Во минатото жителите на Македонија освен со името Македонци во изворите често се означуваат и со името Бугари; прашање што ја збунува јавноста, та дури и историчарите, но не и политичарите. Имено, ним им е јасно сѐ, та не се воздржуваат од изјави во јавноста за да ни ја објаснат етничката припадност на македонските дејци од минатото. На сезнајните политичари неодамна им се приклучи дури и претседателот на државата, веројатно за да им помогне на неуките македонски историчари, како што ги нарекоа нивните бугарски колеги. Последен пример е случајот со потеклото на македонскиот револуционер Гоце Делчев што го отвори заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовани прашања, формирана во согласност со договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Имено, бугарските политичари, за жал, и голем број историчари, се повикуваат на фактот дека во некои извори Гоце Делчев се пишал Бугарин, без да ги разгледаат и објаснат политичкиот контекст и времето кога се создадени овие извори.
За да се разјасни оваа нејаснотија треба да се почне од почеток. Имено, со потпаѓањето, во првата половина на 9 век, на поголемиот дел на Македонија под бугарска власт, византиските и поствизантиските автори сите жители на бугарската држава ги означувале со името Бугари, без оглед на нивната етничка припадност. Во времето, пак, на царот Самуил во балканската империја што ја создал по паѓањето од власт на бугарскиот цар Борис Втори, чија титула ја узурпирал за да ѝ даде легитимитет на својата власт, и во која, по победата кај Сердика (Софија) во 986 г. ги приклучил и областите од Балкан пл. до Дунав на север, освен Македонците влегувале Грците – Ромејци, Србите, и др. Значи, терминот Бугари освен етничкото значење имал и државноправно, за означување на припадноста на државата. Дека тоа е така многу убаво се гледа од примерот на архиепископот на Охридската архиепископија, Теофилакт (живеел во 11 и почетокот на 12 в.), кој во опширното житие на св. Климент самиот себе, иако е Грк по потекло, од островот Евија, се вбројува во Бугарите, се разбира како припадник на бугарската држава: „И просто да се каже Климент, нам на Бугарите ни даде сѐ што се однесува на црквата и со кое се величат спомените на Бога и на светците, а душите се трогнуваат…“ (Москополски зборник, превод и коментар Х. Меловски). Ова самовбројување на Теофилакт меѓу Бугарите е дотолку позначајно што од 1018 г. Македонија не била под бугарска, туку под византиска власт. Но во византиските и поствизантиските извори по инерција и понатаму се употребувал терминот Бугари, иако не соодветствува на етничката припадност.
Ова не е единствен пример во историјата за користење на државноправната ознака како етничка. Практиката на користење „народносно“ име направено од името на државата е честа во средниот век, зашто нациите сѐ уште не биле оформени, а државите биле мултиетнички. Пример на двојно именување има и кај другите народи. Така, сѐ до најново време народите на јужниот Балкан се нарекуваа Ромеи, Ромји, име произлезено од името на т.н. Ромејско Царство (Источното Римско Царство, од историчарите именувано како Византиско, 395-1453 г.) ознака преземена и од Османлиите, кои овој дел на нивната империја го нарекувале Румелија. Така, модерните Грци, освен Елини, до вчера сами себеси се нарекуваа Ромји, име што произлегува од една претходна и многу постара држава! Доказ за тоа се нивните народни песни при што најчесто се пее за Ромји. Слични примери има и денес. Во Европа тоа се денешните Швајцарци. Иако нема посебен швајцарски народ, народите што живеат во Швајцарија се нарекуваат Швајцарци. А бугарските историчари треба да се потсетат и на ознаката Југословен/Југословени користена, не само како државно правна, туку и како етничка од сите народи во федеративната Југославија.
Втората работа што е разјаснета, но, за жал, премолчувана и недоволно разгласена, е повеќезначноста на ознаката – именувањето – Бугари. Имено, сѐ до создавањето на современата бугарска држава оваа ознака имала повеќе значења, затоа што националното будење на балканските народи почнува со борбата за ослободување од османлиска власт. Имено, во османлиската држава не се признавале народи, туку вероисповед, та така ознаките Грци-Ромеи, Бугари, Срби, немале етничко, туку верско и социјално значење. Во 15 век Османлиите признавале три вери (народи): ерменско-грегоријански, еврејски и рум милет во кој влегувале сите православни христијани на Балканот, за кои била одговорна Цариградската патријаршија, та така со терминот Грк / Елин првенствено се означувал секој православен христијанин, а потоа трговец. Со Бугарин се означувал словенски селанец, земјоделец, градинар, а поради презирот на Грците кон Бугарите, православните Бугари во градовите сами себеси се нарекувале Елини за што имаат пишувано многу странски, дури и бугарските учени (А. Балан, М. Младенов). Освен овие причини, за наметнување на името Бугари за Македонците, голема улога одиграла и бугарската пропаганда, која била поддржувана од страна на Отоманската Империја. Така, во 1870 г. Бугарија добила право да има своја црква – Егзархија, која во Македонија отворала цркви и училишта на бугарски јазик со намера побугарување на Македонците. Целта на Османлиите била со давањето право за отворање училишта и цркви во рамките на империјата да ги раздели христијанските народи (Грци, Бугари, Срби, Романци) за поуспешно да владее со нив. Името Бугари било раширено и прифатено од Македонците, како поради блискоста на јазикот така и поради тоа што Македонците и Бугарите до средината на 19 век заедно ја воделе борбата за преродба. Но од втората половина на 19 век започнува разделување, првенствено на јазичен план, со што се засилува македонската национална свест.
Најдобар пример за тоа е делото на К. П. Мисирков, „За македонските работи“, родум од селото Постол (денес Агии Апостоли во Грција).
Со делењето на Македонија во 1913 г. државите што добиле дел од Македонија се обидувале да ја оправдаат својата власт негирајќи ја самобитноста на македонскиот народ и нарекувајќи го со разноразни имиња. Така, Македонците во Србија беа именувани како јужни Срби, во Бугарија како македонски Бугари, а во Грција славомакедонци, Грци славофони – кои божем го заборавиле грчкиот јазик и го прифатиле јазикот на Словените итн.
Дека ознаката Бугари за Македонците нема етничко значење доказ се ознаките Булгарини и Бугарејци / Бугарјани (Н. Проева, Триптих за македонскиот идентитет). Имено во житието на св. Наум Охридски (9-10 век) во Москполскиот зборник – напоредно со ознаката Бугари се користи името Бугарејци, Бугарци, Бугарјани. Во делото „Летпис“ на попот Дукљанин (втора половина на 12 век) се среќаваат два термина: Булгари и Булгарини, при што ознаката „Булгарини“ е употребена за жителите на Самуиловата држава наспроти терминот Булгари што се користел за означување на етничките Бугари. Исто така, попот Дукљанин, името Булгарини секогаш го пишува пред владетелската титула на Самуил и на неговите наследници, од што јасно се гледа припадноста на Самуил.
Повикувањето на различните имиња користени за означување на еден народ во минатото е обид за мистификација, а наметнувањето имиња дадени од оние што сакале да го присвојат и обезличат македонскиот народ значи оспорување на неговото право да се нарекува така како што се чувствува и како што мисли дека треба да се нарекува.