Процесот на дигиталната трансформација како никогаш досега го менува начинот на кој живееме и функционираме. Интернетот и современите информациско-комуникациски технологии, заедно со апликациите за вештачка интелигенција и трката по креирање системи на вештачка интелигенција, го движат светот во насока што значително го менува целиот концепт на општествено дејствување, но и на уредување, во смисла на владеење.
Ако почетоците на овој, се чини, неповратен процес (првата декада од појавата на интернетот) беа проследени со силен либерален оптимизам, за речиси неколку декади овој оптимизам се стопи од пресијата на загриженоста од тоа што ќе донесе целиот овој процес. Само за потсетување, оптимизмот најмногу беше промовиран од протагонистите на демократијата.
Иновативноста и децентрализацијата, достапноста до информациите требаше да им пркосат на авторитарните режими и да спречат монопол на оние на кои им е доверена власта од демосот. Големиот брат требаше да биде победен, а поранешниот американски претседател Бил Клинтон наивно веруваше дека Кина ќе се либерализира. Исто така поранешните американски претседатели Буш и Обама, пак, ја промовираа идејата за слободен интернет, кој требаше да им помогне на „угнетените маси“ против режимите во размена на идеи и меѓусебна комуникација, па дури и мобилизација на либералниот свет против тиранијата. Иако и лидерите на Унијата имаа вакви или можеби поизразени ултралиберални очекувања, она што го гледаме денес е нешто во што многумина не можат да поверуваат.
Кина не само што не се либерализира, како што го замислуваа тоа ултралибералите, туку успеа да воспостави целосна контрола на интернетот и на тоа што граѓаните ќе може, а што нема да може да гледаат или прочитаат. Русија, пак, беше обвинета за манипулација токму на овие ветувачки либерални технологии и успеа, според тврдењата на администрацијата на САД, да влијае на претседателските изборни резултати во 2016 година. Набргу тоа што требаше да биде виртуелно перпетуум мобиле на либерализмот се претвори во алатка на автократизмот. Автократските системи не само што можат да ги контролираат информациите, може успешно да превенираат каква било мобилизација на масите и вешто да ги нагласат или манипулираат слабостите и предизвиците со кои се соочуваат какви било сили на отпорот.
На тој начин, социјалните медиуми (либерален адут) станаа најсериозен вектор на закана по стабилноста на демократиите. Уште повеќе, граѓаните сега го носат „големиот брат“ во своите џебови. Државите, но и одделни недржавни актери имаат капацитет не само да ги контролираат граѓаните туку и да влијаат на содржината што тие ќе ја гледаат, да ги разберат навиките, проблемите и преку можноста за машинска мегаобработка на податоци да влијаат на тоа какво мнение одредена група, општина, регион или целата држава може да има по одредено прашање. Со тоа, иако многумина зборуваат за асиметријата и хибридните закани без да ги разберат или барем да ги објаснат, основните вредности на либералната демократија (владеењето на правото, довербата, вистината, транспарентноста и одговорноста) се најранливиот сегмент, кој во исто време либералните демократии треба да го одбранат.
Сепак, се поставува прашањето за тоа зошто или како дигиталната трансформација е сериозен предизвик за либерализмот. Наједноставно да се објасни овој феномен е ако се објасни проблемот со конвергенцијата, кој се случува на два система (концепти) што се поставени на поинаква основа. Физичкиот свет, кој конвергира-се претопува со дигиталниот-виртуелниот свет, е поставен на вертикална основа. Теоријата за општествениот договор наједноставно се објаснува преку желбата на граѓаните – масите да бидат безбедни, поради што им дале дел од слободите на оние што владеат или управуваат. За да го контролираат тоа владеење и да го намалат монополот на моќ, се поставени либерално-демократски ограничувања од народот кон власта. Тоа се прелева преку правото на избор и доверба на мандат (најчесто четири години). Дополнително, воспоставено е раслојување на самата власт и баланс помеѓу оној што носи закони, оној што ги реализира-извршува тие закони и оној што суди (барем би требало да е неутрален арбитер) за тоа како системот-државата ќе функционираат или функционира, но и како поединецот е заштитен од манипулација на власта.
Раслојувањето или лимитирањето на власта и монополот на моќ понатаму е продлабочено со уште еден вертикален баланс помеѓу локалната и централната власт. За разлика од тоа, светот со кој се судира физичкиот свет е поставен на хоризонтална основа. И овде постои тргување со слободите, но не за безбедност, туку за услуги. Овие системи (информациско-комуникациските) не се направени за безбедност или сигурност. Тие се направени да дадат услуга. Оттука, дизајнерите секој безбедносен сегмент го сметаат како оптоварување. Впрочем, правењето на овие системи безбедни се смета како извор на стагнација и регрес, а не прогрес. Односот на нештата во виртуелниот свет зависи од крајните корисници. На тој начин обидот да се применат регулативи, концепти за управување и владеење, па и зачувување на правата и безбедноста на граѓаните што одговараат на вертикално поставен систем со конвергенцијата, треба да се применуваат на систем што е поставен на хоризонтална основа и каде што двигателите на моќ се крајните корисници и секој, а не избрани и регулирани корисници, може да влијае на содржината. Тоа станува уште поопасно кога оние што имаат моќ, а условно во либералниот свет е ограничена преку воспоставените концепти и регулативи за ограничување на власта, се заобиколуваат од оние што треба да бидат контролирани, па тие (моќните) дејствуваат хоризонтално.
Во својот диспозитив, авторитарните системи успешно манипулираат со т.н. инструменти за мека моќ или она што во либералниот свет е познато како „трак ту“ дипломатија (доаѓа од: track two diplomacy, или back channel diplomacy).
Нешто што од страна на либерализмот беше развиено како инструмент во обидот да се универзализираат либералните вредности и да се наметнат како универзални вредности на демократијата. Со други зборови, тоа значи дека за либералите даден систем не е демократија ако слободата не се интерпретира преку либералните вредности. Демократијата е прифатлива само ако има политички плурализам, и пазарен плурализам. Човековите права се права само ако има право на глас. Економските слободи и права се второстепени.
Сето ова во свет што се менува или е во изумирање, а за кој неодамна пишуваше и доцент д-р Иван Иванов (види Хегемонскиот Интерегнум), станува нефункционално или контрапродуктивно по либералната демократија и ја носи до границата на опстанокот. Ова е дотолку побитно што во трката по наоѓање одговор на современите закани сѐ поголем е бројот на либерални демократски системи што заглавија во авторитарни практики, без разлика на тоа колку помалку или поретко ги имитираат автократските системи.
Уште повеќе, недржавните актери од западниот свет често се прокси (свесно или не) на режими и системи што по сите параметри на дејствување, не по тоа дали се блиски или не на одделни западни администрации, се авторитарни. Тргувањето со демократијата за сметка на стабилност е опасен преседан, кој зазема сериозни размери во екот на дигиталната трансформација и на кој заради прагматичност оние што го пропагираат либерализмот, ако сакаат тој да ја преживее оваа трансформација, треба да го избегнуваат.
Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.