Владата, со донесувањето на одлуката за референдум и со дефинирање на референдумското прашање без вклучување на опозицијата, го остави ВМРО-ДПМНЕ надвор од процесот
Референдумот за конечниот договор со Грција заврши неуспешно, поради одзив од околу 37 проценти. Неуспешноста на референдумот не е само поради неисполнување на законскиот праг за успешност, одзив од 50 отсто или околу 900.000 гласачи. Неуспешноста е поради тоа што референдумот беше под очекувањата на тие што го распишаа и организираа, Владата и СДСМ. Од потпишувањето на конечниот договор со Грција, каде што референдумот може, но не мора да биде дел од постапката, како и одлуката на власта референдумот да биде консултативен, беше јасно дека Владата не очекува дека референдумот може да го постигне законскиот праг. И покрај неисполнетиот законски праг, референдумот ќе беше прогласен за успешен со 700.000 гласачи или околу 40 проценти одзив. Тоа е одзив што е предвиден за избор на претседател на државата и претпоставувам дека 40 проценти од избирачкиот список одговара на 50 проценти на избирачи што се жители, живеат во земјата. Без полнење на кутиите, очекувањата на власта за успех, потфрлија за 100 до 150.000 гласачи. И најдобар знак за неуспехот е видливото нерасположение во Владата и СДСМ. Бидејќи референдумот не е задолжителен некои од „националните процедури“ предвидени со конечниот договор со Грција, меѓународната заедница и власта, ќе го легитимираат референдумот, и ќе продолжат понатаму со донесување на амандманите на Уставот.
За да научат СДСМ и власта од неуспехот, прво треба барем за внатрешна употреба да го признае. Не можете да научите од неуспех, ако не го признаете. Како пропадна референдумот за договорот што ги отвора вратите на НАТО и на ЕУ, за кој имаше само кампања за, а немаше против, и доби невидена досега поддршка од Западот? Секако наједноставно, а погрешно, е да се бара вината во граѓаните што решија да бојкотираат, односно да се посочи ВМРО-ДПМНЕ како виновен, но дали е така? Всушност најголем дел од вината не е во ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак самиот конечен договор, туку во тоа како Владата го водеше процесот на договорот, на референдумот и на самата кампања.
Вината не е во непопуларноста на конечниот договор со Грција. И покрај неприфатливоста на ерга омнес и промена на Уставот, и како што пишував во „Конечен договор без конечност“ клучната критика, дека конечниот договор не е конечен, и тоа во ревизијата на Уставот; во употреба на комерцијални имиња, трговски марки и брендови (чл.1.3х); комисијата за историја (чл. 8) и неповрзаноста на ерга омнес со членството во ЕУ (чл. 1.10), според почетните истражувања на јавното мислење, „за“ беше во благо водство во однос на „против“, а мнозинство гласачи беа за изјаснување на референдум.
Почетните грешки Владата ги направи во одлучувањето за референдумот. Во „Референдумот во хаос“ и „За европски вредности, референдум ала Ердоган“ коментирав дека референдумот е во хаос поради најмалку четири работи и тоа: начинот на донесување (без опозицијата), карактерот на референдумот (консултативен), референдумското прашање или што точно е предмет на изјаснување на референдумот, и начинот на водење на кампањата. Од овие четири работи, две работи го прават референдумот ала Ердоган. Владата, со донесувањето на одлуката за референдум и со дефинирање на референдумското прашање без вклучување на опозицијата, го остави ВМРО-ДПМНЕ надвор од процесот. Со тоа се создаде клучниот дефект на референдумот и кампањата, а тоа дека имаше кампања „за“, а отсуствуваше кампања „против“. Претходните референдумски искуства покажеле дека само со една страна, обично за, не е можно да се постигне потребниот одзив. Кога ВМРО-ДПМНЕ остана надвор од процесот, изостана кампањата против, јасно се дефинираа две кампањи „за“ и #бојкотирам. На еден месец пред референдумот, процентите против се истопија од околу 40 проценти, на околу 15 проценти, за тој тренд да продолжи до самиот референдум на кој гласовите против се сведоа на неколку проценти.
Покрај отсуството на „против“, кампањата „за“ имаше два клучни проблема: првиот не ги адресираше грижите на граѓаните и вториот отсуство на мобилизација на терен. Кампањата започна како кампања за ЕУ-членство, со бесмислени пораки за бесплатно здравство и гарантиран откуп на земјоделски производи. Од друга страна, како што пишував во „Категорични, а неинформирани“, големо мнозинство граѓани немаа точни информации за договорот со Грција. Кампањата „за“ не нудеше информации за договорот, ниту се справуваше со загриженоста на граѓаните. Дополнително не се адресираа легитимни грижи, како содржината на ревизијата на Уставот, клучните носители одбиваа да дадат информации, со образложение дека допрва ќе се формулираат, нешто во што никој не поверува. Кога се увиде дека кампањата „за“ оди во погрешна насока, пред крајот се направија напори за промени, но веројатно веќе беше доцна.
Кампањата „за“ се фокусираше на посетите и пораките на клучни западни лидери, како Меркел, како и на телевизиски настани, а многу малку на мобилизација на терен. Во повеќето населби и соседства немаше ниту малку од вообичаената партиска раздвиженост што е типична за избори. Тоа се одрази на катастрофалната посетеност на одредени кампањски настани, што не можеше да се скрие од јавноста, и негативно влијаеше на кампањата „за“.
И на крајот наместо за неуспехот на референдумот одредени политичари да преземат одговорност со оставки, тоа не се случи со што дополнително се оптовари процесот. И типично за нашата политика, наместо да се бара одговорност во сопствените редови, целата вина се префрла врз опозицијата. Тоа не е начин за правење успешни политики и влади.
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #СпоротЗаИмето #Референдум #Бојкотирам #ЕУ #НАТО