Нашата елита како да заборава дека е тука за да му служи на народот односно на граѓаните, бидејќи од нив произлегува суверенитетот на државата. Треба да се има предвид дека како што една индивидуа се искачува во хиерархијата на општеството, се зголемува и нејзината индивидуална одговорност кон општеството и затоа позицијата во хиерархијата не треба да се користи за индивидуална туку за општествена бенефиција. Следствено, државниците во вистинска смисла кога ги носат одлуките секогаш се водат од интересите на граѓаните, односно народот. Како општество не можеме да очекуваме од нашата политичко-општествена елита да се саможртвува како државниците од Стариот Рим, меѓутоа од неа можеме да побараме државничко однесување – поставување на државните над личните и партиските интереси, бидејќи само на таков начин се гради држава во вистинската смисла на зборот
Во 340 година пред нашата ера се посведочени две неверојатни државнички појави што ни разоткриваат зошто Римјаните се вбројуваат меѓу владетелите на светот. Во споменатата година римските конзули Тит Торкват и Публиј Дециј Мус ги одбиле ултимативните барањата на Латините – да учествуваат во изборот на сенаторите и да назначуваат еден од конзулите. Следствено, започнала Втората латинска војна и римската армија предводена од Торкват и Публиј Дециј поставила логор во близината на планината Везув и реката Весерис, каде што требало да се судри со непријателите.
Првата државничка појава се одиграла непосредно пред битката. Конзулите им наредиле на своите војници да не ги напуштаат позициите и да избегнуваат судир со непријателот. Но синот на конзулот Тит Торкват со одреден број римски војници навлегол во непријателската територија, каде што бил предизвикан во дуел со еден од најпознатите латински воини. Конзуловиот син победил во борбата, меѓутоа, по враќањето во римскиот логор, неговиот татко наредил да го погубат поради непочитување на наредбите и нарушување на војничката дисциплина.
Втората државничка појава е посведочена во текот на самата битка. Кога левото крило на римската армија предводено од Публиј Дециј Мус почнало да покажува слабости пред налетот на непријателите и кога станало јасно дека Римјаните може да ја изгубат битката, конзулот Публиј Дециј донел радикална одлука. Облечен во бела тога со пурпурни рабови (toga praetexta), ги повторувал зборовите на главниот свештеник (pontifex maximus), со кои се заколнал пред боговите дека ќе го жртвува сопствениот живот за татковината и римскиот народ.
Набргу потоа Публиј Дециј се качил на коњот и со оружје во рака се втурнал во непријателските редови. Кога римските војници ја виделе пожртвуваноста на својот водач, кој бил убиен од непријателските копја, почнале жестоко и фанатично да се борат, го промениле текот на битката и го победиле непријателот.
Римските војници што ги придружувале конзулот и главниот свештеник биле сведоци на римскиот ритуал познат како devotio – екстремна форма на votum (завет или ветување), кога римскиот генерал се заколнувал дека ќе го жртвува сопствениот живот на подземните богови во замена за воена победа, заклетва што секогаш морала да биде направена по своја слободна волја. Од секој римски генерал се очекувало да стори сѐ што е во негова моќ за да ја обезбеди победата и да ја спаси армијата од пораз, дури и по цена на сопствениот живот. Доколку легиите биле предводени од конзулот – највисокиот претставник на Римската Република, тогаш одговорноста била уште поголема, бидејќи се однесувала на целата држава.
Преку овој ритуал се изразувала херојска етика – подарок на сопствениот живот за интересите на државата (res publica).
Саможртвата на Публиј Дециј Мус е само една од многуте вакви пројави на римското државничко однесување. Според сведоштвата Тит Ливиј и Марко Тулиј Кикерон, синот и внукот на споменатиот конзул Публиј Дециј Мус, го повториле ритуалот и се жртвувале за општо добро (res publica). Првиот во битката кај Сентина, кога го повторил подвигот на својот татко, а вториот во битката кај Аскула, кога ја продолжил фамилијарната традиција. Од денешна перспектива може да ни звучи невообичаено, но тројца членови на една римска фамилија ги жртвувале сопствените животи за интересите на народот и татковината. Не треба да се заборави ниту жртвата на конзулот Тит Торкват, кој го погубил сопствениот син за да ги заштити интересите на Римската Република.
Но македонската елита ја нема духовната, општествена и државничка зрелост на римските лидери и нивната смисла и визија за општото добро (res publica). Затоа сме сведоци на многубројни постапки кога личните и партиските интереси се поставуваат над државните. Дури и поставувањето на кадровските решенија во партиите, па, следствено на тоа, и во институциите на државата да бидат носители на државни функции се прави со т.н. султански методи.
Па, така, од неспособни полтрони, луѓе со особина на умилкување кон партискиот лидер или кон оние што ги смета за авторитети, со поставување бескарактерни личности на клучни државни функции или институции не може да се очекува дека ќе имаат одговорност кон општото добро, кон граѓаните и кон државата. Затоа не може да има ниту општ просперитет, ниту благосостојба. Затоа Македонија се наоѓа во ситуацијата „угоре високо, удолу длабоко!“ Нашата елита како да заборава дека е тука за да му служи на народот, бидејќи од народот произлегува суверенитетот на државата. Треба да се има предвид дека кога една индивидуа се искачува во хиерархијата на општеството, се зголемува и нејзината индивидуална одговорност кон општеството и затоа позицијата во хиерархијата не треба да се користи за индивидуална туку за општествена бенефиција. Следствено, државниците во вистинска смисла кога ги носат одлуките секогаш се водат од интересите на народот.
Како општество не можеме да очекуваме од нашата политичко-општествена елита да се саможртвува како државниците од Стариот Рим, меѓутоа од неа можеме да побараме државничко однесување – поставување на државните над личните и партиските интереси, бидејќи само на таков начин се гради држава во вистинската смисла на зборот. Не случајно англискиот збор devotion (посветеност) потекнува од латинскиот збор devotio и не случајно синоними за devotion се љубов, лојалност, постојаност, восхит, наклонетост, грижа итн. кога се однесуваат за одредена кауза.