Клучните поенти од колумната на претседателот на Русија, Владимир Путин, ги добивме од Амбасадата на Руската Федерација во Македонија
Неодамна, одговарајќи на прашање за руско-украинските односи за време на „Директна линија“, реков дека Русите и Украинците се еден народ, една целина.
Веднаш да нагласам дека ѕидот што се појави во последниве години меѓу Русија и Украина, меѓу деловите на всушност еден историски и духовен простор, го гледам како голема заедничка беда, како трагедија. Пред сè, ова се последиците од нашите сопствени грешки направени во различни периоди. Но, исто така, ова е резултат на специјална работа на оние сили што секогаш се обидувале да го нарушат нашето единство.
За подобро да ја разбереме сегашноста и да погледнеме во иднината, мора да се свртиме кон историјата.
И Русите и Украинците и Белорусите се наследници на Древна Русија, која беше најголема држава во Европа. Словенските и другите племиња на огромна област – од Ладога, Новгород, Псков до Киев и Чернигов – биле обединети со еден јазик (сега го нарекуваме староруски), економските врски, владеењето на кнезовите од династијата на Рурик. А по крштевањето на Русија – и со една православна вера. Духовниот избор на Свети Владимир, кој бил и кнез на Новгород и големиот киевски кнез, и денес во голема мера го одредува нашето родство.
Историјата одреди дека Москва станала центар на обединување, којшто ја продолжил традицијата на староруска државност. Московските кнезови – потомци на кнезот Александар Невски – се ослободиле од надворешниот јарем, започнале да собираат историски руски земји.
Името „Украина“ тогаш почесто се користело во таа смисла, во која се спомнува стариот руски збор „краина“ во пишаните историски извори уште од 12 век, имено кога станува збор за разни погранични територии. И зборот „украинец“, според архивските документи, значел лица што вршат гранична служба и обезбедуваат заштита на надворешните граници.
Во втората половина на 18 век, по војните со Османлиското Царство, Крим станал дел од Русија, како и земјите од регионот на Црно Море, кои го добиле името Новорусија. Тие биле населени од луѓе од сите руски губернии.
Интеграцијата на западните руски земји во заеднички државен простор не беше резултат само на политички и дипломатски одлуки. Туку се реализира врз основа на заедничката вера и културните традиции. И уште еднаш да потенцирам – врз јазичниот афинитет.
Во 1939 година, земјите што претходно ги зазела Полска биле вратени на СССР. Значителен дел од нив бил припоен кон Советска Украина.
Така, модерна Украина е целосно дете на советскиот период. Знаеме и се сеќаваме дека во голема мера е создадена на сметка на историската Русија. Доволно е да се спореди кои земји беа обединети со руската држава во 17 век и со кои територии украинската ССР го напушти Советскиот Сојуз.
Но во 1991 година, сите овие територии и, што е најважно, луѓето што живееја таму, одеднаш се најдоа надвор од границата. И веќе беа навистина одвоени од нивната историска татковина.
Руската Федерација ги призна новите геополитички реалности. И таа не само што ги призна туку направи многу Украина да стане независна земја. Во тешките 90-ти и во новиот милениум ѝ обезбедивме значителна поддршка на Украина. Киев користи своја сопствена „политичка аритметика“, но во 1991 – 2013 година, само поради ниските цени на гасот, Украина заштеди над 82 милијарди долари за својот буџет, а денес буквално „се фаќа“ за 1,5 милијарда долари руски плаќања за транзитот на нашиот гас кон Европа. Додека доколку економските врски помеѓу нашите земји би се зачувале, позитивниот ефект за Украина би изнесувал десетици милијарди долари.
Украина и Русија се развивале како единствен економски систем со децении, со векови. На длабочината на соработка што ја имавме пред 30 години, денес може да ѝ завидуваат земјите од ЕУ. Ние сме природни, меѓусебно дополнувачки економски партнери. Таквата блиска врска е способна да ги подобри конкурентските предности и да го зголеми потенцијалот на двете земји.
А потенцијалот на Украина беше мошне значаен… Кога го добиле таквото наследство, лидерите на Украина, прогласувајќи ја својата независност, ветиле дека украинската економија ќе стане една од водечките, а животниот стандард на луѓето – еден од највисоките во Европа.
Денес, индустриските високотехнолошки гиганти, со кои некогаш се гордееја Украина и целата земја, не се во употреба… И, конечно, според ММФ, во 2019 година, дури и пред епидемијата на коронавирусот, нивото на БДП по жител во Украина беше помалку од 4 илјади долари. Ова е помалку од Република Албанија, Република Молдавија и непризнаеното Косово. Украина сега е најсиромашна земја во Европа.
Кој е виновен за ова? Дали се жителите на Украина? Секако не. Токму украинските власти ги растурија, ги фрлија „во ветар“ достигнувањата на многу генерации. Знаеме колку се трудољубиви и талентирани луѓето во Украина. Украинскиот народ знае упорно и напорно да постигнува успех, извонредни резултати. И овие квалитети, како и отвореноста, природниот оптимизам, гостопримливоста, не исчезнаа. Остануваат непроменливи и чувствата на милиони луѓе што се однесуваат кон Русија не само добро туку со голема љубов, исто како и ние кон Украина.
Западните автори на проектот „анти-Русија“ го поставија украинскиот политички систем на таков начин што претседателите, замениците, министрите се менуваа, но остануваше непроменлива ориентацијата кон разделување со Русија, кон непријателството со неа.
Нема место за суверена Украина во проектот „анти-Русија“, како и за политичките сили што се обидуваат да ја одбранат нејзината вистинска независност. Оние што зборуваат за помирување во украинското општество, за дијалог, за наоѓање излез од ќор-сокакот, се стигматизираат како „проруски“ агенти.
Русија е отворена за дијалог со Украина и е подготвена да разговара за најтешките прашања. Но за нас е важно да знаеме дека партнерот ги брани своите национални интереси, а не им служи на туѓите, не претставува алатка во нечии раце за да се бори против нас.
Ги почитуваме украинскиот јазик и традиции. Како и желбата на Украинците да ја видат својата држава како слободна, безбедна и просперитетна.
Убеден сум дека вистинскиот суверенитет на Украина е можен токму во партнерството со Русија. Нашите духовни, човечки, цивилизациски врски се формираа со векови, произлегуваат од истите темели, се калеа во заеднички искушенија, достигнувања и победи. Нашето сродство се пренесува од генерација на генерација. Тоа е во срцата, во меморијата на луѓето што живеат во модерна Русија и Украина, во крвните врски што обединуваат милиони наши семејства. Заедно секогаш сме биле и ќе бидеме многу посилни и поуспешни. Бидејќи сме еден народ.