Самоопределувањето на еден народ не може да биде причина за негово исклучување од меѓународните текови и организации и да се заобиколува меѓународното право за нечии геополитички цели. Никој нема право да им определува на народите како да се именуваат себеси и својот јазик, па макар тоа била и толку фалената и самобендисана ЕУ. Токму на ЕУ не ѝ прилега да биде судија за историски разногласности и недоразбирања и да уценува еден мирољубив народ со решавање на билатерални историски прашања. Дотолку повеќе што членките на ЕУ себеси се претставуваат како демократски, отворени, слободоумни и напредни општества
Историјата и археологијата се две дисциплини на историската наука најпогодни за политичка (зло)употреба, односно за постигнување како партиски, така и лични интереси на политичарите коишто со „докази“ од минатото сакаат да ги оправдаат политичките цели и да си ја зачуваат власта. Историската наука насекаде и отсекогаш, од античко па до денешно време, се (зло)употребувала за политички цели, и тоа се правело, а и денес се прави на помалку или повеќе отворен начин, во зависност од политичкиот систем и од (не)укоста на политичарите.
Во процесот на раѓање, градење и зацврстување на нациите биле создавани т.н. национални митови секаде во светот, а се разбираа дека и ние не сме исклучок од тоа. За таа цел биле врбувани интелектуалци, во прв ред историчари, археолози, лингвисти итн., коишто ги одбирале фактите во прилог на градење на нацијата, ги премолчувале „несоодветните“ или, пак, ги прикажувале поедноставено. За таквата „научна“ всушност идеологизирана работа, тие биле богато наградувани, како материјално така и со разни признанија и престижни раководни места во научни установи, од универзитетите до академиите на науки, кои исто така даваат големи материјални погодности, привилегии и моќ.
Дури и денес, по создавањето на нациите, се користат старите национални митови или, пак, се создаваат нови, особено во време кога народот, нацијата, државата се во опасност од физичко истребување (во време на војни), асимилација, а во модерно време и негирање од страна на соседи заинтересирани за зголемување на ресурсите со проширување на државната територија.
Во текот на историјата, македонскиот народ повеќепати живеел во такви околности. По осамостојувањето на Р Македонија, со т.н. антиквизација беше создаван современ македонски мит како условен рефлекс и очекуван одговор на негирањето на универзалното право за самоопределување и себеименување и на страотниот притисок за откажување од името на државата и народот.
На прагот на 21 век, во божем слободниот и демократски свет каде што се воспоставени универзални права за човекот-поединец и за народите, Македонците, за жал, сѐ уште ги доживуваат негирањата и обидите за асимилација не само од соседите туку и од домашните политички елити, чија првенствена цел е личниот, а не националниот интерес. И така, наместо одбрана на националниот интерес, одделни (одбрани?) историчари, кои или не го разбираат процесот на создавање на нација или, пак, се прават дека не го разбираат, погрешно ги прикажуваат достигнувањата на македонската историографија. Имено, т.н. породилни маки и детски болести има во секоја наука, кои со развојот на научната методологија потоа се пребродуваат. Најдобар пример за таквите детски болести е божемното фалсификување на историските документи со ознаките на балканските народи во минатото. Имено, секој методолошки добро поткован историчар (што за голем број македонски историчари, за жал, не може да се каже дека се) знае дека терминологијата во изворите не се совпаѓа со современите политички и национални поими и дека нивното проектирање наназад во минатото е методолошки неоправдано и доведува до погрешни резултати. Меѓу нив, за жал, е и претседателот на македонскиот дел на комисијата за историски прашања, којшто во емисијата „Стадион“ на радио „Канал 77“ изјави дека македонската историографија била во функција на градење на македонската нација. Како доктор на историски науки, би требало да знае дека тоа е така со секоја историографија во времето на раѓањето на нациите. Ако претседателот на комисијата ни каже само еден пример на историографија во светот којашто немала таква задача, тогаш ќе може да го предложиме за Нобелова награда, којашто можеби и ќе ја добие – како што ја „доби“ и неговиот сограѓанин и наш премиер по прифаќањето (иако цело време се колнеше дека такво нешто нема да прифати) на туѓите желби државата да биде преименувана, со очекуваното и неизбежно последователно менување на идентитетот на македонскиот народ. За ваквата изјава на претседателот на комисијата има само две објаснувања: дека станува збор за основно незнаење и неразбирање на процесот на создавање нации, или, пак, дека изјавата е дадена со политичка умисла т.е. дека има друга мисија, како што во емисијата на „Канал 77“ тој им префрла на македонските историчари.
Претседателот на комисијата треба да го потсетиме дека заедно со неколку члена на комисијата го прави истото она што тој им го префрла на македонските историчари – „тие имаат слобода во избирање на документите“. Овде ќе потсетам само на еден пример: член на историската комисија, кој не е стручњак за антика, во јавните медиуми ни објаснуваше дека од учебниците требало да бидат тргнати оригиналните антички извори со „неславни“ податоци за Илирите, зашто тоа било говор на омраза кон Албанците!?! Ако запишаните факти од старогрчкиот историограф Полибиј, којшто го бележел тоа што го гледал, се говор на омраза, тогаш и нашите учебници се полни со омраза, и треба, за да му се угоди некому, да се пишуваат со „селективно избирање на документите“, пристап што на претседателов на комисијата му пречи кога е во прашање минатото на македонскиот народ. Под превезот на добрососедство и со модерната парола против говорот на омраза, всушност, треба да се задоволат туѓите желби, иако тоа е на штета на македонскиот народ. Овој пример, кој е само еден од многуте, покажува дека работата на историската комисија целосно е во функција на политиката и дека изјавите на членовите, особено оваа на претседателов, имаат исклучиво политичка цел. Впрочем, и тивкото или отвореното повлекување на двајцата членови и безразложното отстранување на еден член од комисијата јасно го покажува тоа.
Главното прашање на несогласување меѓу македонските и бугарските историчари е македонскиот идентитет, односно негирањето од страна на бугарските историчари, кои сѐ уште на тоа прашање му приоѓаат методолошки погрешно. Ама тоа не им пречи такво нешто да им префрлаат на македонските колеги, коишто, за волја на вистината, тоа го правеа на почетокот на историските изучувања, а што може да се разбере и оправда ако се имаат предвид неискуството и несоодветната обученост на првите македонски историчари, коишто првпат можеа сами да ја изучуваат и пишуваат својата историја, дотогаш пишувана од туѓинци.
Еден од најочигледните примери за методолошки погрешен пристап се токму идентитетските прашања на балканските народи, односно расчекорот на ознаките за населението (и не само на балканското) во минатото и во сегашноста, нешто што се злоупотребува во многу национални историографии. Најјасен пример за тоа е ознаката Бугари во изворите, зашто во текот на историјата, најмногу од другите балкански ознаки имала различни значења: етничко (од најтесното – првобитното туркменско до најширокото – како општа ознака за словенските племиња), до политичко (државноправно), религиско (припадност на Егзархиската бугарска црква, наспроти Грк христијанин) и социјално (селанец, земјоделец, наспроти Грк трговец). И затоа е неопходно да се води сметка за контекстот, да се објаснат околностите, условите и времето кога е забележена ознаката Бугарин, за да се покаже оправданоста на „заменувањето“ со етничка ознака Македонец.
Наместо тоа, одделни македонски историчари на почетокот на изучувањата на минатото на македонскиот народ едноставно правеа замена на ознаките зашто контекстот беше повеќе од очигледен. Сепак, од научна гледна точка, во такви случаи објаснување е неопходно, а со тоа се избегнуваат обвинувања за пишување фалсификувана историја. Таквото несмасно заменување на ознаката Бугарин со Македонец кога е јасно дека во документот станува збор за Македонци, од бугарските историчари се толкува како фалсификување, поддржано и од претседателот на нашиот дел од комисијата: „Имало правење на фалсификати: наместо Бугарин, некои историчари пишувале Македонец“. Оваа изјава на претседателот на комисијата само ја покажува неговата методолошка неукост или, пак, политичка определба и лојалност – читателите нека проценат сами.
Дури и да има разлики во толкувањата на историските процеси, тоа не смее да влијае на односите меѓу народите, зашто секој народ има право САМ да ја пишува и толкува својата историја. Се разбира дека секое толкување подлежи на критика, НО – со големи букви – критика од научната јавност, а не од политичката! Самоопределувањето на еден народ не може да биде причина за негово исклучување од меѓународните текови и организации и да се заобиколува меѓународното право за нечии геополитички цели. Никој нема право да им определува на народите како да се именуваат себеси и својот јазик, па макар тоа била и толку фалената и самобендисана ЕУ. Токму на ЕУ не ѝ прилега да биде судија за историски разногласности и недоразбирања и да уценува еден мирољубив народ со решавање на билатерални историски прашања. Дотолку повеќе што членките на ЕУ себеси се претставуваат како демократски, отворени, слободоумни и напредни општества. Дали навистина се такви?