Минатите денови ручав со пријатели, во две различни друштва и различни поводи. Во едното сум ретко, со другото сме често. Иако просекот е околу или нешто над 70 години, се водеа пријатни разговори. Не беа тема болести, терапии и апчиња, иако размената на мислења за коронавирусот и заштитата од него е неизбежна. И што е најважно, и покрај тоа што имаше обиди за вовлекување прашања и почнување дискусија за политика и за политичари поименично, тие не наидоа на добар прием. Невнесувањето на таков оган на масата секако придонесе да нема расправии, дијалози (тријалози) во ветар, меѓусебни навреди и ирационални кавги, како што често бидува при проширени седенки.
Според филозофите, дружењето и пријателството имаат три мотиви, главни двигатели, односно него го држат три потпори: пријатноста, доброто и корисното. Затоа има три вида пријателства: од дружељубивост, од доброљубивост и од користољубивост. Многумина знаат дека луѓето ги врзуваат интересите, но каде што има интереси, ретко има искрени пријателства. Пријателството постои само меѓу чесни луѓе, така говореле филозофите, кои и ден-денес се цитирани во многу книги.
Кога седам на вакви групни ручеци со пријатели се сеќавам дека негде сум прочитал што рекол за седенките некој старогрчки филозоф. Имено, тој на луѓето им говорел дека пред да се мисли што ќе се јаде и ќе се пие на некоја гозба, треба да се размисли со кого ќе се седне на маса за да се јаде и да се пие. Одел дотаму што тврдел дека ако некој јаде месо без присуство на пријател, тогаш тој човек живее како лав или како волк, дека тој е самјак и нема пријатели. Секој сточар знае колку има кози и овци, но човекот никогаш не може да знае колку има пријатели или непријатели.
Низ вековите многу поети пееле за пријателството кревајќи го на височина рамна со страсната љубов, голем број учени луѓе пишувале книги за да ја откријат тајната за зближување меѓу луѓето. И покрај многу потрошено мастило, вистински одговор никој не нашол. Никој не го дефинирал само во една или две реченици, иако уште Цицерон напишал дека пријателството е хармонија на човечкото и божественото. Но колку што е третирано пријателството, не помалку место зазема прашањето за непријателството, за непријателите.
Од филозофите, Питагора е првиот што за пријателството оформил една филозофска и морална теорија. Тој прв рекол дека нашиот пријател е нашето второ јас и дека пријателството ги зближува не само луѓето туку и општеството, државата, чиновништвото, војската, сите раси и народи. Дека е неправедно луѓето да се делат на слободни и на робови. Питагора бил првиот што рекол дека повеќе вреди еден добар странец отколку лош Грк, макар тој странец бил и Варварин. Сепак, самиот филозоф, и покрај неговата слава како основач на теоријата за пријателство, на крајот од животот умрел во сиромаштија, гладен, осамен и заборавен од пријателите.
Античките грчки и латински филозофи и поети го третирале прашањето на пријателството и непријателството. Нашиот непријател не е наш најопасен противник – тврделе тие во своите учења. Вистински непријатели често се оние што ни се преправаат дека ни се верни пријатели. Лажниот пријател е најлошиот и најопасен човек во нашата околина. Тој е поподол и поопасен бидејќи ги знае и полесно ни ги наоѓа слабите точки и се служи со нашите слабости, а не со неговата сила.
Од непријателот понекогаш можеш да направиш добар другар, но од лажниот пријател е неможно да се направи искрен пријател. Во конкретниот момент не му е нему само да го заземе вашето место (функција), туку истовремено да ве извалка и уништи. Не му е да седне на вашето столче, туку, ако може, да ве види под гробна плоча.
Аристотел и самиот развил теорија за пријателството и за тоа дека човекот е општествено животно што не може да живее без дружење со други луѓе. Сепак, запаметена е една негова реченица со која почнувал многу говори. Таа гласи: „Драги мои пријатели, знајте дека не постои пријател на светот“.
Во таа смисла ги наведувам примерите од македонската најславна династија со која односите на Аристотел биле многу блиски. Како што е познато, кралот Филип Трети бил убиен од неговите телохранители по наредба на жена му Олимпијада, која сакала да му се одмазди, наводно поради пијанствата и примитивната грубост. Александар Македонски, опијанет од црно вино, налутен што бил отворено критикуван пред другите соборци, со фрлено копје го убил Клит, својот најдобар другар од детството. А Клит бил тој што му го спасил животот во битката кај Граник. Сѐ уште живеат шпекулациите дека, всушност, учителот Аристотел и Антипатар, прославениот генерал на фалангата, заеднички се договориле да биде отруен Александар.
Како што може да се заклучи од споменатите историски случувања, таквите (зло)дела ги извршиле пријателите, односно блиски луѓе на жртвите. Личностите се менуваат, историјата не се менува. И денес се случува истото тоа – нож во грбот да ти удрат оние од кои најмалку очекуваш.
Сенека, политичкиот советник на лудиот цар Нерон, сметал дека пријателствата се неопходни во животот, но вистинските пријателства се ретки. Анализирајќи ја самотијата, дошол до заклучок дека таа сама по себе го расипува човекот. „Кога си самиот со себе, тогаш си најблиску до лошиот човек“, велел тој. Некој друг филозоф од тоа време пресметал дека на светот има толку добри луѓе и пријатели колку да се наполни само еден брод. Не повеќе.
Римските хроничари уште своевремено оцениле дека на колку поголеми функции се наоѓаат луѓето толку поголеми се нивните непријателства и дека политичарите доаѓајќи на власт прво ги изневеруваат луѓето што дотогаш им биле блиски пријатели. Еве го примерот со Данте Алигиери, најголемиот италијански поет на средниот век и творецот на епохалното дело „Божествена комедија“, во која, меѓу другото, го слави идеалното пријателство меѓу луѓето. Во младоста најблизок пријател му бил друг поет по име Гвидо Кавалканти. Подоцна тие застанале на две различни политички страни што се бореле за власт во Фиренца. Како член на владата на победничката страна, Данте го потпишал решението за прогонство на својот најдобар другар, а подоцна потпишал акт Кавалканти да не биде помилуван и да не може да се врати во Фиренца.
Но дека судбината понекогаш знае да биде немилосрдно одмаздувачка покажува пресвртот што се случил по некоја година. Имено, кога се сменила власта, истото тоа му се случило и на Данте. И тој бил прогонет од еден свој близок соработник во службата и никогаш, до крајот на животот, не му било дозволено да се врати во својот град.
Уште една славна личност била разочарана од блиското пријателство. Жената на големиот драмски писател Вилијам Шекспир го изневерила со неговиот најдобар пријател. Аналитичарите на Шекспировите капитални драми дошле до заклучок дека токму тој факт влијаел врз неговото пишување и дека тој мотив на неверство се провлекува низ многу негови страници. Интересно е што Шекспир му го простил тој чин на својот пријател, со кого и по тоа останал во добри односи.
Славниот Скипион, уште пред Христа, објаснувајќи го пријателството говорел дека тоа тешко трае до крајот на животот. За раскинување на блиските односи или за разидување меѓу двајца пријатели тој наведува неколку причини, меѓу кои и поделбата во разни политички кланови и партии, на различна поддршка на водачи, односно на кавги кој е подобар а кој полош, кој е во право а кој во криво. Но, сепак, како најголема опасност по пријателството тој ги наведува парите и славата. Човек може да се лути, може и да се одлути, пријателот некогаш простува, ама кога се во прашање парата и славата прошка нема.