Деца, дар божји, најголемо чудо на сите можни вселени и светови. Во првите 24 часа од зачнувањето се создава сè што е генетски материјал за нив, идните човечиња. Сите нивни идни особини: од боја на очи, преку боја на глас, до температурата на душата. Деца, чудо божјо, Свет Дух на дело во тело. Јас имам 6 (и со бројки: шест) такви чуда божји.
По 55 години неуспешна борба да заживеам во нормална држава, како спица во мозок ми е зариена луцидната мисла на мојот колега по перо Евгениј Водолзакин (од романот „Авијатичар“), која кажува една вечна вистина. Имено, дека во секој миг „постојат доволен број луѓе да ја претворат државата во пекол“ (правејќи за себе рај). И затоа, еве, се прашувам: зошто ги раѓавме нашите деца?
– За да им паѓаат од раце, повредувајќи се без да знаеме, на слабо платени, мрзоволни медицински сестри во акушерските одделенија, па ти потоа прашувај се зошто доцнат со моторички и психички развој; за да добиваат, уште во породилиштето, смртоносни вируси, затоа што некој таму не мие раце.
– За да можат либералкапиталистите од индустријата за пиење крв на мали деца да ни продаваат „преслатки“ чевлиња и „облечиња“ за нив, по цена од најскап светски бренд за разгалени холивудски ѕвезди, зашто за еден чифт детски чевлиња се купуваат два чифта за возрасен (каква корпоративна љубов кон децата, да не ни останат боси по лицето на најубавиот од сите можни најубави светови!).
– За да добиваат сомнителни вакцини, за кои светски експерти тврдат дека се наменети за биолошки експеримент, со кој некој нов Бил Гејтс има намера да провери дали е можна масовна епидемија на аутизам, за ослободување од вишокот работна сила, која здодевно бара од своите влади само работа и леб, како да е тоа најважното нешто на светот! Ова се прогласува за обична теорија на заговор, за која и славни светски личности, чии деца останаа аутистични по примањето на вакцината, сметаат дека е реалистична колку и теоријата на реализмот на еден Ѓерѓ Лукач.
– За во детските градинки злорадосни негувателки да ги држат нашите деца со полни пелени, зашто имаат по 40 деца за чување; или, да ги држат намерно на провев, за да се смали бројот на децата, а со тоа и пелените што како на индустриска лента треба да ги заменат две раце, за 300 евра плата; како последица на сето тоа, на секои 5 дена поминати во градинка детето да помине 15 дома, со вирусна или бактериска пневмонија.
– За разни белосветски и глобални шарлатани, „иноватори“ и „специјалисти“ за детска психологија, како оние од Мојтесори, Твојтесори и не знам уште кој и чиј „сори програма“, да отвораат футуристички хит-градинки и да печалат пари „развивајќи“ им ја имагинацијата на дечињата со тоа што градинката нема да нуди играчки, па детето само ќе си ги смисли! А тоа не е ништо ново: мојата генерација играше „челик“ замислувајќи дека игра тенис, и со фантазија ги претвораше стаповите во пушки, а напуштените куќи – во замоци полни златници и лоши духови.
– За потоа да влезат во школски систем во кој доминираат специфичен вид просветни кенгури, наречени „професори-торбари“: направи си наставнику, прво список на занимања на родителите на учениците, па наполни ја торбата како селски даскал со тоа што имаат да ти дадат родителите! А ти, дете мое, ако татко ти, кој е плочкар или градежник, му реновира веце на професорот дома, имаш петка за упис во средно и на факултет, зашто без петка нема место, макар што и со петка ќе треба „да се подмачка“ образовната иднина.
– За да им купиме таблет наместо да ги водиме на планинарење на Водно, зашто сабота и недела се денови за поспивање, евентуално за љубовница.
– За потоа да ги препуштиме на западниот образовен соцреализам наречен Болоњски систем, во кој сите носат исти униформи, зашто сите се – најдобри, систем во кој студентите наместо знаење собираат „кредити“! И кога ќе ми дојде студент со реченицата „Професоре, ми недостигаат 3 кредити, може ли да земам предмет кај вас?“, јас му велам дека со задоволство ќе му ги отстапам моите три неисплатени кредити од Стопанска и од Комерцијална. Систем во кој ГИ ЛАЖЕМЕ дека стекнуваат знаење, а всушност им даваме однапред платени дипломи, што ги добиваат со заокружување одговори на тестови, составени подебилно дури и од оние за стекнување возачка дозвола.
– За потоа, кога ќе дипломираат, да ги пуштиме експресно да магистрираат и да докторираат, да не се седи попусто додека се најде работа, а да се најде работа значи да се отиде во еден од двата завода за вработување – левата или десната партија, кои, пак, работат според принципот „пар/непар“ – во парни години владее едниот, во непарни – другиот завод.
– За таму, потпијанети силници да ги штипкаат девојчињата по задниците, сега за партиски „кредити“, за подобро место, за посветла иднина, за еден футуризам за кој фашизмот на Томазо Маринети е само калфа во развивање на неговата опијатна, илузионистичка, глобализациска идеологија.
– За потоа, за да го избегнат она идеолошко-еротско штипкање по органот за седење (за кој, дури и да е машки, евроатлантската идеологија, по легализацијата на истополовите бракови е многу заинтересирана), да платат мито за да добијат работно место, и тоа на некој брзозачевлен директор, кој опинците наместо на нозе, ги закачил, смалени како сувенир, на ретровизорот на својот џип.
– За да живеат меѓу закоравени и прости националисти што цврсто се држат до полскиот нужник на предците како до Светиот грал, и по медиуми ги трујат младите луѓе од студентските руинирани домови, со чир на улкус дуоденум, дрогирајќи ги со митолошко минато што не постоело никогаш, освен како идеолошка дрога за простодушните патриоти, по чие консумирање се добиваат партиските избори, и се извикува во марш: „Десна, десна, десна!“
– За да живеат, еднакво, и меѓу плева евроатлантски шарлатани, фаст-фуд интелектуалци, наводно свртени кон иднината, интелектуални згрешени лебови, биолошки докази дека не секогаш најдобриот сперматозоид ја оплодува јајце-клетката, викајќи заедно со нив: „Лева, лева, лева!“ (Нека ми прости Мајаковски, кој беше левичар, ама беше и Моцарт за овие гуслари).
– За потоа, откако ќе сфатат дека се преквалификувани за овде, и дека секој овде мора, за да преживее, да работи нешто друго од она за што учел, да им купиме евтини куфери и да им налепиме налепница со бланко-адреса од белиот свет, за со сите спакувани дипломи („за секој случај“), да си го побараат ни левиот, ни десниот, туку ПРАВИОТ леб како келнерки, чистачи на јавни тоалети, разнесувачи на пица, возачи на камиони, или, ако се специјалисти- интернисти – како менувачи на пелени по геријатриски ЕУ-домови.
– За потоа да се гледаме на Скајп и да се слушаме на Вибер, а тие да нè лажат дека им е одлично таму, во светлата Европа и земјата на американскиот сон, само за да не нè растажат, оти нема пострашно од тоа кога родител се растажува поради гладно и несреќно дете.
– За НИКОГАШ да не ни кажат: зошто нè раѓавте кога не можете да нè изведете на пат, кога македонската политичка граматика имала, има и ќе има само минато и идно време („ќе биде“ и „било“), но не и презент („е“), и затоа, си одиме, оти ова што ни го правите ни џелат на своја жртва не го прави, камоли родител на дете!
– За да им оставиме еден исцицан свет без идеи, гола материја, политички електрони што кружат како полтрони, еден целосно од капитализмот преименуван свет во кој секое нешто е означено со погрешен збор (па така и тоталитаризам со „демократија“), како на онаа тараба онде, на која пишува ПИЧКА, па сепак не е тоа, туку – само тараба, иако има и дупка на неа. Толку.