Денес е полесно читањето весници – не мора да одиш да ги купиш. Со еден клик читаш „Вашингтон пост“, „Дер шпигел“ (огледало) или „Катимерини“, (секојдневие) „Нова Македонија“, само треба да знаеш да го читаш, и тоа што го читаш да го „прочиташ“. Поимот Македонија денес е на голема територија, во неколку држави и со голем број недоразбирања. Оваа РМ е свежа творба од 1991 г. и на неа треба да се внимава како на свежа боја. А свежи бои деновиве насекаде. Во еден бугарски електронски медиум заглавието е „Бунт во Македонија“ и продолжува: Ѓорге Иванов ги спаси од судски истраги сите осомничени за корупција и подвлекува „за кокошка нема прошка, за милиони -нема закони“. Сите по список помилувани од него, се почувствуваа навредено и неговата хумана постапка ја почувствуваа како навреда за чесноста и угледот и во хор одбиваат да бидат помилувани. Длабоко се надевам дека нема да му треснат обратно тужба за душевна болка. Досега дававме сериозни пари да излеземе во странски медиуми. Сега тоа ни се случува и бесплатно. Ако не цел свет, барем цела Европа и Балканот пишуваат за нас, бесплатно.
Ете причина да читате и „Вашингтон пост“ и „Катимерини“ и „Нова Македонија“ во ист ден за иста тема – Р Македонија. Ете ја „добрата страна“ на новите случувања. Но сите медиуми се занемарливи во споредба со Си-ен-ен. Ако тој дојде во Македонија и почне бесплатно да известува во „Брејкинг њуз“, тоа ќе биде ексклузивна најава и реализација на „последното југословенско домино“ РМ. Чинам дека тоа ќе биде редефинирање на состојбите со редефинирање на територијата и, „природно“, со тоа доаѓа редефинирање на името. Воопшто нема да има потреба од референдум потоа. Српски медиум пишува: „Во Македонија е можна Украина, а не е исклучено да се случи и Сирија“. Се смета дека Украина е бебешка кашлица наспроти војната во Сирија. Војната во Украина траеше две години, војната во Сирија трае повеќе од осум. А каква пневмонија може да биде РМ, се обидувам да не замислувам, особено ако стане заразна и за околните. Пневмонија најчесто се добива од провев, а тука дуваат ветришта од сите страни, а и политичката клима воопшто не е здрава. А Македонците запнале да настинат до смрт. Било патриотски да си болен. Почнаа да употребуваат сила наместо памет. Во Украина војуваа домашните. Се поделија на лев и десен сектор. Се разбира, секторите беа поттикнати од надвор, од Запад со сендвичи, со хуманитарна и воена помош од Исток. Во земјата чиј премиер беше Јулија Тимошенко, која имала заштедено пари во 88 банки низ светот.
Без помалку пари не остана ниту Лукашенко и отпатува за Русија со можеби сериозна заштеда скриена во некои островски земји, офшор-зони. Офшор-зоните се под контрола на високоразвиени држави како САД, во почетокот имаат во државата Далавер (нема врска со зборот далавера), потоа во Англија, во Британските Девствени Острови (ама девствено име за пештерата на Алибаба), Канарските Острови и Гибралтар, британска колонија во Шпанија. Гибралтар е единственото место во Европа во кое живеат дивите мајмуни маготи. Жителите на Гибралтар тврдат дека колонијата ќе биде слободна кога ќе го снема последниот мајмун. Не случајно и Кипар беше британска колонија, во кој сѐ уште се вози од левата страна. Скриени банкарски „џебови“ има и во Холандија, Швајцарија, Австрија, Лихтенштајн и Хонгконг. Но опасната споредба со Сирија и нејзината „демократизација“, активно воено учество на триесетина земји и се дестабилизира целиот регион со околните земји, вклучувајќи го и бегалското цунами кон Европа, кое тече и низ Р Македонија. Низ двете Македонии, поточно. Токму затоа имам чувство дека состојбите и почвите во сите држави наоколу се изгладнија и навлажнија до степен на жива кал. Штом стана неподносливо влажно и во Париз, и „жолтите елеци“ бараат спас од владејачките структури, значи не е до нашите, глобално е. Замислете „жолтите“ протестираат за бескрајното ропство кон државата и бескрајните даноци што таа држава им ги наметнува, а во исто време првата дама можела да потроши 50.000 евра за една вечера.
Е, некој треба да го плати тоа, за тоа постојат тие жолти протестанти, да си купат гориво и со акцизите некој да оди да вечера. Современиот вид економско и политичко робовладетелство е во подем и за тоа се потребни сѐ посилни политички „елити“ и сѐ позависни и победни народи и држави, кои во големи бранови ќе испорачуваат гладни и бедни робови. Заврши романтичниот период на капитализам и работничко општество. Денес современиот свет забрзано се развива во проверениот и поевтин систем на робовладетелство и робови. Во секоја држава големите државници имаат свои избрани политички подизведувачи, а овие имаат свои политички и поддржувачи наречени политички партии. Нема повеќе потреба од средновековни едреници и параходи, преполни со робови во пранги, надзорници и камшици, кои насила ги водат во новиот „праведен свет“ гладните и поробените. Сега ропството е доброволна, а не насилна категорија. Робовите сега сами доброволно си изнајмуваат гумени бродови со капацитет од 30-40 патници, на кои патуваат 130-140 гладни, со што се компензира разликата во килограмите и носивоста на гумената Ноева арка. Овој пат робовладетелите еволуираат во добротвори што даваат закрила и хуманитарна помош, се разбира по процената за употребливоста на самопонудениот роб.
Ропството некогаш било социјално-економски или правен систем за луѓе што се наречени робови. Постои од древноста, а успешно е развиено во развиените држави. Културниот процвет на древната Атина и древниот Рим е базиран исклучиво на економијата, која е базирана на ропскиот труд. Аристотел сметал дека ропството е природен феномен. Во средновековието и модерната епоха, времето на колонизацијата на Америка, трансатлантската трговија со робови е најилустративниот пример на ропство, кога се трошеле десетици милиони долари за транспорт за да се донесат десетици милиони робови. Сега робовите сами доаѓаат, во милиони и, згора на тоа, молат да бидат примени – за робови, се разбира во „демократски“ околности, без синџири, туку со кредити. Бранот за бесплатна и гладна милионска работна сила, од исцрпената Јужна Америка, сега очајно бара економско ропство од економските фараони на границата на Мексико со САД, која ја чуваат две АРМ-армии, или 17.000 војници. Современото ропство, пред сѐ, во практиката е сврзано со заробување должници, нови форми на крепосното право, кога некој не може да си го плати долгот, тој оди во ропство или тој и неговиот имот или фирма.
Тоа, во име на заемодавецот го прават извршители. Во попримитивни средини се извршува и со присилни бракови, присилна работа, трговија со луѓе, бели робинки, за проституција, продажба на органи и др. Меѓународниот ден за спомен на трговијата со робови и нејзино надминување е 23 август, а Меѓународниот ден за надминување на ропството е 2 декември. Мноштво меѓународни договори, вклучувајќи ја и Конвенцијата за ропството од 1926 година, забрануваат ропство и се сметаат за престап врз човештвото. Ама кој да му го објасни на гладниот и бедниот тоа, едноставно тој само сака да преживее. А тоа го прави должен пред тие што можат да му дадат шанса да биде должен. Воопшто не им пречи и илјадници банки што служат за спасувачи за заштита на долгот, некој должник да го стават во категоријата роб, чиј имот или дел од имотот нема да биде одземен „законски“ според правото за наплата на долгот со задолжителните наплатувачи, наречени „извршители“, со додавање на трошоците на нивниот беспоштеден труд. Затоа, бидете спокојни, ако некогаш исчезнале вашите заштеди и имоти, тие се на сигурно, на некои топли и далечни острови. И не се во туѓи, туку во „наши“ раце. Е, за таа болка, не постојат извршители…