„Засега без добар наслов“ е филм на српскиот режисер Срѓан Карановиќ, во кој главниот машки карактер на режисер Србин го игра Македонецот Мето Јовановски, а главната женска улога на актерката Албанка, Словенката Мира Фурлан. Тој филм зборува за забранетата љубов на двајца луѓе на крајот од осумдесеттите години што живеат во Косово, тогашна Југославија, и се борат против распаѓањето на светот што се случува околу нив, а тие не можат да го запрат!
Проклет да сум, (што би кажал Исак во „Големата вода“!) ама знаев дека целава работа оди натаму. Го кажав во колумна пред месец-два, дека ќе се случи „шиптаризација“ на Македонците во Македонија! И, ете го другарот главен албански лидер (очекувам наскоро да му се придружат и преостанатите) веднаш влезе во приказна, која ќе заврши како и секоја друга човечка лакомост, неодмереност и недостојност кон другиот во моментот кога тој – другиот е во криза и лична слабост! И онака, социјалдемократски (така тие поранешни сталинисти ленинисти ја претставуваат својата нова идеолошка мантра) побараа Македонците безусловно да прифатат премиер, чија единствена квалификација ќе биде тоа што е Албанец и секако, ова е уште пострашно – безусловно прифаќање на Преспанскиот и на договорот со Бугарија.
Во спротивно ќе предизвикале политичка криза! И молк! На сите страни, особено од западната страна на светот! Другари бивши сталинисти ленинисти сега социјалдемократи, сето она за што се залагавте толку години, а вклучува огромен корпус на национални права на граѓаните Албанци во Македонија, договорите од Преспа и оној другиот – засега без добар наслов, сето тоа го исклучуваат за Македонците! Она што го баравте вие и го добивте за себе (против што немам ништо), а сакате да го надградите и проширите, сега барате од Македонците самите да го отфрлат, да се откажат и да се самоукинат, а доколку тоа не го сторат им се заканувате со криза, а кризите на Балканот, другарчиња, знаете и самите дека секогаш преминувале во конфликти, а конфликтите во војни! Би било убаво да се каже уште еднаш дека борбата за национални права на една заедница е чин на еманципација само и доколку остварувањето на тие права не ги загрозува правата на другите, што не е случај – во овој случај! Е тоа, другари, веќе не може да се нарече патриотизам туку фашизам, а вие се земате за социјалдемократи!
Договорот од Преспа и оној другиот – засега без добар наслов, го исклучуваат правото на Македонците да се нарекуваат Македонци, да го користат својот јазик во слободниот говор, но и во институциите на државата, да ги остваруваат своите национални, културни и верски права без ограничување насекаде и во секое време, во други држави, па дури и во државата, која сега со големо задоволство и уживање ја нарекувате Северна, што, сосема е јасно, го правите за да го навредувате мнозинството Македонци што тоа не го прифаќаат, исто онака како што некои Македонци и Срби во минатото и сега ги навредува(ле)ат Албанците нарекувајќи ги „Шиптари“ против нивната волја! И ете ја „шиптаризацијата“, драги мои! Таа „шиптаризација“ на Македонците ќе ескалира во општ притисок – сега во државата Северна Македонија со маргинализација, етикетизација, стигматизација и сегрегација, која на почетокот ќе ја прифатат и самите Македонци поради страв од напад, присила и казна! Онака како што го прифаќале тоа Албанците во педесеттите, шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век.
И кога тој притисок, целенасочен од Западна Европа и од Америка бил поттикнат кон ерупција, се случиле големите внатрешни востанија на Албанците во Македонија, Косово и во Србија, кои сѐ уште траат од почетокот на осумдесеттите, па до ден-денешен! Сега е сосема јасно, иако тоа секој пристојно информиран и разумен човек можеше да го знае и очекува уште многу одамна, ултиматумот – Албанец премиер ќе биде првата отстапка кон очекуваното ново ваше барање што ќе се сублимира вака: или вие Македонци прифаќајте сѐ што се бара од вас или ние не можеме повеќе да живееме заедно, затоа што вие одбивајќи го договорот од Преспа и оној другиот – засега без добар наслов, го кочите нашиот пат кон Европа! Па поради тоа ние ќе побараме да се одвоиме од Македонија и ќе ја најдеме својата иднина во „обединета Европа“ заедно со нашите браќа во Албанија и во Косово! И кога оваа есен во Америка ќе започнат најавените последни и одлучувачки преговори помеѓу Косовците и Србите, Македонија ќе биде предмет на поткусурување (уште еднаш!) и бескрупулозна трговија во која независноста на Косово ќе биде купена со наводната отстапката – Албанците да останат во Македонија како федерална држава (тоа ќе биде трговската стока што ќе се понуди на масата во новиот Дејтон) што Албанците ќе го прифатат како компромис, а на Македонците, пак, ќе им биде понудено (како и на сите уплашени народи) повторно мир и по десетти пат преговори за членство во ЕУ!
Ете ја целата приказна! Проста, јасна и предвидлива! Сега (пак на избори!) се бара Македонец што ќе го спроведе тоа! Драги мои, така стојат работите во овој момент на овој дел од светот, да не се залажуваме. Оставете ги меинстрим-политиките и политичарите, кои го кажуваат тоа што е конјуктурно да се каже. Така е тоа со сите денес. Не само со политичарите во малите земји како нашата туку и со политиката и политичарите во големите европски земји како Франција и Германија. Таму изборот е или затворете ја устата или дајте оставка и напуштете ја политиката, а ние ќе најдеме некој со веќе сошиена муцка! Таа европска стварност, која почна со првата заливска војна со Ирак 1991 година и трае до последната заливска воја со Сирија вo 2011 година, полека ама сигурно се ближи кон својот крај. Ако претседателот Трамп победи на годинашните американски избори, тој крај ќе дојде малку побрзо. Но и без тоа, ќе дојде. Циклусот привршува, па циркусот ќе се крене и ќе замине, на некое друго „нееманципирано“ место на светот!
Тој циклус-циркус започна во осумдесеттите, се реализира на почетокот од деведесеттите со распадот на Советскиот Сојуз и Источниот блок, ескалира со распадот и војните во поранешна Југославија, а пикот го достигна со поделбата на Украина и последната заливска криза, каде што повторно се утврдија границите на новиот свет. И сѐ додека траат тие односи, Албанците во поранешна Југославија ќе ги собираат придобивките од сојузништвото со Америка и со Германија. Тоа е така, му се допаѓало некому или не. Но сѐ има свој крај. Америка се повлекува од Авганистан. Не е ова вест. Ова е состојба. Окупацијата на оваа далечна источна земја ја започнаа Советите во осумдесеттите години, а ја довршија Американците пред петнаесетина години кога го окупираа Авганистан со намера за воспоставување демократија и утврдување на западните модерни вредности. Не успеа ниту едното, ниту другото. Само поради една причина: народот не прифати. Виетнам беше првата лекција по историја. Во педесеттите година ја започнаа Французите, а ја допишаа повторно Америте по петнаесетина години кога во агонија се повлекоа оставајќи зад себе пустош и трагедија од епски размери!
Зошто и таму не успеа истата приказна за демократија, слобода и вредности, раскажана со воена сила од Давидови големини? Затоа што голијатот, народот на Виетнам не прифати и се бореше против тоа. Има ли ова решение? А спас, пак прашувам, онака чинговски?! Спасот е чесен мир сега или нечесна војна во иднина! Затоа што сето она што нема да се договори со арно и за едната и за другата страна, на крајот ќе нѐ однесе до конфликт во кој победникот ќе земе сѐ! Сосема е јасно, Албанците во Македонија си ја зедоа одлуката во свои раце: мир сега или војна утре. Тие најпосле го добија она што толку многу го посакуваа и за кое четири децении се бореа и водеа војни во Косово и во Македонија – а тоа е правото да одлучуваат за сѐ! Но, драги мои, тој што одлучува за сѐ, тој и одговара за сѐ! За дваесетина дена од сега, на средината од ова лето божје 2020 г. ќе биде сосема јасно дали ќе изберете „добре дојде во овој мир денес“ или „до видување во следната војна утре“!
„Засега без добар наслов“ е филм на српскиот режисер Срѓан Карановиќ во кој главниот машки карактер на режисер Србин го игра Македонецот Мето Јовановски, а главната женска улога на актерката Албанка, Словенката Мира Фурлан.
Тој филм зборува за забранетата љубов на двајца луѓе на крајот од осумдесеттите години што живеат во Косово, тогашна Југославија, и се борат против распаѓањето на светот што се случува околу нив, а тие не можат да го запрат! Англискиот наслов на филмот е: A Film With No Name! На македонски би се превело: Филм без име! Погледнете го филмот. За некои од вас да не мислат дека во оваа колумна опишувам настани што се случуваат тука и сега. Јас само ви раскажав еден филм без име за едни настани што се случиле некаде, не знам каде во некоја земја без име! Земајте ги пуканките и уживајте. Филмот може да почне! „Let`s start this movie again“! Пуштај мајсторе!
Авторот е режисер и универзитетски професор