а веројатно и многу подолго. Потврда за тоа е Црна Гора, која преговара од јуни 2012 (8 год.) и не е дојдена ни до половина пат иако се работи за 600 илјади народ и земја што нема нерешени прашања со соседите. Втор пример е Србија, која преговара од јануари 2014 (6,5 год.) и е, по многу нешта, речиси на почетокот од процесот.
Членството во ЕУ, иако е долгорочна и неизвесна цел, беше мамка за македонскиот народ и манипулација со него, и при потпишувањето на предавничките договори со Бугарија и со Грција, и во кампањата на последните избори.
СДСМ како да успеа да го убеди народот дека само што не сме влегле во ЕУ, а со тоа, се подразбира, нели, се оправдуваат сите идентитетски жртви, кои крајно непотребно ги положивме во спомнатите договори, а ќе бидат решени и сите други проблеми. Во сиромаштијата во која живее голем дел од народот, ЕУ беше лажната светла точка, која мобилизираше. Истото важеше и за НАТО, кое беше пред и над сѐ интерес на САД, за да се затвори регионот за руско влијание. Иако е Албанија над 10 години дел од Алијансата, таа е најдобар пример и доказ дека измамите врзани со членството во НАТО, како гаранција за стабилност, безбедност, странски инвестиции и развој – се чиста измислица и махинација. Таму со години владее политички хаос.
И ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од амбициите да формира нова влада, иако шансите се минимални. Повод е веројатно аналогијата од 2017 г. кога тие имаа два пратеника повеќе ама СДСМ ја состави Владата. Сепак, тоа личи на празни надежи. Странскиот фактор, кој по многу нешта игра клучна улога во земјава, отворено ја поддржува досегашната власт. Немаат потреба да ја менуваат бидејќи таа веќе им докажа дека се верни марионети.
Во дадениве услови, оптимално решение за Македонија изгледа привремено формирање влада на широка коалиција, во која би влегле сите заинтересирани парламентарни партии. Главни задачи би биле справување со пандемијата и во рок од шест до 12 месеци организирање нови парламентарни избори. Тие би биле заедно со локалните, кои следуваат во октомври 2021 г. и, кои, евентуално, би се организирале неколку месеци порано. Меѓутоа, и оваа опција е речиси невозможна бидејќи конфронтацијата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е многу подлабока од заедничките национални и државни интереси. Неизвесноста е тотална бидејќи никој не знае на што сѐ се подготвени 32-та албански пратеници. Со нив и со СДСМ, странскиот фактор може да прави што сака. Ако сите 32 албански пратеници се присилат на коалиција со СДСМ таа ќе биде погубна по интересите на македонскиот народ.
Неуспехот на опозицијата на овие избори заслужува подлабоки анализи.
По сѐ што се случуваше во земјата, по капитулантските договори со Бугарија и со Грција, по неприфатливиот закон за албанскиот јазик со кој земјата практично стана јазична федерација, по криминалот што доби вселенски размери… да се загубат избори од таква власт, невистина тешко може да се прифати. Аферата „Рекет“ недвосмислено допираше до врвовите на власта; сите видовме видео со кое се бараше „едно евро за Вицето“; злоупотребите сврзани со промената на Уставот беа повеќе од евидентни за секого… Во овие три и пол години имаше и многу други поразителни случувања. Затоа, поразот на ВМРО-ДПМНЕ не може со ништо да се оправда, освен со несоодветни партиски политики. Партијата сигурно беше под силен надворешен притисок ама тоа не амнестира никого. Се обидуваа да балансираат на сите страни и во таа какофонија немаа јасни ставови речиси за ниту едно важно прашање. Немаше стратегија ниту за договорите со Бугарија и со Грција што ги загрижуваше дури и редовните гласачи. Како да имаа подзаборавено дека нашите политички лидери се тука за да ги бранат нашите интереси што, се разбира, носи ризици со кои мора да се соочиш. Особено, ако сакаш да победуваш во политиката.
Во целина, резултатот на овие избори е тежок, да се надеваме не и одлучувачки удар врз македонизмот. Ако досегашната власт добие нов мандат и го искористи целиот, потоа ќе биде многу тешко да се исправаат катастрофалните грешки направени последниве неколку години. Луѓето ќе почнат да се навикнуваат на неправдите и ќе биде сѐ потешко да се мобилизираат сили за враќање на нашите универзални национални права. Ќе стане нормално МИА да биде Медиумска информативна агенција, наместо Македонска информативна агенција. Никој нема да се прашува зошто во Скопје има Албански и Турски, а нема Македонски народен театар…
Назад, сепак, нема. Треба да се бориме што побрзо да следуваат нови избори, со надеж и најширока сплотеност – македонскиот народ да ја исправи својата историска грешка од овие.
Двојниот Илинден, симболот на слободата и државноста на македонскиот народ, го прославиме во жалосни услови ама сонцето пак ќе се појави и ќе нѐ огрее. Наша должност е да сториме сѐ што можеме за што поскоро да се случи тоа.