Во секој политичко-економски систем постојат противречности, како што се противречностите во Европската Унија, но прашањето е дали тие противречности можат да доведат до пропаѓање на системот, како што беше колапсот на Советскиот Сојуз или распадот на Југославија. Одговорот е едноставен: Да. Доколку ја земеме предвид постојната неусогласеност што постои во Европската Унија, таа ќе доживее колапс, слично како Советскиот Сојуз или Југославија
Со децении политиколозите и специјалистите по право се обидуваат да го дефинираат политичкиот систем на Европската Унија, а понекогаш можевме да слушнеме гласини дека бирократијата во Брисел се стреми кон создавање европска супердржава, федерација или конфедерација на национални држави.
Точно е дека нејзиниот политички систем наликува на федерација или конфедерација, но Европската Унија не е ниту едното ниту, пак, другото. Таа нема устав што е карактеристично за федералните држави, но не може да се дефинира ниту како конфедерација, бидејќи е политички поинтегрирана од овој вид политичко уредување. Што се однесува, пак, до изразот супердржава, веднаш можеме да го отфрлиме. Европската Унија не е држава, бидејќи суверенитетот лежи во нациите држави, а потоа продолжува кон Брисел. Со други зборови, бриселската бирократија не може да донесува одлуки без одобрение на државите членки, а оваа реалност е очигледна во ветото. Очигледно е дека противречностите што постојат, а произлегуваат од недефинираниот политички систем, го обременуваат функционирањето на Унијата.
Тогаш што е Европската Унија? Доколку внимателно анализираме, можеме да заклучиме дека станува збор за квазиполитичка манифестација, меѓутоа ЕУ не е ниту економско здружение, бидејќи секое здружение се организира врз основа на заеднички цели и интереси, а во изминатите години бевме сведоци дека државите членки не можат да ги дефинираат заедничките интереси. Во ова „лудило“, кога едни влечат на една страна, а други на друга страна, помоќните држави, како што се Германија и Франција, се обидуваат да балансираат, но останува прашањето: Дали оваа состојба може да трае бесконечно? Ништо не е бесконечно и доколку државите членки не го обмислат и дефинираат политичкиот статус на Унијата, еден ден таа едноставно ќе исчезне.
Поради искажаното, можат да нѐ обвинуваат дека сме евроскептици или европесимисти, дека сме затапени конзервативци или десничари што не можат да ја разберат перспективата на Европската Унија, меѓутоа мора да се земат предвид неколку нешта. Во секој политичко-економски систем постојат противречности, како што се противречностите во Европската Унија, но прашањето е дали тие противречности можат до доведат до пропаѓање на системот, како што беше колапсот на Советскиот Сојуз или распадот на Југославија. Одговорот е едноставен: Да. Доколку ја земеме предвид постојната неусогласеност што постои во Европската Унија, таа ќе доживее колапс, слично како Советскиот Сојуз или Југославија.
Некој може да не ни верува во искажаното, но ајде да разгледаме една аналогија. Во 16 век, една од најмоќните, најбогати и најпросперитетни држави во европскиот континент беше Полско-литванскиот Комонвелт. Споменатиот политички субјект се одликуваше со своја политичка либералност и толерантност, а на надворешен план успешно се справуваше со моќните држави како што беа Османлиската и Руската Империја. Но оваа држава заврши на буништето на историјата кога беше распарчена и поделена помеѓу Русија, Австрија и Прусија. Причините за пропаста на полско-литванската унија се наоѓаат во противречностите на политичкото уредување на споменатата унија.
Од денешна перспектива, политичкиот систем на Полско-литванскиот Комонвелт многу тешко може да се дефинира, понекогаш се вели дека бил конфедерација, федерација или уставна монархија, а не смееме да го пренебрегнеме и фактот дека комонвелтот честопати експериментирал со децентрализацијата. Моќта на кралот била ограничена од парламентот (Сејм), во кој доминирало благородништвото, а секој претставник во Сејмот имал право на вето доколку не се согласувал со предложениот закон.
Споменатото вето се покажало како најголемата противречност во политичкиот систем на Полско-литванскиот Комонвелт, бидејќи честопати ветото било злоупотребувано за остварување одредени лични цели, а постепено оваа поставеност била искористена од надворешните држави, кои умешно поткупувале одредени претставници во Сејмот со намера да ја блокираат неговата работа и да ја парализираат полско-литванската унија. Оваа состојба довела до вековна политичка парализа и анархија, а сите обиди за политичко реформирање на унијата пропаднале. Моќните империи ги искористиле внатрешните слабости и го распарчиле Полско-литванскиот Комонвелт, кој исчезнал од политичката мапа на Европа.
Токму ваква може да биде судбината на Европската Унија доколку не го реформира својот политички систем, особено политичкиот дефект познат како вето. Во изминатите децении, македонските граѓани беа сведоци дека одредени членки го злоупотребија ветото со намера да остварат одредени националистички и шовинистички цели, кои се во контрадикторност со начелата на самата Европска Унија. Доколку со ветото се блокира интеграцијата на една држава бидејќи во неа владее корупцијата, тогаш ветото е оправдано. Но доколку една членка на Европската Унија го користи ветото со намера да го видоизмени националниот карактер на државата кандидат, тогаш станува збор за апсурдна ситуација.
Брисел во интерес на европското квазизаедништво може повторно да ја жртвува Македонија, како што беше промената на нашето уставно име, но внатрешната состојба на Европската Унија нема да се промени. Еден ден, некои од големите играчи на светската политичка сцена би можеле да го искористат ветото за да го парализираат функционирањето на Брисел, поради што Европската Унија ќе исчезне.
Доколку го земеме предвид искажаното, треба да се запрашаме дали нашето место е во Унијата, која идентитетски нѐ осакати и продолжува да нѐ сакати. Не смееме да ги заборавиме ниту внатрешните противречности, кои велат дека Европската Унија е проект осуден на пропаст.